Ќе влезат ли конечно и Македонците во преамбулата на Уставот?

Што се крие зад бугарското барање за промена на македонскиот устав со внесување на бугарскиот народ во преамбулата? Откако слегна прашината по парадните посети на новиот бугарски премиер Кирил Петков на Скопје и на Димитар Ковачевски на Софија, веќе станува јасно дека не постои никаков простор за постигнување македонско-бугарска спогодба, по ниту една точка од Декларацијата на бугарското собрание за Македонија. Целта на сите бугарски барање не е техничка, туку е суштинска, а тоа е целосна бугаризација на македонскиот народ и преобликување на целокупната македонска повест (културна, историска и јазична) според бугарскиот национален наратив.
Сиот овој метеж околу новите комисии за соработка и навидум мрднувањето на македонско-бугарските односи од мртва точка, внимателните набљудувачи прецизно го оценија како успешен маневар на новиот бугарски премиер кон Брисел и кон Вашингтон. Тој покажа кооперативност, отвореност и „европски дух“ да се зборува за иднината, за конкретни проекти, за соработка и за поврзување, наместо да се чмае во мрачните и мемливи балкански одаи, каде што се водат неразумни кавги околу историјата или културата. Навистина, токму така изгледа „офанзивата на шармот“ на Кирил Петков во Скопје од бриселска перспектива. Реалноста е, сепак, драматично поинаква. Бугарија не отстапува ни јота од своите национални позиции, а сега ќе се обиде по „грчки рецепт“ да ги препакува во европска обланда, односно да ја вметне целата бугарска рамковна позиција во преговарачката рамка на Македонија со Европската Унија. Така ќе им даде на СДСМ и на Ковачевски молскавична победа во Скопје (молскавична според времетраењето, иако тој се надева и по ефектот во домашната јавност), во форма на толку посакуваниот датум за почеток на преговорите, но себеси ќе си овозможи да биде авторот на стратегиската бугарска победа. Ако Македонија биде обврзана низ процесот на преговорите со Европската Унија да го усвои и да го примени целокупниот бугарски национален наратив во образованието и во културата, тогаш во Европа нема да влезе како македонска држава, туку како втора бугарска држава. А, две држави што припаѓаат кон иста нација кога-тогаш се обединуваат …

Токму залагањето за влез на Бугарите во Уставот, како конститутивен народ, е само дел од пеколниот план за целосна бугаризација на Македонија. Преамбулата не е само свечен дел од еден устав, туку нешто многу повеќе од тоа. Нациите постојат затоа што нивните припадници имаат свест за споделеното минато и јасен проект за иднината. Преамбулата на секој устав е самиот дестилат на националниот идентитет, кој што во најјадрен облик ги опишува потпорните столбови врз кои почива нацијата (свеста за споделеното минато) и стремежите за развојот на нацијата во перспектива (јасен проект за иднината). Од тие причини Грција инсистираше на бришење на Манифестот на АСНОМ од македонскиот устав и она територијално разграничување на македонскиот идентитет. Македонскиот народ е автохтон во егејскиот дел на Македонија и низ вековите создал неизбришливи траги за своето постоење на тој простор. Меѓутоа, Грција не може да се соочи ниту со сопствената мултикултурност, ниту со злосторствата против човештвото направени во име на грчката држава и на грчкиот народ, а за сметка на Македонците во егејскиот дел на Македонија. Затоа Преспанскиот договор е извор на сето зло. Со тој наметнат договор се легитимираше агресијата кон македонската држава и злосторствата против човештвото во егејскиот дел на Македонија.
ДУИ не случајно го вметна и Рамковниот договор во преамбулата. Една федералистичка партија сака да се повика и на Уставот во своето идно дејствување за прекројување на Македонија по етнички терк. Колку е Македонија послаба држава, толку е поизвесно создавањето некои великодржавни творби на Балканот, а ДУИ досега се нема никогаш јавно откажано од „Коминикето број 4 на УЧК“ и националните цели испишани во овој чудовишен документ.
Но да се вратиме на Бугарија. Преспанскиот договор ги повампири најшовинистичките бугарски политики кон Македонија. Иако Бугарија тврди дека пронашла некаков „говор на омраза“ кон нив во македонските медиуми, сепак тоа личи на она библиското дека барајќи ја раската во окото на својот брат, не ја забележуваш гредата во своето око. За разлика од Македонија, каде што не постои „говор на омраза“ кон Бугарија во јавноста, таму говорот на омраза, предрасудите и стереотипите кон Македонија и кон Македонците се целосно нормализирани и никој не се ни труди да ги означи како неприфатливи, па да се зафатат со нивна исправка. Самото тврдење дека постојат Македонци, како посебен народ, кои зборуваат македонски, како посебен јазик, за Бугарија е говор на омраза.

