Сè тече, сè се менува?

Веројатно откако постои човештвото упорно си го поставува прашањето дали светот/космосот, а со нив и историјата, се движат. Ако се движат, кон што се движат – кон подобро, повисоко и посовршено, или целиот тек на настаните е перманентно назадување, како космичко/онтолошко така и морално и историско? Меѓутоа, сеедно кој став ќе се заземе, во основа, и двата става поаѓаат од иста претпоставка. Дека, имено, светот, а со него историјата се менуваат, се движат. Сепак, колку и да се чини необично, постојат учења според кои движењето и промените претставуваат привид, кој резултира од несигурноста на човековите сетила, кои на лажен, искривен начин известуваат за светот. Кои, значи, мамат.

Веслото, нурнато во мирната езерска вода, сетилата го перципираат како да е прекршено, макар што тоа и понатаму е право. Или, се чини дека Сонцето се движи околу Земјата, макар што е обратното. Истото е и со движењето. Застапниците на ова учење (Зенон и елејците, на пример) не негираат дека постои перцепција за движење. Односно, несомнено перципираме како некои нешта да доаѓаат, како да остануваат извесно време и потоа како да си заминуваат. Меѓутоа, сето тоа е само измама на сетилата, на човековата п е р ц е п ц и ј а, која секогаш нè води во погрешна насока, додаваат застапниците на оваа теорија. Затоа, како вистинито треба да се прифати само тоа што го кажува разумот, бидејќи разумот не лаже. Тој секогаш упатува на она што е вистинито, стварно. Кое, значи, не е привид. Само оние што не се придржуваат до разумот, запаѓаат во заблуди, во погрешни мислења или доаѓаат до погрешни заклучоци. Затоа, Аристотел тврдел дека разумот, наспроти сè друго, е вистинското, вечното, божественото во човекот. За разумот не може 2+2 еднаш да бидат три, другпат пет. Затоа, разумот треба да се негува, како единствен начин човек да им се приближи на боговите, кои не се ништо друго, освен ум/разум – поентира Аристотел.

Во одреден степен, блиско до ова учење (дека движењето, самите промени се само привид) е идејата за п а л и н г е н е з а т а – за вечното враќања, како резултат на цикличното движење во космосот. Фридрих Ниче сметал дека камчето или ситното, скоро невидливото зрнце песок што сега го гледаме тука, пред нас, покрај езерото или морето, било, е и повторно ќе биде, онака како што и некогаш било, бидејќи претставува резултат на вечното повторување/враќање, како неопходен услов да се зголеми волјата за моќ. Меѓутоа, моќта за која пишувал Ниче не е моќ да се владее или доминира со другиот, уште помалку другиот да се понижи или победи, туку способност да се надмине слабоста што постои кај секој од нас. Тоа е условот за вечното, постојано напредување. И така, за навек. Во античката филозофија постои учењето за м е т е м п с и х о з а т а, кое се потпира токму врз идејата за вечното враќање/повторување. Душите, како резултат на нивната грешност, по смртта го напуштаат телото и се вселуваат во друго тело. Потоа, во трето, четврто, петто… сè додека не се исчистат од сторените недела. Ова учење може да се сретне кај Платон и орфичарите. Претходно, видливо е кај Питагора и неговите следбеници. Така, на пример, некои од старите филозофи тврделе дека Сократ, Платон, Аристотел (или кој било од нас) биле, се и наново ќе бидат. Сличнo учење се среќава и во некои источни филозофии/религии. Идејата за с а м с а р а т а, карактеристична за будизмот и џаинизмот, се базира, помеѓу другото, врз учењето за к а р м а т а, која го следи секое човечко суштество. Единствен начин за нејзино надминување е самсарата, како начин на прочистување.

Несомнено е дека во претходните учења се признава постоењето на промената, на движењето, само што тоа движење е циклично. Тоа е движење во круг, налик на лошата бесконечност, за која пишувал и Хегел. Тоа е бесконечност во која постојано, без прекин, се повторуваат едни исти нешта, без да се дојде до каков било прогрес. Значи, без создавање нешто ново. Тоа е бесконечност што и духовна и во физичка смисла убива. Хегеловата идеја за движењето (промената) има сосема поинаков карактер. Хегел сметал дека светското случување, вклучувајќи ја и човековата историја, е напредок кон самосвеста. Односно, кон слободата, бидејќи слободата е еднаква на самосвеста. Слободата е свест за самиот себе – за тоа што си, како и за тоа што би можел да бидеш. Во оваа смисла, Хегеловата концепција за историјата, како и за светот воопшто, е о р т о л и н е а р н а: вечен напредок од пониското, кон повисокото; од помалку слободното кон послободното сè додека не се оствари самиот поим за слободата. Постигнувањето на слободата минува низ три фази: теза, антитеза и синтеза. Во синтезата се обединуваат позитивните моменти, содржани како во тезата така и во антитезата. Има моменти кога помислувам дека во Хегеловата синтеза се обединуваат/спојуваат најдоброто од власта (тезата) и од опозицијата (антитезата). Само што најчесто, барем кај нас, тоа не е можно, бидејќи не постои вистинска власт, ниту вистински опозиција. Освен, се разбира, во некои ретки исклучоци, кои и кога се ретки ги нема.

