Уставниот суд парадоксално моќен квазиполитички актер

Иако уставните судии сакаат да се гледаат себеси така, тие кај нас се
доживуваат како, во суштина, политичари: политички актери што
сакаат да го обликуваат светот за да одговара на нивната идеологија и кои го користат правото како алатка за постигнување на таа цел

Раѓањето на македонскиот Уставен суд се чини како политичка шега. Од оваа дистанца станува очигледно дека креаторите на правото и политичарите во законодавната сфера немаа намера да создадат суд способен да спроведе робустен модел на судска ревизија. Да нема заблуда. Мора да се признае дека основата на секој устав е „политичка концепција“ и уставите имаат политички карактер. Претставничката демократија генерално се карактеризира со нераскинлива поврзаност на правото и политиката. Западниот поглед за политизација на проблемот со уставната контрола се состои во признавање на политичката компонента во уставната контрола. Некои истражувачи ги нарекуваат одлуките на уставните контролни органи „манипулативни“. Така, тие го нагласуваат огромното влијание на овие органи во политиката и нивната политичка природа. Нашиот Уставен суд досега најдобро го потврдува тоа. Конечно, самиот устав како предмет на гаранција е политички документ. Анализата на практиката на уставната контрола покажува тенденција на политизација во негативен контекст. Но некои истражувачи веруваат дека политизирањето на уставната контрола е доблест, бидејќи помага да се обезбедат консензуални услуги во рамките на поделбата на власта. Затоа да бидат мирни уставните судии кај нас. Подоблесни не можат да бидат.
Ако порано и имав некои дилеми во контекст на правото и правната држава во Македонија, веќе ги немам. Правото во Македонија служи како „маска и штит“ што ја замаглува политичката суштина на судската практика на Уставниот суд. И така ќе остане сѐ додека јазикот на правото во Македонија е омеѓен со поранешните југословенски граници. Без Словенија. Немам дилема дека Уставот на оваа држава не е вредносно неутрален; дека не е проста „демаркација на институциите и процесите“, туку дека ги изразува основните вредности на демократијата, кои мора да добијат правна интерпретација. Да, целосно го прифаќам и почитувам принципот на легалитет како заокружен концепт на држава положена на правото; но, за мене позитивното право не е просто формално легалитет, туку интерпретација и апликација на правните норми, кои се подредени на нивните основни цели; правото мора да биде оценувано низ основните вредности на демократија инкорпорирани во новиот устав, а примената на правните норми од овој акт ќе биде премерувани низ новите вредности инкорпорирани во него.

Тоа значи дека кога постои континуитет на правото од претходниот систем, мора да постои дисконтинуитет во вредностите од стариот режим. Поточно кажано, старото право мора да биде интерпретирано во светлото на новите демократски вредности. Токму тоа е поентата на правната сигурност на која заборави Уставниот суд во своето функционирање во независна Македонија. Затоа Уставниот суд никогаш докрај не успеа да изврши правна делегитимација на поранешниот режим како основен услов за аплицирање на принципот на правната сигурност.
Она што исто така Уставниот суд не успеа да го направи сиве години на независна Македонија е да изгради јуриспруденција, која ќе можеше да биде разгледувана како компаративно конструирано заедничко разбирање на демократскиот конституционализам. Она што го направи е прифаќање континуитет и компатибилност на претходниот и новиот правен систем, без да го истакне новиот квалитет на политичкиот систем што почнавме да го градиме. Политички систем што е фундаментално различен од претходниот. За Уставниот суд немаше дилема дека принципот на владеење на правото во државата станува реалност кога Уставот вистински и безусловно се применува и имплементира. Барем на хартија. Притоа заборави дека промената на правниот систем, во контекст на промената на политичкиот систем, е можен само доколку правото и институциите надлежни за негова имплементација бидат хармонизирани со новиот устав. Новиот вредносен систем изразен низ нормите на Уставот мораше да биде преточен низ правото и инкорпориран и применет во целото општество. Ова е оној вистински концепт на владеење на правото што државите во транзиција го следеа и услов новиот устав да стане реално применлив. Поточно, да биде хармонизиран со реалноста. За уставниот суд сиве години таа реалност остана онаа од пред деведесеттите. Затоа неговите судии во аплицирањето на принципот на владеење на правото во државата никогаш не излегоа од социјализмот со човечки лик.
Можеби ниту една институција не служи како подобар пример за промена на ставовите кон институциите на државата од судството, а конкретно на Уставниот суд. Традиционалните идеи за правото сметаат дека судиите носат одлуки врз основа на непристрасна примена на законот и фактите што се прифатени, без да се земат предвид политичките последици од таа одлука.

Иако уставните судии сакаат да се гледаат себеси така, тие кај нас се доживуваат како, во суштина, политичари: политички актери што сакаат да го обликуваат светот за да одговара на нивната идеологија и кои го користат правото како алатка за постигнување на таа цел. Затоа Уставниот суд кај нас не е ништо друго од алатка на политиката, а неговите судии не се доживуваат поинаку освен низ призмата на партизираност или идеологија. Во ваков уставен хаос што го имаме денес (не дека не сме го имале порано) кога основните правила на политичкиот живот се неизвесни, мала е веројатноста дека Уставниот суд би можел да излезе од сликата за себе за парадоксално моќен квазиполитички актер. Да напишам дека со тоа е загрозена нашата демократија е клише. Или дека поради континуираната политизација на Уставниот суд нашиот трипартитен систем на поделба на власта не може да функционира. Затоа дајте не замарајте со политичките игри што се играат во моментов околу пополнувањето на испразнетите места за судии во Уставниот суд. Сѐ е веќе видено и реално ништо веќе не може да го промени политичкиот мејк ап на судот. Поточно, неговата правна безличност како и онаа на неговите судии.

Автор: Проф. Звонимир Јанкулоски