Семакедонско обединување – со кого?

До каде може да оди газењето на човечкото достоинство во Македонија? Кој е прагот на издржливост на народот? Колку долго може да се таложат негативна енергија и гнев пред да се ослободат истите тие во општеството? Колку долго може да си поигруваат со трпението на овој народ во некојаси држава на која и името престанаа да ѝ го изговараат? До кога ќе си поигруваат со националните чувства на еден цел народ без притоа никој, ама баш никој да понесе одговорност? И дали газењето по нашето достоинство може да биде само обична бура во чаша вода, без страв дека еден ден може да се прелее? Ние не растеме ниту како народ ниту како држава знаејќи ги одговорите, туку продолжуваме да живееме со прашањата. Затоа кај нас се внимава какви прашања се поставуваат, од страв какви одговори може да добиете. Ако е до политиката и политичарите – никакви. Македонија со години е колатералната штета на амбициите на плејада ислужени европски политичари и нивните домашни миленичиња. Како врват годините така бледнеат сеќавањата. Во Македонија сме осудени на политичка амнезија. На новинари за еднократна употреба. На граѓански иницијативи со лимитиран рок. Сѐ уште ги чувам неподелените картички со слоганите за признавањето на нашето уставно име (се сеќавате на оние со слоганот „не ме викај БЈРМ“, „кажи Македонија“ и слично), како што љубоморно ги чувам за себе моите сеќавања за сите предавства на идејата за македонска држава и пазарењата со националните чувства на македонскиот народ.
Гледајќи го однесувањето на нашите политичари со години, се прашувам до каде може да оди самопонижувањето на човекот? Што е толку вредно во животот на еден човек што го тера да го погази своето достоинство? Или, можеби откако го погази на еден цел народ, газењето по своето достоинство е помало зло. Длабоко во себе веруваш дека политичарот како човек соѕидан е од принципи и затоа може и треба да му се верува. Особено кога ветува колнејќи се во деца и држејќи ја раката на срце. По толку изречени лаги, зарем има уште некој верба во политиката и политичарите во Македонија. Особено на оние од власта. Се лажете дека ниските нивоа на доверба во политичарите кај нас одразуваа здрав скептицизам од страна на граѓаните што треба да поттикнат демократска одговорност. Напротив, скептицизмот се претвора во цинизам или недоверба, а генерализираните перцепции за политичарите се доволно негативни за да предизвикаат неангажман со демократијата, или акции и ставови што се корозивни на нејзините основи. По толку лаги и предавства не остана ништо во што може да веруваш веќе. А најмалку да веруваш дека е можно семакедонско обединување. Ако некој може да поверува дека обединување е можно со оние што ги продадоа државата, нејзиното име, историја, јазик и култура и нѐ понижија како народ, нека се обиде. Но не може да бара од другите да бидат дел од еден таков лажен процес. Лажен како ветувањата и љубов за татковината чие име престанаа да ѝ го споменуваат. Обединувањето значи помирување. А помирување со злото не може и не смее да има.

За обединување сега кога општествените тензии метастазираа во опасен партиски примитивизам и исклучивост, кој сериозно ја загрозува демократијата на Македонија, премногу е доцна. Не верувам дека сега е можно обединување кога луѓето се чувствуваат предадени и измамени и кога не можат веќе и не сакаат да ги премостат овие поделби и да изградат нов пат напред. Сега кога стана невозможно да се работи заедно, да се одржи функционална демократија и да се решат итни политички проблеми на земјата обединувањето не ми изгледа можно. Она што ја дели нашата нација оди многу подлабоко од политиката денес. Ако некој не верува дека тоа е така нека го погледне одговорот на власта на повикот за семакедонско обединување. Молк. Игнорирање. Зар некој стварно поверува на поинаков одговор од власта. Зарем оние што манипулираа со бугарските летоци во деведесеттите, оние што ја гетоизираа државата, ги продадоа името и историјата, оние што нѐ обезличија како нација ќе се обединат околу идејата за Македонија? Со кого? Со Македонците? Тоа нема да се случи. Можеби најважната лекција научена од општествата во транзиција околу можноста за национално обединување е вредноста на утврдувањето на вистината за минатите неправилности и добивањето јасно артикулирано јавно признание за таа вистина од страна на оние што се на власт. А токму тоа ги плаши „државотворните“. Соочување со вистината, која е болна за нив и за нивните политики. Вистина за еден режим што никогаш не умре, туку продолжи да живее со своите предавства и својот авторитарен генетски код, метастазирајќи го здравото македонско ткиво. Со нив не е можно откривањето на наративите што нè обединуваат и пресметување со оние што нè разделуваат. Затоа наивно и, за жал, не е реално и можно семакедонско обединување. Ниту сега ниту во иднина.

Автор: Проф. Звонимир Јанкулоски