Хегеловиот дијалектички пристап своите корени/зачетоци ги има во античката филозофија. Еден од филозофите кон кого Хегел чувствувал посебна почит е Хераклит, познат и како Хераклит Темниот/Мрачниот/Опскурниот, како поради тешкиот стил на пишување така и поради презирот што го имал кон масите. Познат е, помеѓу другото, и по тезата „Panta rei“, која е во целосна согласност со неговото тврдење дека ништо во овој свет не останува такво какво што било и таму каде што било. Оттука, и резултира неговото тврдење дека двапати во иста река не може да се влезе, не само затоа што водата изминала, туку и затоа што и ние што влегуваме во водата/реката, секој миг се менуваме.

Додека го пишувам текстов, пред мене забележувам примерок на весникот „Нова Македонија.“ Прекинувам со пишувањето и почнувам да го прелистувам. На страниците 2 и 3 читам дека во Куманово биле организирани демонстрации, предизвикани од уписната политика во средните училишта за припадниците на албанската националност. Понатаму, во извештајот се додава дека намерите на организаторите сепак биле поинакви, а не образовни. Општата оцена е, се подвлекува во текстот, дека „…демонстрациите во Куманово се плод на континуираното дејствување на албанските националисти и сепаратисти, инспирирани и со широка поддршка од Косово“. Овие демонстрации ги осудил и Сојузот на борците од Куманово, кој на седницата на Општинскиот одбор нагласил дека „…нема да се дозволи Косово да се пресели во Македонија“. Тоа значи дека и борците не сакаат косовизација на Македонија. На наредната страница, читателите се информираат за некои несакани настани во Тетово, меѓу кои се и меѓуетнички тепачки, инспирирани, како што пишува, од одредени припадници на албанската националност. Паролите „Косово Република“ веќе станале вообичаена појава. Читам и пренесувам дел од она што го прочитав во „Нова Македонија“. Претпоставувам дека некој ќе помисли дека овие информации не се ништо ново. Се согласувам. Сепак, има мал и навидум небитен детаљ. Она што го цитирав преземено е од „Нова Македонија.“ Меѓутоа, тоа е примерок од 2.9.1988 год., бр. 14947. Значи, информациите што ги пренесов се стари 35 години. Меѓутоа, сеедно што оттогаш изминале толку години, македонското општество во многу сегменти се соочува со истите барања и со истите проблеми. И тогаш, како и сега, на некои албански политички средини им сметаше Уставот, макар што во тоа време во Косово постоеше Академија на науките и уметностите. Постоеше и универзитет на албански јазик. Ова покажува дека проблемот не е во Уставот и законите, ниту е само образовен. Проблемот е од сосема поинаква природа и тоа треба да се има предвид.

Како и да е, по она што го прочитав во тогашниот број на „Нова Македонија“, повторно се сетив на Хераклит и на неговото учење дека сè тече, дека сè се менува. Се сетив и на неговото мислење дека двапати во иста река не може да се влезе. Сеќавајќи се на ова, помислив колку само бил наивен кога верувал дека сè во овој свет се менува и придвижува кон нешто подобро, заедничко и зближувачко. Сепак, можеби Хераклит и не бил толку наивен, туку само љубовта кон вистината, кон она што навистина е, прекинала да постои, па затоа и понатаму се туркаат/повторуваат истите прашања/проблеми, како да не се надминати. Затоа, можеби, и понатаму се наоѓаме во истата река/кал, тонејќи подлабоко и подлабоко.

Размислувајќи за претходното, човек почнува да се прашува на што е резултат ова упорно повторување на истите нешта, од една страна и од друга, до кога ќе постои затвореноста кон другите, меѓутоа и непочитувањето на државата на која ѝ се припаѓа? И во што е, конечно, човековата проколнатост: во вечната изменливост/минливост, како што сметал Хераклит или во вечната неизменливост, од која никако да се излезе?