Во светло на руската инвазија врз Украина, сега е најбитно Македонија да го искористи моментот и трајно да се врзе за Европската Унија. Јас отворено сум се залагал, се залагам и ќе се залагам за наш итен влез во заедничкиот пазар и во Европскиот економски простор. Сакам границите на мојата земја да бидат Атлантикот, Медитеранот и Северно Море, а целиот европски континент да им биде на дланка на сите наши граѓани, како заеднички дом
„Ќе добиете датум, ќе отпочнете со преговори со Европската Унија, кои, како и црногорските и српските преговори, во моментов, не одат никаде. Поточно, не одат во насока на полноправно членство. Па, еден ден повторно ќе се разбудите уште поразочарани поради висококренатите очекувања при добивањето на датумот“. Вака Гералд Кнаус, претседател на Европската иницијатива за стабилност, еден од водечките европски аналитички центри, ја искоментира состојбата со пристапниот процес за Македонија, во емисијата „60 секунди“, која ја водиме јас и професорот Жидас Даскаловски. За да се увериме дека правилно го слушнавме и добро го разбравме, ние уште еднаш го запрашавме Гералд и го добивме истиот одговор.
Да бидат нештата уште појасни, Гералд Кнаус е во редовен контакт со водечките политичари од европските институции во Брисел, со владините министри во Париз и во Берлин, одговорни за надворешната политика и за Европската Унија, како и со сите водечки европски политичари, општественици и интелектуалци, кои носат одлуки во процесот на проширување на Унијата. Ние го затекнавме во Белград каде што тој имаше серија средби со српските политичари, токму на темата проширување, покрај неизбежните разговори за состојбите во Украина по руската инвазија.
Значи, нештата се многу јасни низ Европа дека проширувањето на Унијата со нови членки нема да се случи во непосредна иднина, ниту во рамките на следните неколку изборни циклуси. Притоа, јасно е дека останува ветувањето дека на земјите од Западен Балкан местото им е во Европа, но повторно изостанува јасна политичка волја за завршување на процесот на проширување.
Овој брифинг од Гералд Кнаус отвора неколку значајни теми и уште побитни дилеми.
Првото се однесува на актуелниот политички момент и на политиката на македонската влада кон проширувањето. Тие околу себе шират еден невиден оптимизам дека единствен проблем околу почетокот на македонските преговори со ЕУ е исклучиво бугарското вето. Исто така, позицијата на актуелната влада е дека Бугарија е целосно изолирана во Унијата, па дури и дека е ставена на столбот на срамот, затоа што ја блокира македонската европска интеграција, а со тоа и стратегиските цели на Брисел, но и пошироко на целата западна алијанса. Иако никој јавно не го кажува тоа, сепак, се чини дека македонската влада сака да порача дека постои невиден притисок кон Бугарија, зад сцената и зад кулисите, каде што се вклучени и САД, со сета своја дипломатска моќ, за да се прекрши Бугарија, па тие да го дигнат ветото.
Интересно, но освен во македонската јавност, апсолутно никаде во Европа ова прашање не излегува во етерот и не гледам дека Бугарија има статус на неранимајко или на одметник во Европската Унија.
Значи, сигналите што ги шири македонската влада се погрешни, а да не зборувам колку разорно влијае тоа на веќе возбуденото и разјарено македонско население, кое одамна нема трпение за нови неправди и за ново лицемерство кога станува збор за македонската европска интеграција.
