Како Столтенберг ме издиши за денес? Што е, а што не е членот 5 од НАТО-договорот?

Изминатава недела во неколку наврати без да сфатам зошто е целата фама околу членот 5 од НАТО-договорот и Украина, објаснив во кратки изјави дека каква било интервенција на НАТО во Украина (ако воопшто и дојде до тоа) нема да може да биде врз основа на членот 5 од НАТО-договорот. Ова, како што појаснив, е поради тоа што Украина не е НАТО-членка. Сходно на тоа, сакав да го разработам тој дел со повеќе осврт на тоа зошто од меѓународноправен аспект, овој пат, НАТО нема да може да дејствува во Украина врз основа на овој член и ете ти го Столтенберг со прес што ме издиши. На новинарско прашање, додуша по моите изјави, човекот убаво објасни дека членот 5 се однесува само на земјите-членки на НАТО или, како што тој ги нарече, сојузниците. Иако за волја на вистината, сакајќи да ја изрази посветеноста на проблемот, подвлече дека Украина е значаен партнер. И сега, целиот мој план падна во вода. Арно ама, целата оваа ситуација со членот 5 и изјавите што ги дадов ме натераа да прелистам по домашните телевизии и да чујам понекоја дебата на темата. Најверојатно сум фатил репризи каде што одредени експерти дебатираат или даваат свои ставови, покрај другото и на темата. Без да навлегувам во дебатите, или лични преписки, сфатив дека за мене не е сѐ толку црно. Дополнително, сфатив дека вреди да се посвети внимание на темата оти изгледа дека сѐ уште не е докрај јасно што е членот 5 од НАТО-договорот. Ако (з)грешам нека изгорам! Ајде да сумираме неколку работи, кои се и те како битни и кои се поврзани со темата, а за што мислам дека вреди дебата на темата.

Правната основа, овој член ја влече од членот 51 на Повелбата на ООН. Тоа е членот без кој, ако ги читате записниците за тоа како е подготвувана повелбата, ќе видите дека ООН немало да може да се формира без овој член. Идејата да им се забрани правото на самоодбрана на државите индивидуално или колективно, наишла на големо спротивставување од никој друг туку од најмоќните, оние во Советот за безбедност (СБ) – постојаните членки. Ако се прашувате за причината, таа секако лежи во недовербата што се родила уште по самото завршување на Втората светска војна, токму помеѓу постојаните земји-членки на СБ и нивното право на вето. Овој член, на тој начин е условна гаранција за правото на вето, на постојаните земји-членки во Советот за безбедност. Поедноставено, со овој член секоја земја-членка може да употребува сила во самоодбрана против напад што е илегален и без да чека СБ да донесе одлука. Сѐ што треба да направи за таа цел земјата што е нападната е да достави нотификација до СБ на ООН за употребената сила. Условно, ако СБ реши да преземе мерки, државата жртва на илегален напад треба да постапи во согласност со тие мерки за да се воспостави мирот. Тогаш, оваа индивидуална мерка преминува во колективна мерка, каде што СБ на ООН е тој што носи резолуции со извршна сила. За таа цел, уште при драфтувањето на текстот на повелбата неколку држави подвлекле дека ако инхерентното право на самоодбрана не е одобрено без дозвола од Советот нема да се потпишат на повелбата и со тоа нема да може да се формира ООН. Политичката рамка за членот 5, условно кажано, лежи во филозофската идеја на Кант за траен мир и на другите основоположници на современата идеја за колективна безбедност и одбрана. Во безбедносна смисла, пак, тоа се сојузите што треба да го гарантираат светскиот мир според логиката „ако сме заедно нема да се напаѓаме“. На оваа идеја се градат и некои други теории за мирот, како на пример економската теорија за мир, која поаѓа од логиката дека ако две земји имаат трговски врски и ако изградат заеднички пазар нема да војуваат.

