Не ми се верува. Да потрошиме околу седум милиони евра за конференција (за разни адаптации), а да не остане ништо по настанот. А на градот Скопје и онака му треба конгресен центар. Спортски објекти и хотелски простории не се адекватни за одржување конференции, можеби да за концерти на Цеца и други
Владата на Република Македонија (РМ) го задолжила Министерството за надворешни работи, како носител на буџетот за претседавањето со ОБСЕ во 2023 година, да спроведе постапка за набавка на градежни и други работи и услуги за реализација на внатрешната адаптација и надворешното уредување на спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје за одржување на конференцијата на министерскиот совет на ОБСЕ. Станува збор за голем меѓународен политички настан, на кој ќе присуствуваат околу 70 министри за надворешни работи на земјите учеснички на ОБСЕ, разни делегации итн.
Тендерот за јавната набавка е веќе спроведен, избрана е фирма што по правило во последниве неколку години е донатор на политичката партија ДУИ. Станува збор за сума од околу два милиона евра. Покрај оваа адаптација, ќе треба да се набави и разна опрема и друго за износ од околу пет милиони евра. Значи, станува збор за вкупна сума од околу седум милиони евра. По завршувањето на конференцијата, СЦ „Борис Трајковски“ ќе треба да се врати речиси во првобитната состојба. Значи, нема да остане ништо од вложените пари, туку само спомени.
Па, ова е невидено, не можам да верувам што се случува во државава со трошењето пари преку тендери објавувани во неколку продолженија, а реално ништо не се гради или се трошат државните пари нерационално.
За одржувањето на овој настан се знаеше уште пред неколку години. Имаше доволно време (години) да се организира изградба на конгресен центар, кој многу му недостига на градот Скопје и кој би имал идеални услови за одржување конференции како оваа на ОБСЕ. Во тој објект би имало една голема сала за пленарни седници за околу 1.000 лица и уште неколку помали сали за истовремено одржување паралелни сесии и за разни други намени.
Се разбира, во комплексот би требало да има и многу други придружни содржини. На пример ресторани, кафе-барови, простории за бизнис-состаноци итн.
Еве замислувам тој објект (или комплекс) да се изгради токму до СЦ „Борис Трајковски“, покрај реката Вардар. Во продолжение (сега таму е еден вид депонија) може да се направи и зона за спорт, рекреација, разонода и сл., а не да се градат огромни станбени згради како што почнаа да никнуваат меѓу булеварот Илинден и реката Вардар.
Сум учествувал на голем број конференции, некои од нив биле многу големи и знам како изгледаат тие конгресни центри. Имам организирано десет стручни меѓународни конференции во Охрид од 2005-та до оваа година на кои учествувале по 150-200 експерти од целиот свет. Имав намера да организирам светски конгрес од мојата струка во РМ со многу голем број учесници, но нема услови за тоа.
Не ми се верува. Да потрошиме околу седум милиони евра за конференција (за разни адаптации), а да не остане ништо по настанот. А на градот Скопје и онака му треба конгресен центар. Спортски објекти и хотелски простории не се адекватни за одржување конференции, можеби да за концерти на Цеца и други.
(Авторот е редовен професор на Машинскиот факултет – Скопје)