На годишнината од Курската битка (јули 1943 година) Едно необично искуство од детството и созревањето во време на раниот социјализам и потоа
Во канцеларијата на татко ми, во зградата на Радио Скопје, во 1950-тите години имаше макета на тенк со големина на училишна торба. Ми личеше на скапоцена играчка што случајно залутала во канцеларија наместо во некоја детска соба. Бев многу мал за да сфатам дека и возрасните си имаат свои играчки – симболи, а не само децата. Тенкот беше направен од масивен сивкастобел алуминиум. Имаше долга цевка, која заедно со куполата можеше да се движи во круг. Гасениците, исто така, беа подвижни. Како да беше штотуку излезен од некаква волшебна работилница на вешт мајстор. Стоеше на постамент на работната маса. Во центарот на постаментот имаше метална плочка на која пишуваше: Т-34. Години подоцна разбрав дека тоа беше ознаката на славниот советски тенк од Втората светска војна.
При првата средба со „Т-34“ во канцеларијата на татко ми не знаев речиси ништо за Втората светска војна, а уште помалку, за улогата на ова ремек-дело на воената технологија во битките со германските „леопарди“, кај Курск, во јули, 1943 година. Зградата на Радио Скопје беше една од првите врати низ која влегував во светот на возрасните. Кога во една пригода, татко ми, за првпат, ме зеде кај него на работа, останав стаписан, не само од тенкот туку и од сето она што го видов и доживеав таму. Сѐ беше толку необично и поинакво! Најпрво, кај главниот влез во зградата мораше да се помине покрај едно лице во униформа, кое ги поздравуваше познатите, а непознатите ги легитимираше. Се сеќавам на мирисот и на придушената светлина во ходниците додека се движевме кон канцеларијата. Таков мирис немав никаде почувствувано. Ни во училиштето, ниту во четирикатницата во која живеев, ни во фискултурната сала на друштвото „Партизан III“ во кое татко ми ме беше запишал уште во трето одделение, ни во нижото музичко училиште, во кое ме запиша веќе во прво одделение. Мирисот во внатрешноста на зградата на Радио Скопје не беше свеж, но не беше ни тежок. Имаше нешто посебно што му даваше некаква мистичност, како во црква.
За мене тенкот беше магнет што ме влечеше кон зградата на Радио Скопје. Се наоѓаше на улицата Карл Маркс, во близината на раскрсницата со улицата Народен фронт, блиску до мојата осмолетка „Гоце Делчев“ и не многу далеку од моето маало Млин Балкан во центарот на градот. Кога понекогаш ќе се најдев во канцеларијата на татко ми, се чувствував како да сум стапнал директно во светот на возрасните. Во една пригода, по часовите, се осмелив да дојдам сам кај татко ми. За среќа, чуварот ми кажа дека татко ми е тука, во зградата, и дека можам да го почекам во канцеларијата. Бев многу возбуден. Требаше сам да поминам низ ходниците за да стигнам до канцеларијата. Тоа не беше толку едноставно. Не само поради придушената светлина во ходниците. Требаше да се помине и покрај главното студио. На вратата на студиото имаше некаква светилка со придушено црвено светло, кое се палеше и гасеше рамномерно. Притоа, можеа да се забележат буквите „се снима“. Владееше апсолутна тишина. Единствен знак на живот, јасно видлив, но безгласен, се забележуваше кога поминував покрај една просторија, чија врата во тој момент беше подотворена. На едниот крај на просторијата, во горниот дел, гледано од надвор, се гледаше еден простор заграден со големо стакло, како прозорец. Низ стаклото можеа да се видат луѓе со нешто на ушите (тогаш не знаев за слушалки!) како зборуваат во некакви железни мрежести направи големи како тупаница (не знаев ни за микрофон!). Најчудно од сѐ ми беше што не се слушаше никаков звук. Глетката беше како од нем филм, но со живи луѓе, како филмско платно во стакло. Црвената светилка над вратата рамномерно трепереше и покажуваше дека се снима.
