Фото: „Нова Македонија“

Африканската свинска треска повторно го тестира Балканот

  • Африканската свинска треска повторно го става Балканот во состојба на висока подготвеност. Србија деновиве се соочува со најсериозниот бран на болеста во последните години, а размерите на заразата веќе ги принудија државните институции да реагираат со мерки што во нормални околности би изгледало дека се драстични – масовни евтаназии, засилени контроли, вклучување на полицијата, армијата и на највисоките државни структури во координацијата на кризата

Според официјалните податоци на српските власти, до 9 јули вирусот е потврден на 496 одгледувалишта во 18 општини и осум управни окрузи, при што над илјада свињи пцовисале, а близу 11 илјади биле евтаназирани како дел од мерките за искоренување на болеста. Во меѓувреме, бројката дополнително расте, бидејќи секое ново жариште подразбира уништување на целото стадо на заразената фарма.
Особено загрижува фактот што вирусот повеќе не се задржува само на малите домашни одгледувалишта. Тој веќе навлезе и во големи комерцијални фарми, што драматично ја менува сликата на кризата. Само на една фарма во Хртковци, во општината Рума, властите наредија евтаназија на околу 11.000 свињи, проценувајќи дека тоа е единствениот начин да се спречи катастрофално ширење кон другите производствени капацитети.
Министерот за земјоделство Драган Гламочиќ правилно потенцира дека африканската свинска треска не е опасна за луѓето и не се пренесува преку консумирање месо. Но токму таа информација честопати создава лажно чувство на сигурност затоа што вистинската опасност не е по здравјето на населението, туку по сточарството, домашното производство на храна и руралната економија. Историјата на оваа болест покажува дека кога еднаш вирусот ќе се прошири во популацијата на дивите свињи, неговото искоренување станува исклучително тешко. Токму затоа ветеринарните експерти најголем акцент ставаат на биосигурноста, ограничувањето на движењето на животните, строгата контрола на транспортот и брзото откривање на секое ново жариште.

Дали Македонија има причина за загриженост?

Прашањето што природно се поставува е дали Македонија има причина за загриженост.
Според нашите соговорници, одговорот на ова прашање е дека Македонија има причина да ги мобилизира своите заштитни ресурси, бидејќи состојбата во соседството е загрижувачка.
– Во Србија е загрижувачки, а Македонија треба да биде на штрек. Не затоа што постојат информации дека вирусот веќе се шири кон македонската граница туку затоа што искуството од Европа покажува дека африканската свинска треска не признава административни линии. Во повеќе европски земји ширењето било поврзано со транспорт на животни, нелегална трговија со свињи и производи од свинско месо, но и со движењето на дивите свињи, кои претставуваат природен резервоар на вирусот. Македонија има директни економски и транспортни врски со Србија. Постојат секојдневни движења на луѓе, стоки и возила. Доколку не се почитуваат ветеринарните протоколи, секој пропуст може да стане потенцијална алка во синџирот на ширење – предупредуваат нашите соговорници, универзитетски професори, при што додаваат дека дополнителен ризик претставува фактот што значителен дел од домашното свињарство во Македонија сè уште се одвива на мали семејни фарми, каде што нивото на биосигурност честопати е значително пониско отколку кај големите индустриски производители. Токму таквите стопанства се најранливи при појава на вакви заболувања, велат тие.

Економската цена е многу поголема од ветеринарната

– Африканската свинска треска не предизвикува само пцовисување на животните. Таа носи забрана за трговија, прекин на извозот, уништување генетски материјал што се создавал со години, финансиски колапс на фармите и долгорочни последици врз целата месна индустрија. Европското искуство покажува дека државите што навреме не воспоставиле строга контрола подоцна плаќале огромна економска цена преку милионски штети и нарушување на синџирите за снабдување – тврдат нашите соговорници, професори на Земјоделскиот факултет во Скопје.
Затоа сегашните мерки во Србија, иако изгледа дека се сурови, всушност претставуваат обид да се избегне уште поголема катастрофа.
– Балканот одамна покажа дека заразните болести кај животните не остануваат локален проблем. Доволно е да се потсетиме на претходните епизоди на африканска свинска треска во Хрватска, Босна и Херцеговина, Бугарија и во Романија, каде што ширењето на вирусот бараше години за ставање под контрола и предизвика значителни економски загуби. Затоа сегашната состојба во Србија треба да се сфати како регионално предупредување, а не како изолиран национален проблем – анализираат нашите соговорници, кои веќе имаат искуство од соочување со ваков вид проблем.

