Извештај за напредокот на Европската Унија

Како што лета времето, набргу ќе ја одбележиме 20-годишнина од првиот годишен извештај за напредокот кон ЕУ. Процедурата е таква што најнапред се изјаснува Европската комисија, дава предлози за статусот на државите на патот кон целта, а во декември Европскиот совет носи одлуки за тие предлози. Она што некогаш требаше да биде наше алтер его, односно глас на разум, совест и совет во врска со т.н. Копенхашки критериуми, со текот на времето изгуби секаква смисла. Не само заради бесмисленото искривување на критериумите туку и заради бесперспективноста (во однос на таа опција, се разбира). Во минатото бевме едвај неколкумина со критичен однос кон Унијата, па редовно бевме стигматизирани како евроскептици, но сега бројот на критички гласови (како) да се зголемува. Веројатно треба да се изразам поинаку: интелектуалците и експертите се и натаму во рамките на тезата „нема друга алтернатива“ (TINA, There Is No Alternative), но јавното мислење го зафати реализам – малкумина веруваат дека додека се живи ќе ја видат земјата во ЕУ. Дури и еден од најголемите евроентузијасти (т.е. луѓе што изградија живот и личен стандард со грантови и за/на таа приказна за „рајот на земјата“), неодамна ќе каже дека единствена надеж му е дека кога за неколку децении ќе замине во пензија, ќе седел под сенките на маслинките и ќе го гледал морето. Веќе ја погодуваме дестинацијата, нели? Иако мнозина веќе ја живеат таа „иднина“ на хациенди и вили покрај тоа исто море, благодарение на Преспа и некои други „проевропски“ проекти. Нам ни е сосема јасно дека ние сме предмет на опсервација на институциите на ЕУ, а не обратното. Второ, сосема ни е јасно дека нивните извори на информации (т.н. интерлокутори) се овдешни луѓе, покрај она што службено го прават амбасадите. Потоа, содржината на извештајот за (не)напредокот на земјата не е никаква тајна за луѓе што живеат во земја што тоне на сите полиња. Нам не ни треба некој однадвор да ни каже дека судството е во коматозна состојба, дека парламентот е машинерија без ум и со брзи прсти, дека Владата ја сочинува чудна дружина на луѓе на кои единственото заедничко им е немањето срам, знаење и морал.
Да ги оставиме власта и опозицијата да се надмудруваат околу „читањето“ на извештајот, бидејќи и едните и другите на тој начин покажуваат колку му се лојални на Брисел и колку го почитуваат неговото мислење за нашите состојби. Туку, има ли некој овде доблест и храброст да ја анализира ЕУ? Како таа напредува/назадува, особено во однос на критериумите и наводните вредности што таа ги оличува? Дали е ЕУ таква како што се претставува? Како се менува, во која насока оди, што е ново? Освен романтизираната и идеологизирана верзија на ЕУ што со години се продава овде, таа е и статична, барем видена низ пропагандната медиумска и НВО-кампања. Фактите зборуваат дека ЕУ „сваког дана и сваком погледу, све више и више…“ (да реферирам на една позната реплика од стар филм) – се менува до непрепознатливост! Колку ЕУ живее во согласност со своите (запишани) идеали и критериуми? Одамна ќе ви кажат дека тенденцијата на негативно свртување, т.е. отстапување од европските вредности се гледа (само) кај неколку „црни овци“ во семејството, како Унгарија или Полска (сега со смената на власта, овде се очекува враќање во редот на послушните).
Една колумна е премалку за да се набележат сите промени и да се дадат оцени за напредокот на ЕУ минатата година. Притоа, ЕУ наметнува поглавја за оние што сакаат да се зачленат, но ретко кога се погледнува себеси во огледалото. Не е тајна дека ЕУ не само што замижува туку дури и ги прифаќа флагрантните националистички, авторитарни практики на кршење на вродените права на самоопределување не само на соседните држави – Македонија и Македонците се класичен пример за кој е веќе и заморно одново и одново да се пишува – туку и на сопствените граѓани. Но во оваа категорија на групи на кои систематски им се кршат човековите права спаѓаат и Ромите, Турците, луѓето со арапско потекло итн. Само во изминатиот месец (да не одиме наназад) можевме да видиме на што е подготвена „државата на национална безбедност“, односно какви полициски мерки може да преземаат европските власти во однос на слободата на мисла и говор, како и на правото на протести. Во име на борба против наводен антисемитизам се забранува и цензурира секое поинакво мислење за страдањата во Палестина. Пријател (Македонец) од Холандија ми испраќа статија за тоа како холандската полиција врши прогон на студенти и професори што излегле на митинг на солидарност со палестинскиот народ. Уште ни се свежи сеќавањата за медиумското известување за бегалскиот бран во Украина – со насолзени очи го опишуваа хоророт што ги зафатил тие невини цивили со „сини очи и руси коси“ во „срцето на Европа“. На секој спортски натпревар се вееше украинското знаме и одеше назнаката за мир/peace. Сега ги гонат сите што ќе ги извадат палестинските знамиња и шамии, па луѓето се сетија да го користат изгледот на резанката лубеница како симбол за Палестина.