Штом ќе ги совладав сите овие пречки и возбудувања, од кои во почетокот срцето ми чукаше како да ми се качило во вратот, ќе се најдев во спасоносната прегратка на канцеларијата на татко ми. Таму ме чекаше уште поголемо возбудување. Но за разлика од чудото од живи луѓе што зборуваа, а не се слушаа, ова чудо ми беше на дофат на раката. Тоа беше мојот „Т-34“. Го држев во раце со стравопочитување. Го пипкав со нежност, му се одушевував. Бев сам со него, препуштен на фантазијата. Таму се чувствував безбеден. Татко ми работеше сам во канцеларијата. Имаше големи кожени фотелји, кои мене ми изгледаа огромни и често се прашував зошто мора да бидат толку непотребно големи – со дебели потпирачи за главата и со претерано широки потпирачи за рацете. Сакав да седам во нив, да пропаднам во нивната удобна внатрешност. Се чувствував многу убаво и важно.
И колку да го обожував тенкот, никогаш не посакав да го имам дома. Го сакав, но не помалку од него ме привлекуваше просторот во зградата на Радио Скопје, мистичноста на ходниците низ кои морав да поминам за да стигнам до него. Ги сакав внатрешноста на канцеларијата, тишината и важноста на атмосферата во неа. Светот на возрасните, овде, во канцеларијата на татко ми, не ми беше туѓ. Во тој свет сакав да бидам сам, да уживам и да му се одушевувам на тенкот, непопречуван од никого.
За детската радио драма, за Коле, Дади, Зафир, Љупка, Стевче
Во една пригода, поминувајќи покрај главното студио на Радио Скопје, внатре забележав деца. И тие, како и возрасните, имаа слушалки на ушите и зборуваа во мрежестите тупаници пред себе. Во еден момент ми се пристори како возрасните (што ги имав предходно видено во студиото) наеднаш да се смалиле и се престориле во деца. Бев многу изненаден. Рака на срце, бев и малку разочаран што, во тој момент, не сум единствено дете во зградата на Радио Скопје. Во првиот миг, присуството на деца во студиото ми изгледаше како „скрнавење“ на просторот што го замислував дека му припаѓа само на светот на возрасните. Го сметав за свет простор.
„Што бараат тука деца“, си помислив!
Присуството на деца не ми се поклопуваше со важноста на просторот и на зградата на Радио Скопје, како што јас си ги доживував. Подоцна, татко ми ми објасни дека децата што сум ги видел зад стаклото на студиото се членови на Детската радиодрама. Тогаш се сетив дека на радио имав слушнато деца како глумат на радио. Според изгледот, повеќето од нив ми изгледаа две-три години постари од мене.
Децата што ги видов тој ден беа од славната пионерска генерација на Детската радиодрама на Радио Скопје – Коле и Дади Ангеловски, Зафир Хаџиманов, Љупка Димитровска, Стевче Ацески. Интересно, никогаш не посакав да станам член на Детската радиодрама, да станам „глумец на радио“. Ниту пак, татко ми, кога било ми навести таква можност, ниту ме охрабри да се зачленам во Детската радиодрама. Веројатно сметал дека сум и онака доволно заглавен со виолината во нижото музичко училиште.
Епилог: „Т-34“, вторпат
Некои слики од детството излегуваат од скриените ковчежиња на сеќавањето на неочекуван начин, како што беше случај со советскиот „Т-34“. Тенкот од детството, заедно со зградата на Радио Скопје, неповратно исчезна во земјотресот од 1963 година, но сеќавањето за него повторно излезе на површината триесетина години подоцна. Го запознав неговиот наследник, „Т-64“, во природна големина. Во октомври 1989 година, во Сојузното министерство за надворешни работи во Белград, ги имав започнато подготовките за преземање на должноста југословенски амбасадор во Картум, Судан. Тие вклучуваа и обиколки на институции во сите шест републики, како и посети на неколку точки што се сметаа за инструктивни за идните амбасадори. Ја посетивме елитната тенковска единица на Бањица, на периферијата на Белград. Според командантот, посетата на овој објект на Југословенската народна армија требаше да ни покаже дека ќе претставуваме „не само почитувана туку и моќна земја, можеби не толку економски, колку дипломатски и воено“. Само две години подоцна, нејзината моќ се растопи во крвавиот распад што го означи и нејзиниот крај.