Не е време за паника, туку за дисциплина

– Македонија во моментов нема причина за страв, а уште помалку за некаква паника. Но има сериозна причина за превенција. Засилени ветеринарни инспекции, контрола на транспортот на животни, мониторинг на популацијата на диви свињи, едукација на одгледувачите и брзо пријавување на секој сомнителен случај треба да бидат приоритет. Африканската свинска треска не убива луѓе. Но може да уништи цели фарми, да остави без егзистенција стотици семејства и да предизвика сериозни потреси во производството на храна. Во време кога Европа се соочува со голем број кризи – од климатски екстреми до геополитички турбуленции – секоја нова епизоотија станува и прашање на национална безбедност. Србија денес ја води таа битка. Прашањето е дали остатокот од регионот ќе ги извлече поуките навреме или повторно ќе реагира дури кога вирусот ќе затропа на врата, поентираат на крајот на разговорот нашите соговорници, искусни универзитетски професори од Скопје. Е.Р.


Од НАШ агол

Да не се дозволи болеста кај животните да стане прашање на национална безбедност

  • Африканската свинска треска одамна не е само ветеринарен проблем – таа е тест за способноста на државите да ги заштитат храната, економијата и
    сопствената биосигурност

Кога јавноста ќе слушне дека африканската свинска треска не се пренесува на луѓето, првата реакција обично е олеснување. Но токму тука завршува медицинската, а почнува економската и безбедносната приказна. Во современа Европа, оваа болест одамна престана да биде исклучиво ветеринарен предизвик. Таа стана прашање на безбедност на храната, национална биосигурност и економска стабилност.

Ударот на болеста на поразвиените стопанства

Последните неколку години, предизвикот со африканската свинска треска најдобро го покажа својот лик во искуствата на Романија, Полска, Германија, Италија и на Хрватска. Само во Романија, каде што болеста со години циркулира меѓу домашните и дивите свињи, беа уништени стотици илјади животни, а земјата претрпе штети од стотици милиони евра преку изгубено производство, обесштетување на фармерите и ограничувања во трговијата. Полска, која е еден од најголемите европски производители на свинско месо, веќе неколку години инвестира десетици милиони евра во надзор, лабораториски системи, контрола на дивечот и биосигурност, свесна дека секое ново жариште може да ја наруши конкурентноста на целиот сектор.
Германија, пак, по појавата на вирусот кај дивите свињи во 2020 година, веднаш се соочи со забрани за извоз на свинско месо кон повеќе азиски пазари. Финансиските последици беа огромни, иако болеста не претставуваше никаква закана за здравјето на луѓето. Тоа беше уште една потврда дека денес вирусите кај животните можат да предизвикаат економски потреси еднакво сериозни како и многу човечки епидемии.
Затоа европските институции сè почесто зборуваат за концептот „Едно здравје“ (One Health), кој ги поврзува здравјето на луѓето, животните, животната средина и сигурноста на производството на храна. Во тој контекст, африканската свинска треска претставува закана за целиот синџир на снабдување – од фармите и кланиците до прехранбената индустрија и потрошувачите.

Предизвикот за Македонија

За Македонија ова прашање има дополнителна тежина. Земјата има релативно мал, но чувствителен сектор за свињарство, во кој значителен дел од производството се одвива на мали семејни фарми. Токму тие, според европските искуства, се најранливата алка доколку вирусот навлезе во земјата. Последиците не би биле само ветеринарни туку и економски, односно со намалено домашно производство, поголема зависност од увоз, раст на цените на месото и дополнителен притисок врз и онака ранливата прехранбена безбедност. Затоа кризата во Србија не треба да се набљудува како туѓ проблем. Таа е предупредување за целиот регион дека биосигурноста не е бирократска формалност, туку суштински дел од националната безбедност. Во време кога Европа е соочена со геополитички кризи, климатски промени и нестабилни пазари на храна, секое ново жариште на заразна болест кај животните претставува дополнителен удар врз економската отпорност на државите.
Затоа, вистинското прашање не е дали Македонија ќе биде погодена, туку дали ќе биде доволно подготвена доколку вирусот се појави. А искуството на европските земји покажува дека цената на превенцијата секогаш е многу помала од цената на доцната реакција. Само државите што инвестираат навреме во ветеринарните служби, лабораториските капацитети, контролата на движењето на животните и едукацијата на одгледувачите успеваат да ја ограничат штетата. Другите, за жал, ја плаќаат сметката со уништени фарми, изгубени пазари и милионски економски последици. Е.Р.