Палачинките се знак дека Нордистан се врти кон Кина и Русија

Падна покрив врз глава на девојче во тоалет на училиште. Сосема нормално. Во цел свет паѓаат покриви на глави. Особено кај членки на ЕУ и НАТО. Таму покривите паѓаат со стил, на таванот се појавува црна дупка и научниците ги истражуваат најголемите тајни на вселената. И на самите ЕУ и НАТО им паѓа покривот на глава. Инфлација, санкции што воведуваат кон други, од таа иста глава им се удираат, си го истрошија оружјето на украинскиот фронт. И на САД само што не им паднал покривот. Кина полека го исфрла доларот од меѓународната трговија, па потпишува договори со Бразил, Саудиска Арабија и други моќни држави, во јуани. Но тоа не е важно. Битно по паѓањето покрив на глава, на таванот се појавува црна дупка исполнета со западни вредности и во неа се вшмукува бескорисната вистина.
Свесни за ова, нордистанските функционери превенираат, па за да не им падне покрив на глава, си ги покачија платите за 78 отсто. И тоа не е лошо, бидејќи ни покажува колку нордистанските функционери се паметни. Што не им текне на рударите, на пример, да си ја зголемат платата? Патем, нашиве функционери сконтаа дека црната дупка што ќе се појави, полека ќе се исполни со руски влијанија. Е сега, првиот и вториот пасус се крајно контрадикторни, ама контрадикторноста е правиот пат до вистината, сеедно што во горниот пасус таа симболично беше вшмукана во црна дупка.

Симболика. Славко Јаневски по вторпат лустриран. Првиот пат преку документи, а сега симболично, ама жестоко. Сега го лустрираа оние што најмногу врескаа против неговата лустрација. Интелектуалната бижутерија. Граѓанството луѓенца. Прогресивната, урбана и хистерична герила грантирани апологети и ЕУ-фундаменталисти. Во првиот случај беше лустриран човекот и неговите постапки, никој не го чепна творештвото, но овие другиве, богами би го забраниле како писател. Тие веднаш би ја исфрлиле песната „Цветови“ од книгите и учебниците… добро, нема учебници, па нема што да се исфрла од нив, ама и на Запад ги нема, оти се знае дека Украина е најголем производител на учебници, а таму војна… значи веднаш би го исфрлиле поетот од книгите, зашто неговите стихови, како и манифестации на кои се рецитираат, го оддалечуваат Нордистан од ЕУ. Тие факинг стихови пеат за некаквиси злосторства од минатото што демек ги сториле измислени бугарски фашисти, инаку администратори, а ние, наместо да заборавиме на минатото и да престанеме да измислуваме фашисти, сме се фатиле за песнава како слепци за ЕУ-директива, па така, ако Нордистан не влезе наскоро во ЕУ, виновни се поезијата и Евреите.
На Денот на холокаустот среќавам пријател Евреин и му велам: Слава им на починатите, да не се повтори. Ме гледа бледо и, што да не се повтори, ме прашува. Па тоа, велам, холокаустот. „Каков холокауст?“, ме прашува. Потоа разбрав дека во меѓувреме станал прогресивен, се избањал во либерална комора и веднаш заборавил на минатото.

Кога сме кај Македонците, при оној масакр опеан во песната, бугарските администратори биле предводени од Македонец што издал наредба за стрелање на децата. Значи Македонците, а не Бугарите, се фашисти, како што е јасно дека Австријците, а не Германците, беа нацисти, затоа што Хитлер е Австриец. Ете, така убаво и сликовито ќе ви објасни интелектуалната бижутерија.
И така доаѓаме до Австрија. Австриецот што го посети Нордистан ни порача дека Бугарите мора да влезат во Уставот, а австриските коцкарници да излезат од собраниски муабети, оти за разлика од македонскиот идентитет, австрискиот комар е европска вредност. Во право е. Ако веќе толку сакаме да се драпаме со коцкање, најпаметно е да го забраниме „Коцкар“ од Достоевски.
Да се вратам уште малку на интелектуалната бижутерија, оти идоли ми се. Од нив ја учам смислата на животот, па така, сфатив дека за смртта на малечката Тамара е виновен Груевски, а за смртта на малечката Јана е виновен… па, никој… ѝ дошло време да замине. Така Господ одлучил, ќе додаде логички атеистот, припадник на истата таа интелектуална бижутерија. Од нив исто така дознав дека двојазичните униформи што беа само во главите на небањатите, денес се реалност, оти оваа власт гради едно општество за сите, значи мисли и на небањати, па затоа ги зема тие униформи од нивните глави и ги вметна во стварноста. Чиста прогресивна езотерија. Или прислушувањето. Изгледа не прислушувале оние за кои сите врескаа дека се виновни, туку некои сосема други, кои прислушуваното го праќале во соседна држава. Ја чекам сега интелектуалната бижутерија да ме просветли дека ова било прогресивно и европски, затоа што е добро соседот да ги знае сите твои тајни и интими, ако не дај боже утре ти затреба помош. Од интелектуалната бижутерија уште го научив зборот феминицид. Тоа ви е еден вид геноцидно злосторство врз женската популација, освен ако не станува збор за некоја баба вмровка врз која секако дека треба да се изврши феминицид преку љубов спрема омразата кон неа, оти му се меша на премиерот во палачинки.
Палачинки се вид храна што Груевски ги приготвува заради евтин популизам, а Ковачевски за да ги јаде со семејството. Многумина го исмеваа премиерот, откако тој изјави дека прави најдобри палачинки. Мене пак ми се допадна тоа што го направи, оти во политиката, исто како и во космичките правила, ништо не е случајно. Имено, на средбата Путин – Си Џинпинг, двајцата претседатели правеа палачинки. Веднаш по нив, со свои палачинки се истопори Ковачески и, за мене, тоа е вистински политички потег со кој сака да ни каже дека Нордистан се врти кон мултиполарниот свет предводен од Кина и Русија. Е не, ќе си играме играчки. Ако САД и ЕУ фрлаат милиони за сузбивање руски влијанија, Русија без проблем од ракав вади шест милијарди евра, што значи таму е кешот. И не само затоа.

Гледате ли што се случува на Запад?
Велика Британија. Монти се скара со Пајтон. Лидерот на шкотските националисти Хамза Јусаф бара независност за Шкотска, ама британскиот премиер Риши Сунак сигурно нема да дозволи. Тоа е таа стара индиско-пакистанска нетрпеливост. Во Франција, џандарите секој ден го кршат народот од ќотек, како Французите да се Иранки, со таа разлика што низ Франција тоа е демократија, а во Иран феминицид. Урсула и Емануел ќе одат во Кина. И жестоки се. Фрлаат закани кон Си Џинпинг. Тоа е древен европски ритуал пред одење на бацирака. Во САД, пак, судството е во криза. Поради недостиг од судски нинџи, ослободен е шаманот што беше на полициска туристичка тура низ Капитол. И како сега да не фатиш да правиш палачинки според мултиполарен рецепт?