Не ја мразиме Бугарија, туку се спротивставуваме на нејзината политика

„Јас не очекувам брзо ослободување на Македонија. Тоа може дури и да не дојде додека сум жив, но јас сакам да го зачувам народот и да го организирам и, ако тоа стане, тој сам ќе си ја извојува слободата… Ние не ги мразиме Бугарија и нејзиниот народ, туку се спротивставуваме на нејзината политика, која е спротивна на нашите идеали и интереси“

– Јане Сандански

Во југозападните падини на Пирин Планина е сместено едно мало село со скромни куќи, а негова најрепрезентативна градба е една мала црква, која селаните со децении грижливо ја чуваат. Со својата надворешност, селото не се истакнува од другите мали места во Пиринскиот крај, но како симбол, повеќе од еден век е кошмар на бугарските екстремни националисти.
Но за каков кошмар говориме? Во почетокот на април 1905 година, во селото пристигнале непоканети „гости“, околу педесет луѓе. Сите биле вооружени со модерни пушки и револвери, но не биле обични разбојници и на домаќините им се претставиле како заштитници на народните интереси. Откако богато се напиле и најале, во ноќта помеѓу 6 и 7 април, „гостите“ го напуштиле селото и го продолжиле своето патување, меѓутоа не стигнале далеку. Во 23.30 часот, вооружената група наишла на заседа и настанала борба, во текот на која неколкумина загинале и повеќемина биле ранети. Неколку од „гостите“ успеале да се извлечат, а другите се предале и биле разоружени. Следниот ден, заробените биле изведени пред суд поради своите дела, четворица биле осудени на смрт и пресудата била извршена без одложување. Организаторот и водач на заседата, пред да ги ослободи другите, им препорачал: „Уште со своето идење вие го нарушивте статусот на Организацијата. Кој сака да се бори за слободата на Македонија, треба да им се потчини на револуционерните закони! Запомнете добро, нема да во дозволиме да правите лична политика со нашето свето дело!“
Неколку дена по овие настани, бугарскиот весник „Народни права“ го објавил следниот текст: „Тој говор, тоа дело, извршено на 7 април, внушува по невола почитување кон македонските борци и ги гони државните мажи да се позамислат и еднаш засекогаш да го определат своето држење кон општонародното дело. Безбожното експлоатирање на тоа прашање го очајало Македонецот и затоа ние го гледаме со меч во рака да ја пцуе Бугарија, бугарскиот кнез, бугарската влада и егзархот, сѐ што се почитува од сите Бугари.“

Пиринското село за кое говоревме се вика Кашина, а оружената заседа во историјата е запаметена како Кашинскиот настан, кога било спречено навлегувањето на врховистите во Македонија. Меѓутоа, кој е водачот и организатор на неочекуваниот напад. Неговите непријатели велеа дека се принудени да ги слушаат неговите остри зборови против „бугарскиот империјализам“, а како орудија на официјална Бугарија ги посочувал врховистите и сарафистите, но и Иван Гарванов и Христо Матов. Споменатата личност не се наметнувала само со својот фанатизам. Бил висок, крупен, стегнат во четничка облека, со голема разделна брада и со очи што пронижуваат, вистинско горско божество. Имал челична волја, а организаторските способности не му ги негирале и најголемите противници. За оние што не знаат, говориме за великиот македонски водач Јане Сандански, пиринскиот цар.
Сандански како истакната личност во македонската борба за слобода и државност, како македонски револуционер што се борел против бугарскиот хегемонизам, како најфанатичен приврзаник на македонските идеали и поборник на Македонија на Македонците, секогаш настојувал слободата да се постигне со сопствени сили и без туѓа помош. Затоа бугарските и пробугарските шовинистички кругови секогаш се обидувале да ги релативизираат неговиот лик и дело, клеветејќи го како османлиски шпион, убиец и предавник.

Но во историската меморија на македонскиот народ засекогаш ќе бидат запаметени следниве зборови на Јане: „Јас не очекувам брзо ослободување на Македонија. Тоа може дури и да не дојде додека сум жив, но јас сакам да го зачувам народот и да го организирам и, ако тоа стане, тој сам ќе си ја извојува слободата… Ние не ги мразиме Бугарија и нејзиниот народ, туку се спротивставуваме на нејзината политика, која е спротивна на нашите идеали и интереси.“
Денес, кога Македонија и македонскиот народ повторно се соочуваат со сеништата од минатото, кога повторно некој се обидува ги негира македонските особености и државност, кога секојдневно сме сведоци на повампирување на бугарскиот шовинизам и фашизам, како нација мора да се сплотиме околу идеалите на Јане Сандански и должни сме да го зачувавме и заштитиме македонскиот народ од неканетите гости.