Украина и Палестина, се разбира, се само поводи, односно можности на површина да излезат сите фрактури на нагризената европска демократија. Полицијата секогаш тепа, со доза цинизам ќе каже брилијантниот германски професор Волфганг Штрик од институтот „Макс Планк“ во едно скорешно интервју. Во европските општества, кои би требало да се оази на човековите права, слободи и демократија, репресивните алатки се во сè почеста употреба. Медиумите ја вршат својата пропагандистичка улога, а новинарите сè почесто имаат избор меѓу самоцензура или отпуштање од работното место како неподобни. Во јавниот дискурс се наметнуваат наративи што се поларизирачки, со тоа што на „другата“ страна не ѝ се дава еднаков простор за дебата. Можеби еден од најскандалозните уреднички ставови со исламофобична содржина беше оној во т.н. манифест на германскиот „Билт“ (кој навистина е десничарски таблоид со неславна историја, но е и најчитан медиум во таа земја). Кога такво нешто би се објавило овде, тоа би бил скандал со невидени размери.
ЕУ се милитаризира, пардон ЕУ е веќе милитаризирана. Тоа е најзначајниот сигнал за аларм, за назадување и вртење кон темните времиња, кои мислевме дека се дел од минатото што опоменува. Сакајќи да биде геополитички актер, таа не само што го изгуби моралниот компас туку и својата независност. Сега е само слеп приврзок на Вашингтон. За помалку од две години, ЕУ го изгуби и својот идентитет, а го прегрна „атлантскиот“. Со други зборови, ЕУ стана економска и политичка филијала за НАТО (влијаејќи така и на државите што се членки на ЕУ, ама не се и членки на Алијансата). ЕУ веќе не е зона на мир, таа сака да зборува со јазикот на Студената војна (и чудно е колку лесно ја направи таа „транзиција“, речиси во миг ги облече шинелите на Нашите наспроти Вашите, т.е. сите други). Речникот што го користат првите луѓе на ЕУ (особено претседателката на ЕК и шефот на европската дипломатија) е не само милитантен, заканувачки (на пример, кон Кина), туку и отворено расистички (наративот за „џунглата“ и Европа што се штити од неа). ЕУ е носител на Нобеловата награда за мир, а на душа ги носи илјадниците мигранти чии коски лежат на дното на Медитеранот. Демократскиот дефицит е иманентна одлика на политичкиот систем на ЕУ, но сега таа одлика добива засилени форми кога функционери без директен народен легитимитет (Урсула, за која често на врв на јазикот ми е името Круела), т.е. што не се избрани од европските граѓани, си земаат право да изразуваат ставови во име на „Европа“ во сферата на надворешната политика. Затоа не зачудува што дури и службениците во институциите на ЕУ беа вознемирени и почнуваа разни петиции и механизми на изразување на незадоволство. Но Круела се подготвува (како што разбравме) за позицијата генерален секретар на НАТО. Мора да вежба! За сенките на нејзината биографија поврзани со плагијаризам и корупција (уште како функционерка на Германија) не ни треба посебно да се елаборира.
Издвојувањата за воениот сектор вртоглаво растат, додека економската и социјалната слика драматично се менува. ЕУ е во економска сецесија, а нејзините економски активности потфрлија во однос на очекувањата за 2023 г. Економистите зборуваат за деиндустријализација, раст на инфлацијата, опаѓање на потрошувачката, раст на цените на основните производи итн.
Во септември оваа година, директорот на една голема хемиска компанија изјави дека Германија ризикува „деиндустријализација“ поради зголемените трошоци за енергија и лошите владини политики во однос на хроничните проблеми. Во овој контекст, набрзина, можеме да ја забележиме промената во т.н. зелени политики, особено во енергетскиот сектор, каде што прекуноќ јагленот стана еколошки прифатлив енергент. Дури и нашите проевропски аналитичари не можеа да го скријат разочарувањето и од новите економски механизми за помош на растот на т.н. Западен Балкан. Не само што средствата се недоволни туку и реално се намалуваат. На нашиот сиромашен граѓанин со децении му ја продаваат таа лажна приказна за благосостојбата на ЕУ. Нејзиниот крај е тука. Иако на изборите нашите партии ќе се колнат и натпреваруваат во тоа колку се лојални и посветени на ЕУ. Некоја нова Круела ќе ги пофали за тоа и ќе препорача дека Уставот мора да се смени, а за правосудството ќе почекаме. Заедно со Украина, Грузија и Молдавија…