Бугарскиот национален наратив кон Македонија и кон Македонците е дека ние сме идеолошка творба на Коминтерната и на Тито, дека до 1944 година сме биле Бугари и дека нашата национална свест е целосно преобразена поради комунистичкиот терор и југословенската пропаганда. Значи, „повторната бугаризација“ на Македонците, всушност, е просветителска цел и демократизацијата на Македонија ќе биде целосно завршена кога Македонците ќе ги прифатат своите бугарски корени, кога ќе заклучат дека македонскиот јазик е само една книжевна норма на стандардниот бугарски јазик, па дури тогаш ќе можат да му се приклучат на европското семејство како демократска и евроатлантска нација, отфрлајќи ги физичките и духовните вериги на Москва и на Белград.
Барањето за влез на Бугарите во Уставот не е барање за признавање на конститутивноста на уште една етничка заедница во Македонија, туку барање мнозинскиот народ во Македонија да се означи како дел од бугарскиот народ и претворање на Македонија во втора бугарска држава на Балканот. И самото дејствување на здруженијата на Бугарите во Македонија не цели кон унапредување на културата на луѓето со бугарска самосвест во Македонија, туку кон докажувањето дека во Македонија мнозински народ е бугарскиот, а оние што се изјаснуваат тука како Македонци се неосвестени Бугари. Политичките партии на Бугарите во Македонија, пак, се сосема друга карикатура. Тие вештачки создадени творби, основани и обилно финансирани од мрачните фондови на бугарската држава, станаа последното прибежиште на сите пропаднати политички ликови во Македонија, своевидна меѓустаница пред нивното конечно одлагање на буништето на македонската политика. Но добро е што постојат, затоа што така и самите Бугари согледуваат колку е пропадната и компромитирана нивната големодржавна кауза во самата Македонија. Од овие причини и ретко се наоѓаат пристојни личности со бугарско самосознание во бугарските здруженија и во бугарските пајтон-партии во Македонија. Никој не сака да биде во лошо друштво. Никој нема проблем да се изјаснува како што ќе посака во Македонија и никој не е дискриминиран кај нас поради своето етничко самочувство. Но тоа не е случај и во Бугарија, па таму самото постоење на Македонците се оценува како сепаратизам.

Оттука, ако треба да се отвора разговор за преамбулата на македонскиот устав, тогаш појдовна точка треба да биде изворниот текст на преамбулата од 1991 година. Тој прв македонски демократски устав беше производ на првото демократско собрание на македонскиот народ, а текстот изникна консензуално и низ внатрешна демократска дебата, без надворешни притисоци и кога молчеше оружјето. Тоа не може да се каже за промената на преамбулата од 2001 година, а особено не за преамбулата од 2018 година. Повторното враќање на Македонија и отфрлањето на наметнатата „Северна …“ ќе бара и нов текст на преамбулата на македонскиот устав, но по македонски, граѓански и демократски терк, а не според туѓинските интереси и диктати. Затоа, ако веќе зборуваме за промена, време е конечно Македонците повторно да влезат во преамбулата на Уставот!