Втората тема, која, исто така, ја дискутиравме со Гералд, се однесува за алтернативите. Јас на неколкупати во мојот живот, кога сум бил носител на јавна функција, сум се обидувал да предложувам креативни решенија за деблокада на македонскиот интегративен процес и за продолжување на македонскиот од кон Брисел. Притоа, според мене, најинтересен бил предлогот Македонија веднаш да влезе во заедничкиот европски пазар, камен-темелникот и потпорниот столб на Европската Унија, преку итно членство во Европскиот економски простор. Меѓутоа, и во 2008 година, но и во 2014 година, иако Брисел беше заинтересиран за овој предлог, одговорот од Париз и од Берлин беше директен и мошне брутален дека „тоа не е за вас“, односно дека членството во Европскиот економски простор е патека за земјите од ЕФТА, како Норвешка, Швајцарија и Исланд, но не и за земјите од посткомунистичка Европа, како Македонија. Според најновите информации, климата веќе се менува и во Брисел, но и во клучните главни градови, како Берлин и Париз, па веќе се размислува, а на некои средби и се понудило членство во Европскиот економски простор и влез на земјите од Западен Балкан во заедничкиот европски пазар. Наводно, тоа е една од мерките, како меѓучекор до целосното членство во ЕУ, која Макрон има намера да им ја предложи на земјите од Западен Балкан по неговиот претстоен реизбор, и на самитот на ЕУ во јуни, во рамките на француското претседателство. Наводно, сега проблемот бил на Балканот затоа што некои влади, од кои најгласна била македонската влада, се противат на таа алтернатива и сметаат дека таквиот развој на настаните го исклучува членството како стратегиска цел за државата.
Јас сметам дека ваквото размислување е целосно погрешно и дека тоа е спротивно на македонските национални интереси. Влез на Македонија во заедничкиот пазар и во Европскиот економски простор ќе значи дека македонските граѓани веднаш ќе ги уживаат четирите слободи што важат и за сите други полноправни земји-членки на Унијата, како и дека македонските бизниси ќе може без никакви ограничувања да работат низ ЕУ и ЕЕП, а веднаш границите на Македонија ќе бидат растегнати од Лисабон до Закопане и од Хелсинки до Крит. Не постои подлабока интеграција во Европа, отколку итниот влез во заедничкиот пазар. Прекуноќ македонскиот пасош ќе има иста вредност како и пасошот на која било друга земја-членка на ЕУ и на ЕЕП, а не постои придобивка за европските граѓани што нема да се однесува и на македонските граѓани. Е, да… нема да имаме комесар во Европската комисија, нема да имаме европратеници, како и грст евробирократи што би ни припаднале по клучот на администрација на ЕУ (си има и Унијата свој „рамковен“), но кому му е тоа воопшто битно и што ќе се смени за животот на 99,99 отсто од македонските граѓани.
Затоа сметам дека е потребен итен самит на земјите од Западен Балкан и јасна поддршка за идеите сите ние од регионот да влеземе во заедничкиот пазар и во Европскиот економски простор во наредните три-пет години. И онака сите наши економии се врзани со заедничкиот европски пазар, и онака нашите студенти учат во земјите-членки на ЕЕП, а и нашите работници таму си гледаат перспектива кога им е ускратена во нивната матична земја. Не само тоа туку и најновите економски чуда во Полска, на Балтикот и во Романија беа единствено можни по влезот на овие земји во заедничкиот пазар.
Одбивањето на понудата за влез на Македонија во заедничкиот пазар и во Европскиот економски простор е спротивно на македонските национални интереси, ѝ оневозможува на земјата да го искористи сиот свој потенцијал и нѐ принудува да тапкаме во актуелниот пристапен процес, кој не води никаде. Во светло на руската инвазија врз Украина, сега е најбитно Македонија да го искористи моментот и трајно да се врзе за Европската Унија. Јас отворено сум се залагал, се залагам и ќе се залагам за наш итен влез во заедничкиот пазар и во Европскиот економски простор. Сакам границите на мојата земја да бидат Атлантикот, Медитеранот и Северно Море, а целиот европски континент да им биде на дланка на сите наши граѓани, како заеднички дом. Членството на Македонија во Европскиот економски простор не е алтернатива за полноправното членство, туку е суштинска интеграција на Македонија во Европската Унија. Да ја зграпчиме шансата додека ни се нуди на масата!
Автор: Ивица Боцевски