Јована Томиќ, српска режисерка

Јована Томиќ е млада српска режисерка, која во театарскиот простор се наметна со својата ограниченост и острина во нејзините концепти. Храбра да се обиде во сите жанрови и театарски форми, таа е режисерка и на претставата „Мојот маж“, работена по збирката раскази на Румена Бужаровска, во драматизација на Димитрие Коканов. По негов текст, таа ја режира и претставата „Движење“, која одекна многу силно во српскиот театар. Оваа млада режисерка, добитничка на престижната српска награда за режија „Бојан Ступица“, зборува за нејзините пориви, тенденции, желби, но и за состојбите на театарот за време на пандемија и транзиција.

Вашата јасна постапка врз различните жанрови зборува за тоа дека не се фокусирате само на одредена драматургија. Дали препознатливоста на стилот на еден режисер е важна за неговата кариера?
– Мене ме интересираат еднакво и содржината и формата. Сакам добра приказна, наратив во театарот, често во мојата работа сум се одлучувала за адаптација на прозни дела, но, од друга страна, во креативниот процес ми е возбудливо и неиздвоено истражувањето во формата и изместувањето од полето на хиперреализмот.
Текстуалната предлошка во моето чувствување на театарот не го држи приматот, туку темата и идејата на претставата се реализираат рамноправно низ сите достапни средства – сценографијата, костимот, светлото, звукот, движењето, како и низ соработката со актерите, изведувачите. Тоа гледиште креира специфичен стил на изразувањето, што не се однесува само на мене туку и на сите соработници, автори што учествуваат во проектот. За мене, од пресудна важност е континуираната соработка со авторскиот тим, затоа што низ различните проекти се развиваме заедно, истражуваме и константно тежнееме кон пробивањето на границите на сопствената комфорна зона, но и на институционалните ограничувања, продукциски или идејни, така што тоа го карактеризира развојот на „кариерата“, јас би рекла мојот креативен пат и креативниот пат на мојот авторски тим.
Со „Движење“ експериментирате со просторот, во „Мојот маж“ се занимавате со камерниот театар, додека во „Мидлсекс“ се задлабочувате во театарска расправа. Во кои темнини и непознаници ќе влезете во понатамошното истражување?
– Секој проект е поинакво искуство, од една страна со голем број непознаници и тоа го прави театарскиот процес возбудлив; треба да се биде отворен за непредвидени околности и настани, пријатни и непријатни, и да се знае како да се искористат и да се надминат. Од друга страна, во мојата работа постојат некои константи во најширока смисла, а тоа е истражувањето на имерзивното во театарот, занимавањето со истражувачкото тело и можностите на телесното истражување во драмскиот наратив и така натаму. Се трудам темите што ги отворам на сцената да бидат некои лични, интимни прашања што приватно ме мачат, ме опседнуваат, ме интригираат, па е вечно тежнеењето да се биде искрен во проблематизирањето на некој феномен, настан при задавањето на тематската рамка на идната претстава. Тоа се некои параметри по кои се водев досега и ќе се трудам да им останам доследна.
Дали повеќе сакате да режирате класика или современа драма?
– Во мојата работа се еднакво застапени и драмските текстови и прозата, имам голем број проекти во идеја што се инспирирани од филмот, поезијата… Во таа смисла не се ограничувам. Проблемот е во тоа што тешко се договара проект во институционален театар, а тоа е примарното поле на моето дејствување што се базира на драмската предлошка. Мислам дека тоа веднаш предизвикува страв од непознатото, но во таа смисла се надевам и на некои поместувања.
Овие две години театарот се затвораше, преминувајќи на онлајн изведби, а, еве, полека и срамежливо се отвора за публика во живо. Дали вирусот го проблематизира самото постоење на театарот како синтетичка уметност?
– За време на пандемијата постоеја голем број интересни форми на претстави што произлегуваа директно од екстремните околности на карантинот, како што се „Лоунли планет“ на група автори и „Вишнарник во вишнарникот“ на Бобо Јелчиќ. Од друга страна, институциите со големи напори успеаја да ги реализираат репертоарските планови. Независната сцена, и онака маргинализирана во Србија, претрпе најголеми удари и уште еднаш се покажаа потполното занемарување и неадекватниот третман на уметникот. Така што, да, театарот преживеа, но суштинските проблеми и понатаму се присутни, ако не се и зголемени.
Колку е транспарентен српскиот театар кога се во прашање режисерските концепти и начините на мислење?
– Гледајќи ја пошироката слика, српскиот театар бил и останал конзервативен. Тука се во игра повеќе фактори, но јас како пресудно би го истакнала образованието, односно херметичноста и застареноста на институциите, кои во доменот на наставниот кадар, како и на образовниот план, нудат многу малку. Со самото тоа, младите професионалци не се охрабрени по излегувањето од школите да ризикуваат, да истражуваат, а од друга страна институциите посегнуваат по „сигурни избори“ на режисери, проекти, за да се обидат да обезбедат каков таков профит и заработка во екстремно неповолните околности на третманот на културата од државата. Така што се создава еден маѓепсан круг, каде што храбрите потези што подразбираат каков било исчекор се ретки, на ниво на ексцес или на ниво на ентузијазам на поединецот, уметничкиот раководител или институцијата.
Во онтолошка смисла, театарот секогаш се случува сега и овде. Кому му е потребен театарот „сега“ во оваа транзиција „овде“?
– Ова е прашање за кое многу размислувам. Театарот е сведен на мал број луѓе што тој ги интересира, но пред сѐ мал е бројот на луѓе на кои тој им е пристапен – Србија е сиромашна земја, каде што билетите за театар во однос на животниот стандард се многу скапи. Низ својата работа, од проект во проект, размислувам кому му се обраќам јас како авторка, на која целна група, кого би сакала да го придобијам во театарот; на крајот, ние создаваме за некој друг да го гледа тоа и да учествува во нашата работа. Ми се чини дека постои многу самозадоволност во работата како на поединците, така и на институциите и дека често не се ни размислува за публиката – на полето на маркетингот, репертоарските политики, но пред сѐ во можноста некој воопшто парично да може себеси да си дозволи посета на театар.
Каде е местото на српскиот театар во европскиот контекст и дали тој се занимава со вистински и важни проблеми?
– Моето лично чувство е дека сме на маргините на некој поширок театарски контекст, причината за тоа се сите системски проблеми наведени погоре, но и затвореноста, слабиот проток на информации за тоа што се случува во театарот покрај нас, дури не и во Европа, туку во регионот. Се случува да постојат непознаници за репертоари, уметници, за претстави на релацијата Белград – Нови Сад. Тоа е таа самозадоволност за која зборував претходно, само во друг контекст. Сите наведени проблеми на куп прават затворена, конзервативна заедница, недоволно подготвена за исчекор во непознатото.

Сашо Огненовски