Сенката над Европа од змејот од Исток

Во изминатите неколку колумни се занимававме со руско-украинскиот конфликт од строго теориска перспектива, главно низ неколку од основните геополитички пристапи познати во теоријата. Во оваа ќе се обидеме во извесна смисла да ги сумираме и да ги аплицираме на конкретно емпириско ниво, но низ една друга (теориска) перспектива, стратегија, но и интереси – кинеската. Во овој конфликт, ретко кој во равенката ја става најголемата „непозната“, а која, чинам, има клучна улога – Кина.
Во некои од тие колумни ги споменавме американските геополитички концепции што стојат зад нивните империјални интереси и нивната меѓународна политика. Сумарно, може да се каже дека поради тоа американската политика суштински не се менува. Нивните национални интереси и нивните стратегиски планови се независни од актуелните администрации. Она што се менува се само методите, т.е. пристапите кон идентичните цели, во согласност со условите и можеби минималниот маневарски простор на различните администрации. Така, се сеќавате, на пример, дека на Трамп секој втор збор му беше „Џајна“ (Кина). Со Трамп, јасно и гласно беше кажано – најголемиот непријател на САД е Кина. Не дека ситуацијата за актуелната администрација на Бајден е различна. Рековме, целите на американската политика се исти, се менуваат методите. И за Бајденовата администрација, главен противник е Кина. Со таа разлика, што Трамповата администрација сметаше дека треба да се тргне во директна пресметка со Кина, додека Бајденовата администрација смета дека прво треба да се „пресмета“ со Русија. Но и уште повеќе од тоа. Во неколку наврати рековме, актуелните настани во историјата и геополитиката се само „логичен“ тек на некои минати. Војната во Украина не е „од вчера“. Еден од алармите за Американците беше вклучен уште кога Путин почна да ја „привлекува“ Европа со својата, главно, енергетска политика.
Во минатите колумни ја споменавме улогата на Меркел и Германија. И тогаш рековме дека со сите проблеми, со сите опструкции, Меркел успеа да го реализира „Северен тек 2“. И уште поважно, од друга страна, Путин успеа со Минските договори дополнително да ја извлече Европа од прегратките на САД. Веројатно знаете дека и т.н. Мински протокол, т.е. првиот Мински договор, од 2014-та, но и подоцнежниот од 2015 година, т.е. Минск 2, се потпишани под покровителство на Франција и Германија! За првпат во поновата европска историја, на Европа ѝ се даде шанса да биде „покровител“! Сетете се, дури и за најкрвавата војна во нејзиното срце – Босна – Европа беше само нем набљудувач, а договорот со кој ѝ се стави крај на војната во Босна – Дејтонскиот договор – беше под директно покровителство на САД. Да не зборуваме за другите балкански компромиси и договори, вклучувајќи го и Преспанскиот, а веројатно и Бугарскиот – сите до еден се со „покровителство“ на САД како главни играчи. Европа никој не ја фермаше! Путин ѝ ја даде таа шанса! Тоа го вклучи алармот на САД (се сеќавате дека Бајден реши да го осигури тоа кога го издаде предупредувањето дека секој што е противник на тие договори во регионот е американски „непријател бр 1“!?).

Затоа, првата цел од војната во Украина, САД ја исполнија – Европа е повторно под нејзиниот чадор, а можноста за соработка со Русија, на долг рок, многу долг, е загубена. Но вината за тоа ја носи и Путин. Русија има чудна судба, но и чуден карактер – од една страна има некоја „невроза за уникатност“, некоја желба да биде посебна, различна од Европа, но, од друга страна, има речиси мазохистичка желба да биде Европа! Уште по приемот на земјите од Вишеградската група во НАТО, се знаеше дека продорот на Русија во Европа нема да биде едноставен. И иако тоа дури и на самиот Путин му беше јасно, сепак се обидуваше да балансира. И покрај јасно декларираната евроазиска политика на Путин, Русија се обидуваше да остане дел од Европа, иако знаеше дека нема тукутака лесно да ја „играат“. Во една од минатите колумни зборувавме за сите формални и неформални обиди на соработка помеѓу Москва и Европа, за сите договори помеѓу Москва и Брисел. Секако, ниту еден од тие не успеа. Сè до конечното раскинување на Русија со Европа по оваа војна. По оваа војна, и руските медиуми и руските интелектуалци и стратези говорат едно – ние завршивме со Европа, Европа не ни е потребна повеќе! (Нема напис на А. Дугин, во кој тој не го говори ова.) Нејсе, Русија и Европа завршија! Остана главната цел на „пресметката“ – Кина.
А каде е сега тука Кина!? Кина е непознатата во равенката, од која зависи многу. Рековме, експанзијата на Кина ги натера САД уште многу одамна да ја одредат Кина како непријател број еден. До денес, Кина полека но сигурно го прошири своето влијание во Централна Азија, Јужна Азија, во Африка, дури и во Латинска Америка и Турција и Балканот, со што ете ја и во Централна и Западна Европа. Тоа е главната „болка“ на САД. Затоа решија: 1. расчистување прво со Русија, и тоа 2. со војна што би била поблиску до кинеската граница отколку до границите на нивните партнери во Европа и 3. обединување, т.е. придобивање на Европа на своја страна пред конечната пресметка. Со тоа, позициите за пресметката на титаните се заземени. Ова што сега го гледаме е само увертира, главното допрва следува! За жал. Во оваа пригода, како рамка за промислување на кинеската политика, ќе ја земеме нивната иницијатива „Појас и пат“ или т.н. „Патот на свилата“.

