Шоуто на Боки 13

Продолжува судското шоу со Бојан Јовановски, најпопуларниот станар во македонските затвори. Познат како Боки 13, тој ги фрли во сенка сите други затвореници, дури и оние што лежат за висок криминал и оние што себеси се сметаат за борци за Македонија, а се осудени под обвинение за тероризам. Кога би биле применувани американските практики, судските процеси против него би биле именувани „Системот против Боки, Боки против системот“. Секој суденик, осуденик или затвореник минува низ своја голгота, но само на Боки е закитена со златни синџирчиња, со бунди и шарени пердуви, со негов личен гламур и особен придонес за нештата да бидат понејасни.
Бојан Јовановски, алијас Боки 13, не е секојдневна персона. Експресната метеорска слава ја стекна низ афери испреплетени со музика, политика и секс без дроги. Шоумен, водител, имитатор, пејач, менаџер, газда на телевизија се занимања што се редат во неговиот краток работен регистар. Воочлив, замазнет, полничок маж на тенки штикли и шарени чорапи, во блиски врски со половина членови на една од владите на Северна Македонија, љубимец на поранешниот премиер и неговата свита. Боки 13 можеби е единствениот човек од негов профил што со премиер на држава има разменето стотици телефонски СМС и фотографии и остварено други видови комуникација. Со епилог – Боки осуден за едно дело на девет години затвор, премиерот во абдикација.
Необјасниво е политичкото влијание на Боки во тој период. Тој, директно или посредно, е решавачкиот фактор да се урне дел од правниот систем на државата, срамно да згасне специјалното јавно обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите. Тоа е она обвинителство што требаше да ги расчисти сите сомнежи и обвинувања изнесени од прислушуваните разговори од страна на полицијата и нејзините служби. Кога Боки проговори, слушаните разговори онемеа.
Аферата „Рекет“, за која Боки доби деветгодишна казна, беше таа пресвртна точка кога Обвинителството беше ставено на столбот на срамот и кога најголем дел од прислушуваните разговори испарија како пролетен облак. Настрада кој настрада, другото како никогаш ништо да не било.

Боки е единствениот осуденик од „високото општество“, зашто само тој е осуден за една скапа чанта (торба) од брендот „луј витон“, во која имало 1,5 милион евра. Ставени се во нечиј џеб, но не се најдени. И никому не му е јасно како една 75-годишна баба во еден ден подигнала 750 илјади евра од банка, а никој не ја знае бабата и што купила со парите. Или некому му ги дала, на некое ен-ен лице, познато по иницијали, но не и по име, во согласност со законот.
Торбата фати нозе, исчезна, цела полиција и цело обвинителство, иако поминаа години, не може да најдат кај се парите. Каде е милионот? Навистина за некои македонски политичари, министри и бизнисмени, милион евра е мала пара, полни торби пари минуваат од раце во раце безмалку секој ден, но тие не со луксузни „луј витон“. Кај нив торбите се поскромни, но добро издржливи, ги собираат еврата и кога се повеќе од милион само од една зделка. Можеби Орце Камчев, во договор со некој друг го урна СЈО, но без Боки како маша таа уривачка ќе беше далеку потешка, а можеби и Катица Јанева ќе поминеше полесно, освен со прочуениот мебел што го прикажуваа во директен телевизиски пренос.
Ураганот Боки 13 ја зафати и СДСМ, владејачката партија. Бојан Јовановски, од поранешниот премиер Зоран Заев означен како „еден педер“, е црвот што му ја нагриза вештачката кадровска структура на партијата. Преку Боки и заради Боки и покрај демантите за блиските односи со него, поднесе оставка Александар Кирацовски, генералниот секретар на СДСМ, формално втора-трета партиска личност по функција. Во аферата „Меѓународен сојуз“ е замешана Фросина Ременски, веќе разрешена потпретседателка на партијата и пратеничка, која за својата судбина не го обвинува Боки, но ги обвинува полицијата, партијата, Обвинителството. Боки во затвор, а кратко потоа оставки поднесоа Радмила Шекеринска, Мила Царовска и други, да не редиме. Стефан Богоев, другар на Боки, ги изгуби изборите во Карпош, Зоран Заев бивш другар на Боки транзитира во бивш претседател на партијата и на Владата.
Боки 13 сигурно не може да се спореди со Григориј Распутин, „лудиот монах“ што се прочу како спасител и најслободен гостин во царските одаи на руската династија Романови. Но сличности има по сликите што можеа да се видат на телевизија, како во одаите на изнајмениот сарај на Боки во селото Орман дефилираат познати фаци од политичкиот „џет сет“, оние што носат чанти од три-четири илјади евра, штикли од иста или поголема вредност, машки часовници што вредат колку десетгодишни приходи на некој со нов износ на минимален доход.

Кога Боки заглави во јамата што и сам си ја копаше, иако високорангирани, неговите гости изигруваа невини дами и наивни господа. Го оставија како домашно милениче фрлено на улица. Премиерот Заев можеше да издејствува аболиција за своето другарче, но, најверојатно, поучен од сопствениот пример кога беше аболиран од Црвенковски, се уплаши да не се повтори историјата – аболираниот Боки да стане нов премиер. Токму во време кога Бојан најавуваше дека еден ден ќе биде поголем од Тито.
Посебно место во македонската наивна епистоларната литература заземаат отворените писма што Боки ги испраќа од затворот во Идризово на една од најпознатите адреси во Северна Република Македонија – нејзиниот претседател на Владата, главниот владетел во државата што ни крива ни должна си го смени името. Овој „еден педер“ од студената ќелија ќе испише страници и страници во кои на својот бивш другар на највисоката функција ќе му држи часови по морал и „поштење“ маркирајки го како „најпластичниот пример што ќе го памети оваа држава по анархија, предавство, криминали, корупција и лаги, а најмалку по вистинска демократија!“ Свесен дека со отворено писмо ѕид не се урива, Боки сепак, гаеше надеж дека некому ќе му ја разбуди совеста. Несвесен притоа дека има голема разлика меѓу човековата и политичката совест, на црна сметка на човековата.

Како што многу работи во Македонија брзо се попретуваат со пепел така се случи и со мистеријата околу телевизијата под име А 1, која формално беше негова сопственост. Ќе остане тајна кој му ја даде во раце таа најскапа медиумска играчка, кој му ги поттури дел од најизвиканите новинарски предатори како главни уредници и водители, за која цел и во чија корист. Телевизија, која само што светна – угасна. Речиси копија на ТВ НОВА на Сеат Кочан, тогаш под капата на Никола Груевски. И во едниот и во другиот случај цел политички естаблишмент се туркаше да биде сликан и виден, а потоа се правеше недоветен. Телевизиски омај: надвор сјај, внатре беда.
Боки 13 стана олицетворение на политичката блудност во Македонија, на валканите, заткулисни игри кроени во елитни кабинети. Неговите афери го откриваат лицето на целокупните состојби во политиката и бизнисот, испреплетени со евра и блиски врски од трет вид. Боки 13, меѓу другите, го доразголи целиот правен систем, кој и инаку е гол до гола кожа, така велат експертите. Серијалот на неговото политичко, телевизиско и судско шоу, три во едно, продолжува со нови епизоди, овој пат снимани со помалку камери и без нужен гламур. Но и натаму во фокусот на камерата ќе бидат политиката и нејзината темна страна.

[email protected]