Ѕидот кон Македонија – последниот ѕид во Европа

Историјата на светот познава три славни ѕида: Ѕидот на плачот, Кинескиот ѕид и Берлинскиот. Четвртиот е најнов и различен од сите други: тоа е последниот европски ѕид поставен кон Македонија и кон македонскиот народ.
Во последната деценија на 20 век падна Берлинскиот ѕид, се уриваа политичките, идеолошките, воените и други ѕидови, се укинуваа меѓународни блокади, се отстрануваа бариери, се креваа рампи. Се распадна Советскиот Сојуз, пропадна комунизмот како систем, светот излегуваше од таканаречената Студена војна. Се крена железната завеса, имагинарната граница поставена по крајот на Втората светска војна меѓу демократските држави на запад и комунистичките држави на исток во Европа. Се реставрираа, се возобновија стари држави, во делови од Европа се формираа нови. Тој процес траеше сѐ до 2022 година кога во Европа започна нов воен конфликт и светот доби нова превртена слика.
Во витлите на големите геостратешки, национални, политички и географско-територијални распределби беше опфатен и југот на Европа, особено Балканот и неговите држави. Низ тие процеси, Република Македонија на мирен начин ја извојува својата самостојност, одвојувајки се од дотогашната комунистичко-социјалистичка заедница на југословенските народи, таканаречената Титова Југославија. Уверена дека како самостојна држава конечно го дефинира и го потврдува својот меѓународен статус, дека се ослободува од историските лепенки како „буре барут“ и „јаболко на раздорот“ на Балканскиот Полуостров, Македонија и македонскиот народ ги изразија волјата и желбата да бидат дел од новиот европски свет. Но се покажа дека таквите очекувања биле пуста надеж. Новоустроената независна држава остана една од оние точки каде што и натаму се сретнуваат и се судираат интереси и на големите сили и на соседните држави, оптоварени со недорасчистено историско наследство. И остана изложена на сомнежи, на искушенија и на европска осуда, речиси без своја вина.
По паѓањето на Берлинскиот ѕид, кога цела Европа веруваше дека е завршен историскиот период на подигање ѕидови меѓу државите, се појавија два нови. Тие беа подигнати заради спречување на Република Македонија да се доближи и да се вклучи во проевропските процеси и да ја оствари желбата да стане членка на Европската Унија.
Уште од самиот ден на осамостојувањето, првиот ѕид го подигна Грција со нејзиното барање да се сменат името и дел од историјата. По решавањето на тој дводецениски проблем, на општо изненадување, нов антимакедонски ѕид подигна бугарската држава, кој по своето траење може да ги стигне годините на озлогласениот Берлински.
Тие ѕидови, доправани, зацврстувани, со голема помош од стратешки архитекти и изведувачи од Америка и Европската Унија, немаат официјален назив, но во новиот формат се именуваат со називот вето, што значи забрана. А можат да добиваат и други именувања – бариера, рампа, преграда, ограда. Бугарската може да го добие квалификативот како нова железна завеса поставена пред Република Македонија (сега Северна). Грчката забрана се однесуваше за името, бугарската е посложена зашто се однесува за идентитетот, за историјата, јазикот, писмото и културата на македонскиот народ и за личностите вградени во таа национална историја.
Таквиот ѕид не е правен со бетон, со плочи, со тули или со други тврди материјали. Не е ниту од камен, ниту од железо и бетон, а е толку цврст што никој во светов не се нафаќа да го разгради. Физички е невидлив, а речиси непрескоклив. Во историјата на државите таков тип ѕид не постоел, иако постоеле соѕидани тврдини, бедеми, калиња. Нужни се такви градби во состојба на војна, ама ваков ѕид во состојба на мир никаде и на ниеден народ не му бил вештачки испречен.

Последниот европски ѕид е надвор од сите пропагирани европски политики за мир, пријателство и соработка меѓу народите. И контра сите други принципи за приближување или вклучување на државите во Европската Унија. Ѕид доѕидан од високорангирани личности, од филувани изјави, од измами, лицемерство, различни стандарди, формални средби, празни ветувања. Дома, во Македонија, него го градат и возобновуваат 3.504 лица што на пописот се изјасниле како Бугари, од кои 2.121 се мажи, а 1.383 се жени, што претставува 0,19 проценти од вкупното население. За волја на вистината не се само тие, има доста поголем дел што се сметаат себеси за македонски Бугари.
Хронолошки гледано, најстар е Ѕидот на плачот во Ерусалим, познат и како Западен ѕид, остаток од храмот што го изградил Соломон, најмудриот од сите цареви откако постои векот, разурнат кога Римјаните го освоиле Израел, 70 години по распнувањето на Исус Христос. Тоа е оној ѕид што сме имале можност да го гледаме на фотографии или на телевизија, каде што Евреите одат да се молат. Првите Европејци што стигнале во светиот град, гледајќи го чинот на молитвата, мислеле дека верниците доаѓаат да плачат. Од погрешното сфаќање произлегол и вообичаениот назив за него Ѕид на плачот. Еврејските верници доаѓаат овде од секаде на светот за да се молат, оставајќи во пукнатините на ѕидот пораки напишани на хартија, верувајќи дека желбата што ја напишале ќе им се исполни. Се верува дека во тој храм се чувал и Ковчегот на заветот во кој биле ставени плочите со Десетте Божји заповеди, кои до денес не се најдени.
Кинескиот ѕид е најголемата градба на светот направена со човечка рака. До пред скоро време се сметаше дека е долг 8.851 километар, но најновите научни проучувања и службени мерења откриваат дека тој всушност е долг 21 илјада километри. Неговата градба почнала во 5 век пред нашата ера, во време на војување меѓу две царства, како заштита на Кина од странски завојувачи. Во третиот век пр. н.е. се изведувани најмасовните кампањи за градба, кога биле ангажирани 300 илјади работници. Од тогаш, ѕидот е непрестајно прошируван, надградуван и поправан. Денешниот облик го добивал сѐ до 17 век. Ѕидот со векови е симбол на националното единство, националната гордост, а во најново време е најголема туристичка атракција. Во 1987 година е запишан во УНЕСКО како светско наследство, а во 2007 година е избран меѓу седумте нови светски чуда.

Историјата на Берлинскиот ѕид е кратка: тој „физички“ траеше 28 години, а историски ќе се споменува во недоглед. По завршувањето на Втората светска војна, поразената хитлеровска Германија беше поделена на четири окупациони зони меѓу Америка, Британија и Франција и Советскиот Сојуз. Во 1949 година, трите западни земји ги соединуваат своите зони и се создава Сојузна Република Германија, а истата година советската зона станува нова држава со име Германска Демократска Република. На источен и западен беше поделен и главниот град Берлин. Четириесет и пет километри долгата бариера, најнапред од бодликав тељ, а потоа од тврд материјал, почна да се гради во август 1961 од источната страна. Првите 45 километри подоцна станаа 155, со изградба на уште една паралелна ограда, со празен простор на ничија земја, која се нарекувала „патека на смртта“, за оние што сакале од сиромашниот комунистички исток да пребегнат на богатиот капиталистички запад. Ѕидот е урнат на 9 ноември 1989 година. Една година подоцна, Германија се обедини во единствена држава.
Значи, преостанатиот жив политички и идеолошки ѕид во Европа е ѕидот што го постави и го одржува Република Бугарија кон Република Македонија (сега Северна), а го поддржуваат членките на Европската Унија. Тежок е одговорот на прашањето: ќе падне ли еден ден и последниот европски ѕид, кој уште се доградува наместо да се урива?