Кризи и тарифи

Игор Шешо

Време е на енергетски, финансиски кризи, блок-тарифи, инфлации… Сето тоа, разбирливо, ни наметнува дилеми каков систем да се избере за греење/ладење, каков извор на енергија, што би било економски оптимално. Oдговорот не може да биде универзален и еднозначен за сите, потребна е соодветна анализа со точно дефинирани индикатори.

Според Европскиот завод за статистика, распределбата на вкупната потрошувачка на енергија во домаќинствата е следна: 64 отсто за топлинска енергија, 15 отсто за загревање санитарна топла вода, 18 отсто за осветлување, уреди и готвење и околу три отсто за ладење. Оттука произлегува и важноста на стручен, темелен пристап, преку примена на соодветна методологија за техноекономски оптимален избор на систем за греење и ладење (наедно и извор на енергија), како највисока ставка во буџетот на домаќинствата. Целта на овој текст е насочена исклучиво кон случаите кога се одлучува за избор на нов систем за греење/ладење, а не се однесува за случаите каде што треба да се анализира исплатливоста за замена на некој веќе постоен систем со некој поефикасен. Тоа може да биде предмет на некоја наредна анализа.
Најчесто во пракса за објекти со помала површина – домаќинствата (но често и за комерцијалните), инвеститорите/сопствениците одлуките ги донесуваат врз основа на еден таканаречен индивидуален комбиниран пресметковно-интуитивен процес, кој е под влијание на неколку фактори: предвидениот буџет за инвестиција, достапност на информации за производите (интернет, маркетинг-влијание…) и лични искуства од непосредното опкружување. Во принцип, интуитивно секој подразбира дека доколку на почеток инвестира повеќе во системот и опремата, во иднина очекува дека ќе плаќа пониски сметки за греење и ладење. Сепак тоа е генерално објаснување, но кога ќе дојдеме до деталите работите стануваат покомплексни. Еве пример, кога може да се даде брзо одговор без соодветна анализа: Кој е оптималниот сооднос на висината на инвестиција кон заштеди во сметките за греење/ладење? Имам две понуди, едната е за 500 евра повисока од другата, но ми нуди и седум проценти повисока ефикасност (заштеди). Што е правилно да се одбере?

Следно што треба да се потенцира е дека (фабрички) декларираните технички карактеристики (ефикасности/штедливост) на опремата во системите за греење и ладење, не значи дека при експлоатација во систем опремата ќе работи со иста (максимална) ефикасност. За правилно и максимално искористување на ефикасноста на уредите, системот мора да биде „скроен“, проектиран, во согласност со потребите и условите, а тоа значи изработка на проектна техничка документација во која се дефинирани меѓусебната поврзаност, комуникација на опремата и уредите, во насока на максимална ефикасност.

Очигледно и јасно е дека ако се решиме да го замениме електричниот котел со клима-уред или топлинска пумпа, ќе имаме пониски трошоците за греење. Но прашањето е: откако сум поставил топлинска пумпа, како може да знам дали ги постигнувам максимално можните заштеди на енергија, дали максимално ја искористувам ефикасноста („штедливоста“) на топлинската пумпа? Затоа, по поставувањето на системот за греење/ладење, потребно е да се спроведе процес на верификација (commissioning) на работните параметри, процес од кој се генерира информација дали проектните параметри содејствуваат со реалните. Процедурата се спроведува по поставувањето на системот, при што се прават низа детални контролни мерења на работните параметри на уредите и системот, а потоа следува анализа на податоците со изработка на извештај каде што на инвеститорот му се даваат информации со оцена за ефикасноста на системот и насоки за потенцијални подобрувања.

Често кај нас се пристапува и со таканаречено искуствено димензионирање на системите, но најчесто таквиот пристап изискува одреден степен на сигурност, односно се врши предимензионирање на уредите. Предимензионирањето на системите има негативни последици, и тоа: повисока инвестиција и повисоки експлоатациски трошоци (сметки), поради генерално пониска ефикасност на уредите при работа со парцијално оптоварување – споредбено: наместо автомобил, се користи камион за градски режим на возење. Затоа пресметковниот пристап овозможува точно дефинирање (димензионирање) на системите и заштита од непредвидени инвестициски и експлоатациски трошоци. Оваа констатација е посебно значајна за објектите со поголема површина, каде што грешките се мултиплицираат и може да имаат значајно високи вредности.

Објектот е исто така клучен фактор при определување на оптималниот систем. Секој објект е различен, специфичен, и тоа врз основа на повеќе фактори: енергетските перформанси и карактеристики, начинот на користење, архитектонско-градежните услови итн. Два идентични објекти, со различна динамика на користење, ќе имаат значителни разлики во потрошувачката на енергија, па затоа треба да се внимава при пресликувањето на искуствата за греење/ладење од навидум „слични“ објекти. Притоа, од исклучително значење е претходно прецизно определување на потрошувачката на енергија за греење/ладење на објектот, бидејќи претставува основен влезен параметар во економската пресметка и има значајно влијание врз показателите, според кои, се донесува и крајната одлуката за избор на системот. Паушално определување на потрошувачката на енергија за греење/ладење на објектите или пресликување од навидум „сличен“ објект, без соодветна пресметка и анализа, значително го зголемува ризикот за погрешно донесување одлуки, кои понатаму значат високи негативни финансиски последици.

Еден од главните индикатори што се применува кога треба да се одреди техноекономски оптимален систем, односно извор на енергија за греење/ладење, е определување на вкупниот трошок за производство на 1 kWh топлинска/ладилна енергија (EUR/kWh). Овој индикатор ги зема предвид сите трошоци во текот на целиот животен век на системот и вкупно произведената енергија (топлинска/ладилна). Трошоци што се земаат предвид се: инвестицијата, одржувањето на системот, потрошеното гориво (ел. енергија) за греење/ладење. Сите параметри што се користат во пресметката се соодветно дисконтирани за целокупниот работен период на опремата, односно системот во согласност со избраната дисконтна стапка.
Со одредувањето, односно изборот на техноекономски оптимален систем не завршува процесот, туку следуваат уште неколку фази за целосно, правилно и ефикасно имплементирање на избраниот систем:

– изработка на проектна документација за избраниот систем;
– монтажа на опремата;
– балансирање и нагодување на работните параметри;
– пуштање во работа и верификација на проектните параметри.

Секој објект е различен со свои специфики, карактеристики и затоа е потребен индивидуален пристап. Имајќи предвид дека процесот на инвестирање во системите за греење/ладење е финансиски значителна инвестиција, која носи и долгорочни експлоатациски обврски (сметки за енергија), донесувањето на конечната одлука мора да се базира на конкретни индикaтори, добиени со аналитички, сеопфатен и холистички пристап.

(Авторот е професор на Машинскиот факултет во Скопје)