По бурна есен, слична зима

Во почетокот на септември, во колумната „По долго жешко лето, бурна есен“ објавена во ценетиот дневен весник „Нова Македонија“, укажав на проблемот со ширењето на коронавирусот во нашата земја, за здравствената и економската криза и на големата загрижувачка смртност. Во тој период во фокусот беа и локалните избори, на кои се изгласани новите градоначалници. Во октомври се случи и големата сообраќајна несреќа на наш автобус на пат во Бугарија, при што во пожар животот го загубија 45 македонски државјанин, од кои и 12 деца. Претходно во септември во пожар во модуларната болница во Тетово починаа 14 лица, а веќе над три месеци причините и одговорноста за оваа трагедија сѐ уште не се утврдени.
Во бурната есен се случи и оставката на Зоран Заев од премиер и од претседател на СДСМ. Во доцна есен во двете најголеми партии се одржаа и избори за првите личности: Димитар Ковачевски е избран за нов претседател на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, а Христијан Мицковски е реизбран за претседател на ВМРО-ДПМНЕ. Потоа можниот почеток на пристапните преговори на Македонија со Европската Унија повторно се одложи за идна пролет или лето. Всушност, бугарското вето и натаму станува сериозна кочница, а изгласаниот безвременска рок за одржување на првата меѓународна конференција меѓу Македонија и ЕУ укажува дека кај нас понатаму не треба да се шират лажни надежи со кои непотребно се иритира народот. Преговорите со Бугарија треба да бидат во рамките на усвоената Резолуција за заштита на националните интереси за македонскиот јазик, идентитет и историја. Со респект на тоа, во првите месеци од новата 2022 година се потребни и нови согледувања за наше заедничко залагање за побрз пат за влез во посакуваното европско семејство.

Во такви услови се поставуваат старо-нови дилеми за приоритетните цели во бурната зима кај нас кога СДСМ ќе предложи нов мандатор за реконструкција на Владата и имплементирање на новите договори со коалициски партнери, а ВМРО-ДПМНЕ најавува почеток на остварување на конгресните заложби во програмата „Нова генерација, за нова иднина“. Мислам дека истовремено приоритетно ќе треба да се преземат посериозни зафати и за заштита на животот и на животниот стандард, како реални очекувања на жителите во сите средини со поуспешна борба против пандемијата на коронавирусот и излез од здравствената, економската, енергетската и социјалната криза. Во спротивно тие и натаму интерактивно ќе дејствуваат на зголемувањето на секојдневните животни трошоци и на ширење на сиромаштијата, со што расте и незадоволството кај граѓаните. Тоа е поизразено кај пензионерите, кои поради возраста почесто се разболуваат, со што значително им се зголемуваат и трошоците за лекување. Животните продукти во минатите два-три месеци ненормално пораснаа, поради што Владата на заминување донесе одлука од 1 декември до 31 јануари да ги замрзне цените на брашното, лебот, шеќерот, млекото, сирењето, месото и сувомесните производи, на оризот, јајцата и тестенините. Наедно за зголемените цени на струјата околу 45.000 граѓани од ранливите категории финансиски ќе бидат помогнати со по 1.000 денари. Колку ќе помогне тоа за ублажување на последиците од верижните поскапувања ќе покаже времето. Посебно останува загриженоста за социјалната заштита на младите невработени лица, чиј број годинава значително е зголемен. Со нивни вработувања ќе се зголемат и придонесите во пензискиот фонд, ќе се намалат иселувањата и ќе се создава подобра атмосфера во семејствата. Во нашата земја соодносот помеѓу вработени и пензионери изнесува 1:1,6 што е на многу незадоволително ниво.
Проблемот со сиромаштијата е евидентен во земјите на Балканот. Така, во Албанија 51 отсто од населението е изложено на ризик на сиромаштијата, во Црна Гора 40 отсто, во Турција 38, во Македонија 35, слична состојба е и во Босна и Херцеговина, а сериозни проблеми имаат и Бугарија, Србија и Хрватска. Во сите нив се настојува да се обезбедат средства за помош и од Европската Унија. Во меѓувреме, за ублажување на последиците од коронавирусот во Србија сите полнолетни граѓани повторно се потпомогнати со по 20 евра.

Поради евидентната економска криза предизвикана од пандемијата и очекуваното зголемување на цената на струја, деновиве Сојузот на синдикатите на Македонија јавно протестираше со најава и на генерален штрајк. Притоа беше истакната потребата од 1 јануари минималната плата да изнесува 60 отсто од просечната плата или 18.000 денари. Соодветно на тоа, во духот на европските стандарди и вредности минималните пензии треба да изнесуваат 70 отсто или 12.600 денари. Најниски пензии во износ до 10.000 денари кај нас имаат околу 70.000 корисници на пензија. Просечната пензија изнесува 15.800 денари, што во однос на сегашната просечна плата изнесува загрижувачки 55 отсто. Со оглед на тоа што на сите им се зголемени животните трошоци, особено за здравствена заштита и за лекување од коронавирусот треба соодветно да растат и сите други пензии, како и плати. Познато е дека во 2021 година пензиите се усогласени само со порастот на животните трошоци, и тоа во јануари со 1,2 и во јули со 1,1 отсто Тоа е историски најниско зголемување, со што реалната вредност на пензии е опадната и не го следи трендот на зголемените плати и на растот на сите цени. Се потенцира потребата во иднина усогласување на пензиите да се врши со порастот на просечната плата и растот на трошоците на животот, за што е потребно враќање на порано стекнатото право. Тоа ќе овозможи да се подобрува материјално-социјалниот статус на пензионерите и да се спречи натамошна маргинализација на масовната пензионерска популација.

За закрепнување на економијата во нашата земја придонес се очекува да даде новата мотивација на вработените за поквалитетно производство и создавање на потребната конкурентност кон странските пазари. Во врска со тоа се и предвидувањата на Светската банка и Меѓународниот монетарен фонд дека економскиот раст на државата во идната година ќе се зголеми на 4,2 отсто, инфлацијата на 3, 9 проценти, а да се стабилизира во 2023 година и да изнесува 2 отсто. Народната банка на Македонија планира бруто-домашниот производ да изнесува 3,7 во 2022 и 3,4 во 2023 година.
Паралелно со остварување на овие оптимистички прогнози, битно е да се шири и државниот патриотизам во заштита на националните интереси со поттикнување на човечките вредности и создавање услови за достоинствен живот на сите жители. Во тој контекст се и содржините на мојата нова книга „Раскази и раскажувања“, со основна порака за човечноста, дека човек е секој чесен, добронамерен, позитивно настроен и кој се радува на туѓата среќа.

Авторот е новинар, публицист експерт за трета доба