Тиранијата на малцинството води кон либанизација на општеството

Во развиените општества, како што се Шведска или Норвешка, суштествените политички одлуки речиси секогаш се носат со консензус, но доколку во едно општество нештата се гледаат низ етничка или религиозна призма, тогаш настанува либанизација на општеството или државата

Многумина не се запознаени со зборот миноритаризам бидејќи е неологизам, односно неодамнешен израз што сѐ уште е во процес на навлегување во општата јазична употреба низ светот. Постојат несогласувања околу постоењето на изразот миноритаризмот и се доведува во прашање неговото користење, во смисла дали суштествено објаснува некоја состојба или појава. За да им олесниме на читателите ќе посочиме дека миноритаризмот можеме да го разбереме како синоним за изразот тиранија на малцинството.
Но што точно претставува миноритаризмот, односно тиранијата на малцинството? Повеќемина познавачи велат дека изразот се користи за да се опише непропорционална моќ во смисла кога една помала етничка или религиозна заедница има голема политичка и економска моќ и доминација во едно општество и покрај тоа што претставува мал дел од целокупното население. Како класични примери може да се посочат апартхејдот во Јужна Африка или владеењето на Тутсите во Руанда во текот на 90-тите години на 20 век. Во демократските општества, миноритаризмот може да се разбере кога малцинството може да ги блокира законските измени преку барање за праг на супермнозинство или преку правото на вето.
Во развиените општества, како што се Шведска или Норвешка, суштествените политички одлуки речиси секогаш се носат со консензус, но доколку во едно општество нештата се гледаат низ етничка или религиозна призма, тогаш настанува либанизација на општеството или државата.

По одржувањето на првите независни избори во Либан, тогашната политичка елита одлучи дека во иднина секој претседател на државата треба да биде маронитски христијанин, претседателот на парламентот да биде шиитски муслиман, премиерот да биде сунитски муслиман, а замениците на премиерот и претседателот на парламентот да бидат православни христијани. Во следните децении, Либан се одликуваше со економски развој и Бејрут се оформи како најзначаен трговски и банкарски центар на Блискиот Исток, но сектаријанизмот сѐ повеќе се продлабочуваше и на крајот се покажа како погубен за либанската држава. Во либанското општество не постоеше кохезија што можеше да ги обедини сите граѓани, а етничките и религиозните заедници не општеа меѓу себе. Сектаријанството како вирус се прошири во сите сегменти на либанското општество и институциите беа уништени бидејќи одговорните личности беа назначувани врз етничкиот и религиозниот принцип, без да се земат предвид нивните можности и способности. Во оној момент кога се засилија внатрешните и надворешните притисоци, Либан се сруши како кула од карти. Затоа Либан денес е нефункционална држава.

Каде сме ние во оваа приказна? Македонија денес наликува сѐ повеќе на Либан. Може некој да не се согласува со нашиот став, но очигледно е дека нештата во нашето општество не функционираат. Во голема мера оваа состојба се должи на кадровските политики на државата, притоа не се води грижа за способноста на личностите, туку за нивното етничко или национално потекло. Честопати се случува несоодветни личности да бидат поставени на значајни позиции, а притоа како единствен услов за нивниот ангажман да се зема нивната етничка припадност.
Да не бидам погрешно разбран! Премиер или претседател на државата може да биде секоја личност без разлика на нејзината етничка или религиозна припадност. Меѓутоа таа личност треба да поседува државнички способности и квалитети што ќе им го подобрат животот на сите македонски граѓани. Меритократијата е суштествена за развој на општеството и влијае врз квалитетот на институциите. Доколку не го земеме предвид ова, тогаш Македонија како држава во еден момент ќе се сруши како кула од карти, слично како Либан.