Командантот на единицата со гордост ни ги покажуваше тенковите наредени како на парада.
– Ова е најдобриот тенк во светот, во моментот. Од нашите советски пријатели од пред неколку години имаме добиено лиценца за негово производство во нашите домашни фабрики. Делови за тенкот се произведуваат во погони во речиси сите наши братски републики – објаснуваше командантот.
– Нека видат и нека сфатат сите наши пријатели, а особено непријатели, со кого си имаат работа – додаде на крајот.
Не звучеше заканувачки. Повеќе како механички да повторуваше нешто што рутински им се кажуваше на младите регрути на часовите по морално-политичко воспитување за време на служењето на воениот рок во ЈНА.
Сигурен сум дека во тој момент и во тоа избрано друштво на идни амбасадори, бев единствениот со „ветеранско“ искуство за тенковите од оваа класа, што го имав стекнато со славниот претходник на овој тенк, мојот „Т-34“ од детството. Во тие моменти во мислите му бев бескрајно благодарен на татко ми. Со нежност се присетив на него, на миговите што пред повеќе од триесет години ги поминав во неговата канцеларија. Бев горд на него. Децата уште на мала возраст имаат порив да видат кај им работаат татковците и мајките. Тоа е потсвесна и инстинктивна потреба да ѕирнат, макар за миг, во светот на возрасните, во кој припаѓаат нивните родители кога не се дома. Веројатно, татко ми, не бил ни свесен дека со тоа што како многу мал ме нoсeл кај него на работа, во неговата канцеларија, ми овозможи да ѕирнам во просторот на неговото друго – јас, кое е поинакво од она дома. Децении подоцна истото тоа го видов кај моите деца. Додека ги набљудував со каква љубопитство и порив сакаа да видат и да допрат сѐ на големата работна маса на татко им, југословенски амбасадор во Судан, се потсетив на татко ми Боро. Се видов самиот себе во нивните очи, маѓепсан од алуминиумската макета на „Т-34“ во рацете, сам во неговата канцеларија. Но зарем мораме повторно и повторно да ги преживуваме своите сопствени возбудувања и слики од детството, преку сцените во кои, ние самите не сме повеќе актери, туку се тоа нашите сопствени деца, децении подоцна? И, зошто, притоа, не можеме да ја сопреме влагата што во такви моменти ни надоаѓа незапирливо во очите? Зарем мораме постојано да бидеме свесни за „тагата на минливоста на животот“, што во некои моменти, неочекувано и болно ни ги пресекува градите и нѐ прави, за момент, да почувствуваме дека срцето ни бие посилно од обично?
Додека ги гледав тенковите, построени пред нас, идните југословенски амбасадори, се сетив дека и во Скопје, во Металскиот завод „Тито“, се изработуваа важни делови за тенковите со кои беше опремена ЈНА. За ова, во една пригода ми зборуваше и професорот на Машинскиот факултет во Скопје, Владимир Дуковски, мој школски другар од прво одделение до четврти клас гимназија, кажувајќи ми, дека при крајот на 1980-тите години, во Металскиот завод „Тито“, веќе работела нумерички контролирана алатна машина што се користела при обработката на цевката на „Т-64“ и дека биле во поодмината фаза на преговори со Москва, за испорака на одреден број такви машини во тогаш, сѐ уште, СССР, делумно произведени во МЗТ, во Скопје. Дуковски имал важен удел во тој проект. За сето ова, подоцна, им зборував и на моите студенти на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, во Скопје, на предавањата по предметот Индустриска политика. Се обидував да им ја доловам сликата за разурнувачките ефекти од начинот на кој беше спроведена транзицијата во нејзиниот економски дел – приватизација. Дотолку повеќе што ми беше добро познато дека во Хрватска и во Србија, а делумно и во Словенија, не е напуштено тоа производство до ден-денес. Дека со извоз на воена опрема, овие земји, особено Србија, остваруваат убав девизен прилив, додека нашиот Металски завод „Тито“ одамна не постои.
Владимир Петковски
Авторот е универзитетски професор и амбасадор
