Некои, на пример како Фридман, отидоа дотаму да ја персонифицираат оваа теорија викајќи ја теоријата на златните краци или како и да е сеедно, која популистички гласи дека две земји што имаат „Мекдоналдс“ нема да војуваат помеѓу себе. Е сега, ова е сѐ теорија. Како и љубовта, во практиката оваа теорија малку поинаку звучи. Има многу примери, Панама имаше „Мекдоналдс“ во 1993 г., а богами и Белград во 1999 г. Дополнително, Турција и Грција влегоа во оружен судир, иако беа членки на НАТО. Сепак, да се задржиме потесно на членот 5 и неговото значење. Овој член е благодат за помалите земји. Тука нема дилеми. Во време на дигитализација, обновен геостратегиски натпревар, речиси ниту една земја сама нема да може да се справи со предизвиците што доаѓаат од процесот што ни се случува, а за кој не сме свесни. Живеејќи во време кога се изместени критериумите за конвенционалното разбирање на безбедноста и кога таа се прелева преку границите на цивилните сектори, малите држави имаат потреба од сојузи. Реално е дека губите дел од суверенитетот, но реално е и дека ако сте надвор од сојузот може да го изгубите целиот суверенитет. Во практика правото на самоодбрана релативно беше „растегнато“ и земјите имале поинаква интерпретација. Такви примери во практиката има многу. Така, на пример, таков е примерот со акцијата во Ентебе или Осирак, од страна на Израел. Таков е и примерот со инвазијата на Ирак во 2003 г., каде што заради чувството за загрозеност, САД и коалицијата на волјата употребија сила предвремено повикувајќи се на правото на предвремена самоодбрана како обичајно право и потоа преминаа во „режим чејнџ – смена на режими“. Нешто подоцна и Русија многу слично ќе се запише во листата на држави што го интерпретирале ова право како примерот во Грузија и делумно при интервенцијата на Крим во 2014 г. или барем тоа се доби како впечаток од објаснувањата за интервенцијата. Опасноста што оваа практика може да ја донесе е голема, особено сега кога односите во геостратегиската трка крајно се исполаризирани. За да биде појасно бидејќи имаше некои шпекулации во јавноста за тоа, интервенцијата врз Југославија нема врска со членот 5.

Таа има врска со ултралибералната идеја за хуманост. Истата таа во периодот кога беше интервенцијата предводена од НАТО, не беше правно дефинирана. Во тој период интервенцијата врз Југославија беше наречена хуманитарна интервенција. Дополнително, иако многумина шпекулираат дека постоело вето за интервенцијата, тоа не е точно. НАТО-сојузниците дипломатски знаеја дека тоа ќе биде самоубиство поради правото на вето на Русија. Со тоа, внимавајте, по третпат го искористија преседанот за кој дотогаш не ни бевме чуле дека се применил во Африка, и тоа во два наврата – хуманитарна интервенција под покровителство на ООН. Ставот на ООН во тоа време е мошне чуден, бидејќи со легитимизирањето на мирот со посебна резолуција и непреземање мерки за осуда на интервенцијата ex post facto, барем според некои меѓународноправни експерти, ООН изврши признавање на правото на ваква интервенција. Нешто подоцна, по предлог на, внимавајте, не на западните европски држави или САД, туку на Африканската Унија уште во 2000 година, а подоцна потпомогнато од Канада, оваа идеја – доктрина прерасна во нормата „одговорност да се заштити“ – или оригинално: „Responsibility to protect-R2P“ во 2001 година. Во живот, ефектуирањето на оваа доктрина сепак стана норма, на Светскиот самит во организација на ООН во 2005 година. Правно, тоа значи дека основата за употреба на сила во Косово не е членот 51 и оттука не може да биде ниту членот 5. Правната основа за хуманитарната интервенција без мандат на СБ на ООН е обичајно право и практика во Африка. Додека по ефектуирањето на нормата „одговорност да се заштити“, правната основа за употреба на сила е членот 42 од Повелбата на ООН, според кој, мандат за употреба на сила дава Советот за безбедност на ООН.

Иако многумина сметаат дека НАТО во Либија дејствувало самоволно, да подвлечам, Франција на која очајно ѝ беше потребна оваа интервенција го задвижи овој потфат врз основа на членот 42 од повелбата, па по Резолуцијата на СБ на ООН 1973, НАТО дејствуваше како што дејствуваше. Сепак, значењето за НАТО-членот 5 има и голема вредност за домашна употреба. Иако дури и многу поранешни министри ревносно го користеа членот 5, вреди да се спомене дека иако тој е релевантен и актуелен, НАТО постојано апелира дека НАТО е силно колку најслабата земја-членка. Оттука, приказната што сакаа да ја истуркаат поединци дека одбраната е завршена работа со НАТО, па доби еден куп трагикомични коментари за сѐ нешто, е наивна. Само да појаснам, во Договорот на НАТО пред членот 5 е членот 3, кој во слободен превод значи дека секој треба да си ја напише домашната задача и дека секој треба да биде способен да се одбрани прво себеси, па да планира да ги брани другите.

Авторот е универзитетски професор, придружен професор на Државниот
универзитет во Аризона, САД.