Кон земја што има стратегија стара 2.100 години, драги мои, треба да се биде особено претпазлив. Имено, „Патот на свилата“ е кинеска стратегија дефинирана уште од времето на владетелот Ву (157-87), од династијата Хан, и трае сè до падот на империјата во времето на династијата Минг (1368-1664). Патот на свилата започнува од првиот стол на кинеската империја, (Чанган) Ксиан, и оди сè до Рим, 9.000 километри Кинеско влијание: копнено од Централна Азија, преку Авганистан, Иран, Ирак, Турција, Грција, преку медитеранот до Италија и Европа, а поморски од Јужна Азија, Блискиот Исток, Африка и Европа. Нашиот „здраво за готово“ земен западоцентризам не може ниту да појми дека благодарение на овој пат, т.е. на кинеското влијание, Европа била револуционизирана. Изумувањето на хартијата, на барутот, обемната трговија, обртот на стоки и огромен капитал ја револуционизирало Европа, го овозможило нејзиниот развој, довело до засилена индустријализација, ги поттикнало ренесансата и реформацијата, а научните достигнувања ја трансформирале европската култура!
Денешниот „Пат на свилата“ или, како што официјално се нарекува, „Појас и пат“ е стратегиски кинески план за враќање на нивната доминација во светот! Тоа е централната надворешна политика на претседателот Си Џинпинг, која тој официјално ја објави уште во 2013 година! „Појасот“ реферира на копнениот пат низ Централна Азија, додека „пат“ реферира на морската маршрута низ Индопацификот, преку Југоисточна Азија, Блискиот Исток и Африка. Гледаме, се работи за истата идеја од пред два века. Колку е значајна оваа иницијатива за Кина говори и фактот што од 2017 година таа е и во Уставот на Кина, со рок до 2049-та за да биде реализирана! Досега, повеќе од 149 земји и околу 39 меѓународни организации се согласиле да се вклучат во оваа иницијатива на Кина, меѓу кои да речемe и една Италија, која во 2019-та потпиша меморандум за соработка во рамките на оваа иницијатива.
Според некои аналитичари, овој проект на Кинезите е најголемиот економски, инфраструктурен, дури и политички проект во историјата на човештвото! И навистина соработката и инвестициите на полето на образованието, културата, инфраструктурата, економијата… што ги прави Кина се импресивни. Според некои досегашни процени, над 70 земји добиле директна финансиска кинеска помош.

Иницијативата досега опфаќа веќе 65 проценти од вкупното светско население и 40 проценти од глобалниот бруто-домашен производ, а трговијата што се одвива во рамките на овие земји е 40 отсто од моменталната светска трговија. Копнениот, а особено поморскиот дел од иницијативата веќе „окупира“ неверојатен број патишта, железници и пристаништа од Сингапур, Индија, Малдиви, Африка, преку Медитеранот до Истанбул и Атина…а преку Трст во Италија, преку железничките врски, се проби сè до Централна Европа…Обемот на покривање на овој проект е толку голем што ги опфаќа земјите со три четвртини од светските енергетски резерви! Од 54 земји во Африка, Кина има договори со 42… Сето ова е доволна илустрација за каква иницијатива се работи! И зошто и од каде стравот на САД. Оваа иницијатива става крај на униполаризмот и глобалната доминација на САД.
Ова, сега поставено во светло на геополитичките концепции, јасно ја осветлува актуелната ситуација. Главен проблем на САД не е Русија, туку Кина. Враќајќи се на нашата геополитичка перспектива, ќе се повикаме на веќе споменатиот Халфорд Мекиндер и неговата „The Geographical Pivot of History“, каде што, верувале или не, уште во 1904-та, кога оваа книга е објавена, авторот предвидува раст на Кина до глобална империја! Единствената што има сериозни шанси да ги организира ресурсите на Евроазија (а значењето на Евроазија го видовме во минатите колумни), според него, е Кина. Или, поточно, кинеската соработка со Русија, според него, може да изгради непобедлив сојуз. Во еден друг негов текст од 1911 година, тој буквално вели: „Кога било овој голем народ да реши да го искористи целокупниот свој потенцијал – ресурси, индустрија, комуникација, одбрана – ќе биде неизбежно за една генерација или две да стане најголемата светска сила.“ Веќе видовме, според Мекиндер, нема позначаен географски простор од Евроазија и Африка, со Медитеранот како комуникација помеѓу нив. Овој „светски остров“ – Евроазија и Африка – сега е сериозно загрозен од иницијативата „Појас и пат“. Брилијантното разбирање на Мекиндер за односот меѓу географијата и историјата им овозможува на денешните американски стратези да ги сфатат стратегиските импликации од кинеската иницијатива „Појас и пат“, од нивната соработка со Русија и особено од економскиот упад на Кина во Африка и особено од растечката морска моќ на Кина. И тоа е доволно да се подготват за финалната пресметка. За таа цел, рековме, им треба слаба Русија, а Европа под нејзина целосна контрола! Европа, рековме, којзнае по кој пат е потчинета. Од овој судир на милениумот неизвесно е кој ќе биде победникот, Кина или САД, но едно е извесно, губитникот е Европа, која, кој и да победи, повторно ќе биде под туѓа доминација и никогаш нема да ја има улогата на „трет играч“.

Автор:Трајче Стојанов