Повод: Формирање на т.н. антибалистичка коалиција составена од Украина и од девет европски држави
- Дали Европа гради нова безбедносна архитектура, структура компатибилна и блиска до НАТО, во која се обидува да ја протне и Украина? Според поранешниот офицер на шведските вооружени сили и противвоздушна одбрана, Микаел Валтерсон, ова е обид Украина постепено да стане составен дел од европската безбедносна архитектура, и тоа без формално членство во НАТО
Европската Унија одамна престана да биде само економска заедница. Со војната во Украина драматично и нагло паднаа маските во јавноста во Брисел и се разлетаа воените јастреби.
Воената опција како пат кон нова Европа
Токму затоа, најавата за формирање т.н. антибалистичка коалиција, составена од Украина и девет европски држави, не може да се гледа исклучиво низ воена призма. Иако проектот официјално се претставува како „одбранбена иницијатива чија единствена цел е заштита од балистички ракети“, според одредени европски аналитичари, политичките импликации се многу подлабоки.
Според поранешниот офицер на шведските вооружени сили и противвоздушна одбрана, Микаел Валтерсон, ова е обид Украина постепено да стане составен дел од европската безбедносна архитектура, и тоа без формално членство во НАТО.
Ако ваквата процена се покаже точна, тогаш Европа веќе не гради само противракетен штит. Таа создава нов модел на безбедносно поврзување што би можел суштински да ја промени европската военобезбедносна архитектура.
По секоја цена сакаат да ја интегрираат Украина, протнувајќи ја низ
иглени уши
Најголемата политичка тежина на иницијативата „антибалистичка коалиција“ не лежи во ракетите, радарите или во системите за пресретнување, туку во институционалните врски што ги создаваат тие.
Имено, заедничката противракетна одбрана подразбира заедничко планирање, размена на доверливи информации, интегрирани командни структури и координирани воени капацитети. Тоа практично создава функционален безбедносен простор во кој Украина би станала интегрален дел од европските одбранбени механизми, без да помине низ долгата и неизвесна процедура за членство во НАТО.
Според анализите на гореспоменатиот Валтерсон, токму тоа е суштината на проектот – да се изгради механизам што ќе ги заобиколи политичките блокади и можните вета, кои со години го следат прашањето за украинското членство во Алијансата.
Брисел чекор по чекор ја централизира европската одбрана
Во последните години, европските институции добиваат сè поголема улога во прашања што традиционално беа исклучива надлежност на националните држави. Од заеднички набавки на оружје, преку европски фондови за одбранбената индустрија, до координирано планирање на воените капацитети, постепено се создава нов систем на европска безбедносна интеграција.
Токму во таа поширока слика, Валтерсон ја сместува и оваа т.н. антибалистичка коалиција.
Според неговата оцена, станува збор за уште еден чекор во проектот што, како што тврди, бриселските либерални елити го гледаат како пат кон значително поинтегрирана Европска Унија, со сè поголеми надлежности на европско ниво. Поддржувачите на ваквиот пристап тврдат дека ваквата интеграција е неопходна поради новите безбедносни предизвици и дека Европа мора да биде поспособна самостојно да реагира. Критичарите, пак, предупредуваат дека секое ново пренесување на овластувањата ја намалува улогата на националните држави и ја засилува политичката моќ на Брисел.
Без американската технологија, Европа сè уште не може сама
Парадоксално е што токму во моментот кога Европа зборува за стратешка автономија, нејзината противракетна одбрана останува силно зависна од Соединетите Американски Држави и од Израел. Валтерсон укажува дека европската индустрија нема сопствен производствен капацитет за најсовремените ракети пресретнувачи. Германија располага со лиценца за постарите ракети „патриот ПАК-2“, но развојот и производството на поновите генерации остануваат надвор од европските можности. Тоа значи дека проектот има силна политичка симболика, но неговата практична воена реализација ќе зависи од американската технологија уште долго време.
Војната како „мотор на интеграцијата“?!
Европската интеграција отсекогаш напредувала најбрзо во услови на криза. Финансиската криза доведе до нови економски механизми, пандемијата до заедничко задолжување, а војната во Украина очигледно го отвора патот за нова етапа на безбедносна интеграција. Токму затоа антибалистичката коалиција тешко може да се сведе само на технички проект. Таа претставува дел од поширок процес во кој безбедноста станува двигател на политичкото обединување. Во тој контекст, Украина не е само партнер во воениот систем туку Брисел смета дека Украина би била „потенцијален катализатор на новата европска политичка архитектура“.
Штитот можеби е сочинет од ракети, но мотивот е политички
Дали антибалистичката коалиција навистина ќе прерасне во темел на нов европски воено-безбедносен систем останува да се види. Но едно е извесно – нејзиното значење одамна ги надмина рамките на класичната противракетна одбрана.
Според анализата на Микаел Валтерсон, проектот претставува обид Украина постепено да се интегрира во европската одбранбена архитектура надвор од формалното членство во НАТО, а истовремено да се продлабочи европската безбедносна и политичка интеграција. Либералните бриселски елити сметаат дека тоа е неопходен чекор кон поефикасна и посамостојна Европа и кон поцентрализирана унија со сè поголеми надлежности на Брисел. Но,токму по ваквиот став се судираат различни политички визии, како на пример, суверенистичката визија за иднината на европскиот проект. Р.С.
































