Кој го поддржува, кој му дава сила на ВМРО-ДПМНЕ?

Настани, симболи, алузии

Од кај ја црпи силата ВМРО–ДПМНЕ за да се спротивстави на уставните промени е едно од најмистериозните прашања во македонската политика. Кој му дава поддршка за да може да покаже толку голем отпор кон амандманите, односно кон предлогот за запишување на Бугарите како државотворен народ во Уставот на С. Македонија?
Партијата не потклекна на силните притисоци вршени од СДСМ и ДУИ, на молењата и заканите, на милувањата и поткупите, материјални и нематеријални. На ниту еден начин, а употребија многу, не убедија осуммина од пратениците на ВМРО да гласаат онака како што лесно замислуваа во Владата и колегите во Собранието. Партијата на Ковачевски не наиде на плодна почва да ја повтори постапката на неговиот претходник Заев да го стори тоа остварувајќи концесии и вршејќи ослободувања од затвори, методи применувани кога се менуваше Уставот за да се промени името на државата.

Цела година не „свитка кичма“ иако ѝ наметнуваа големи товари. Се покажа имуна на надворешните влијанија од стотици високопозиционирани европски емисари, странски дипломати, овдешни амбасадори. На притисоци од силни држави (Америка, Германија, Франција), сигурно и на нивните агентури, тајни служби, нивни филијали низ невладини организации и финансирани медиуми. Кога станува збор за гласање за уставните амандмани, со многу лузни е ишарана партиската кожа, но е зачувана цела. Барем досега.

Нормално е прашањето од каде толкав капацитет за отпор што не можеше да се скрши ниту во критичните месеци и денови?
Домашното и меѓународните искуства ни покажуваат дека е наивно да се верува оти тоа е чиста партиска сила оставена да се бори сама за себе, а против сите. Иако ДПМНЕ има константно најголемо и најлојално членство, не може да се потпира само на него во вакви клучни случаи, а да нема во ракавот некој друг адут, нечија поддршка, нечија помош. Флоскулите дека на нејзина страна се принципите, правдата, вистината, државата… се само успешна завеса зад која се крие нешто поголемо и неизвесно, но засега корисно и прифатливо за голем дел од граѓаните, особено Македонците.
Без морална, интересовна, политичка и финансиска поддршка од некои други, познати или непознати, странски или домашни кругови, партијата и нејзиниот лидер Мицкоски не ќе покажуваа мускули што можат да додржат толкава наметната тежина. Има ВМРО–ДПМНЕ богат историјат на такво искуство уште при формирањето на партијата и во времето на доаѓањето на власт на Љупчо Георгиевски, кога на нејзина адреса стигнуваа наредби, налози и големи пари.

Еве некои претпоставки, кои имаат и поширок контекст што не се врзани само со ВМРО–ДПМНЕ туку и со политичката ситуација во Северна Македонија во целина.
Можно ли е зад случувањата во Македонија да стои Русија? Некои странски и домашни фактори го насочуваат прстот кон оваа земја, сега третирана како светска плашибаба. Иако во македонската јавност имаше некои обландирани официјални изјави за нејзиното наводно мешање во внатрешните работи, не се отиде подалеку од тоа срамежливо навестување. Друго е прашањето зошто Русите би го кочеле влезот на Македонија во ЕУ, што би бил интересот на Русија да не влезат Бугарите во Уставот и може ли нивните агенти да водат битка на теренот во Македонија кога неа ја штитат НАТО (Америка) и повеќето западноевропски агентури.
Во тесни врски со Русија се доведува и влијанието на Србија. Бугарската јавност секојдневно директно, а македонската индиректно, се убедува дека Македонија сѐ уште е под диктат на Србија, дека е србоносталгична и антибугарска. Од бугарска страна отворена и редовно на маса е понудата наводното српско влијание да се замени со бугарско, ако сака Македонија да оди напред по патот кон ЕУ. Усвојувањето на уставните амандмани е единствениот услов за почеток на преговорите. Другите понижувачки услови следуваат по тој чин.

Ваквата теза тешко дека би можела да ѝ се налепи на ВМРО, која е против амандманите, а повеќе на СДСМ, која е за впишување на Бугарите. Во последнава година, социјалдемократите развија мошне јавна и срдечна соработка со властите во Србија, не само преку позитивниот проект Отворен Балкан. Средбите меѓу прорусинот Вучиќ и проевропеецот Ковачевски искрат со искреност, со прегратки, насмевки и радост. Којзнае, можеби зад тие јудини бакнежи се крие нешто што тешко може да се открие. Во овој контекст вреди да се обележат тврдењата на некои провладино–цивилни медиуми, кои оската Москва – Белград – Скопје му ја припишуваат на ДПМНЕ, иако врската со Белград ја спроведува СДСМ, што не е толку лошо за Македонија.
Една од најконтроверзните тези што може да се слушне или прочита е онаа дека самата Бугарија го поддржува неизгласувањето на уставните амандмани во македонското собрание и во таа смисла го тера ВМРО да не гласа. Во тој контекст во бугарските медиуми се спомнува претседателот Румен Радев. Дел од бугарската јавност, вклучувајќи ја и новата влада, нему му прилепува отворено русофилство.
При една анализа за блиските односи на ВМРО–ДПМНЕ со други партии во Европа неизбежно е назначувањето на пријателството со партијата ФИДЕС во Унгарија и со личното пријателство со унгарскиот премиер Виктор Орбан. Пријателство зачнато во времето на Никола Груевски, сега азилант во Будимпешта, но задржано и по него. Не се мали обидите да се најдат унгарските врски во Македонија, да се истражат патиштата на парите што, наводно, доаѓаат од тамошни адреси, а кои се наменети за пропаганда и за опозициски медиуми.

Но и тука има една контрадикторност. Имено, ако Орбан го поддржува ВМРО околу уставните промени, зошто неговиот министер за проширување во ЕУ Оливер Вархеи жестоко се залага за нив?
Конечно да ја споменеме и апсурдната, но можна претпоставка. Уставните измени ги кочи една од големите западноевропски земји заради нејзини интереси во самата унија. Од тие причини таа држава го храбри ВМРО да издржи, да не гласа за амандманите, да го сопира засега непромисленото брзање кон ЕУ, свесна дека приемот нема да се случи во наредната деценија. Која би била таа држава, засега е непознато.
Има тука многу прашалници, многу предизвици за да се откријат лавиринтите во политиката.

Лидерот Христијан Мицкоски, јавајќи на нему познати кецови во ракавот, се покажа непопустлив, барем засега, и покрај неговите варијабли околу други прашања. Не би било за очекување да попушти пред крајот свесен дека тоа би било политички крај за него, а можеби и за неговата партија, која не покажа решителност околу референдумот за името, со што загуби дел од довербата. Ако сега даде „допуст“, срамно ќе ги изгуби собраниските изборите што се на прагот.
СДСМ, заедно со ДУИ, не најде начин да ги постигне поставените цели. Не ја најде Ахиловата петица на ВМРО и на Мицкоски, не ја откри таа важна енигма. Попусти се покажаа и постојаната силна поддршка од нивните европски партнери и напорите што ги вложуваа за успешно изодување на патот кон ЕУ, големата стратегиска цел на државата.

[email protected]