(Пописот низ слики, без бројки)
Најпрво сакам да признаам дека бројките од пописот ги разгледав само бегло, згора-згора, колку да се информирам за основните податоци за статистичката положба на Република Северна Македонија, официјалното име на државата. Од таа причина, во овој текст нема да се занимавам со бројки, туку ќе се потрудам таа положба да ја илустрирам со слики што сум ги гледал или ги гледам лично, со свои очи. Се надевам дека низ тие слики ќе се види дел од вистинската ситуација, која некаде се совпаѓа со бројките, некаде е сосема спротивна.
Како прв пример земам два автопатишта. Едниот Скопје – Гевгелија, другиот Скопје – Тетово – Кичево. Не ги знам бројките за движење на моторните возила во текот на 24 часа, што во случајов не е ни важно. Сакам да кажам нешто друго. Ако ноќе или рано наутро, взори, патувате на првата релација (по стариот или по новиот пат), на целата делница ќе сретнете по пет-шест автомобили во двете насоки. Поинаку е само налето, кога е годишноодморската сезона за Грција. Македонски и српски автомобили се движат во колони во недоглед. Ако барате градски светла, ќе видите само на три места. Над Велес, крај Неготино и кај Гевгелија, оддалеку кај Јосифово, Пирава и Валандово. Демир Капија не се гледа, таа спие во зелени крошни. На маргините на автопатот нема светла, нема населени села, што значи нема луѓе, нема големо население, што би се рекло со статистички јазик.
Ако, пак, патувате од Скопје до Тетово и кон Гостивар и Кичево, сликата е сосема поинаква. Ќе видите врвулица, дење-ноќе, во лето или зима, сеедно. Автомобили, џипови, комбиња, автобуси, разни регистарски таблички, домашни и странски. Брзање, претекнувања, повремени застои, инциденти, нервозни возачи. Бензински пумпи, маркети, приватни фирми. Светла трепкаат од двете страни на патот. Во низа се наредени село до село и во пазувите на Шара и од кај Сува Гора. Крај патот зрачат реклами на ресторани, хотелчиња и мотелчиња за кратка употреба, таверни, ноќни клубови. Значи, таму има население, врти пара, се одвива жив живот. Пред Кичево, албанско знаме до знаме, за да се знае кој живее таму, чија е таа етнички чиста територија.
Одамна не сум патувал на магистралата Скопје – Штип – Струмица, но пријатели што одат натаму ми пренесуваат слика на запустеност. Убаво е што има нови патишта, но патишта има, луѓе многу нема. Уште попусто било на патот за Кочани, особено од него кон Македонска Каменица и Делчево, како и Кочани – Берово. Празни села, една третина од семејствата, сосе деца, преселена во Италија и во Германија.
Што да се каже за Скопје – Прилеп – Битола – Ресен. Од Велес до Прилеп, на плодна земја, поголем број куќи има само во Росоман и Градско. Од Росоман до Прилеп има понекое село со по неколку куќи во Црноречието, потоа долги километри црна зандана. Селото Горно Радобил доби струја пред три-четири години, две-три светилки светат во ноќта. Ако е за утеха, на оваа магистрала, барем засега, нема наплатни рампи. Прашање е дали е исплатливо да се наплаќа на таков пат, за толку малку возила и луѓе. На овој дел треба особено внимание да не дојде до некој дефект на возилото. Со часови нема да помине друг возач евентуално да помогне. Пелагонија е полупразна, Мариово одамна стана синоним за напуштеност, живее меѓу старите спомени и ветувањата за подобро утре.
Од Битола, бабам Битола, до Ресен живурка по нешто, свети овде-онде, и пред преминот Ѓавато и по него. Во сам Ресен, од година на година, сѐ помалку домаќинства, помалку луѓе. Во времето кога растев таму и ги минував гимназиските денови, од рано утро на нашата улица течеше река од луѓе што одеа на работа. Мажи, жени, во бујна младост и полна сила. Градот живееше во прогрес, во надеж, за разлика од сега, кога килограм јаболка се откупува за три до пет денари. Во мојата славна улица, тогаш главна градска артерија, ечеше од детски гласови, цели толпи, детски „банди“ и наивни игри. Сега, од 100 маалски куќи, во повеќе од 50 нема жив човек, деца се бројат на прсти. Демографските податоци ја дополнуваат сликата: морталитетот е поголем од наталитетот, се случува „негативен прираст на населението“. И тоа не се однесува само на Ресен и Преспа, сликата е далеку поширока, опфаќа две третини од Македонија, речиси цел Исток и дел од централна и јужна Македонија. Јужен дел од територијата на Република Северна Македонија – колку апсурдно звучи.
Целосната демографска слика на статистичка Македонија е со тажен колорит. Пусти села, без ниту еден или само по еден жител, едно или две од Бога и од своите деца заборавени семејства, немоќни татковци и мајки, баби и дедовци. Од педесетина села во една општина, во ниту едно нема продавница, (пред задруга), нема кај да се купи леб, млеко, јогурт, зеленчук и овошје. Нема кај да се напие човек пиво, ако не купи во град. Умешни трговци носат еднаш или двапати неделно со комбе, дури и замрзнато месо, плескавици и ќебапи, нема домашно производство.
Гаснат вековни семејни лози, на многу места живее последното поколение, заминуваат во сеќавања презимиња на последните Македонци во тие населени места. Нема наследници, нема кој да ја продолжи лозата. Исто е и во Паланечко, исто е во Овчеполието.
Попишани или непопишани, стотици илјади Македонци се во странски земји, незаведен во ниту една македонска книга. Вистина е дека печалбарството во Македонија е вековна традиција, кога луѓето, бегајќи од сиромаштија, од поробувачи и од душмани, бараа спас во новиот свет. Ако таа појава се впишуваше во графата печалбарство или статистички се водеше како „привремена работа во странство“, сега се случува интелектуален егзодус. Бегаат млади, образовани, во голем дел и социјално незагрозени. Не од авантуристички побуди, туку од незадоволство од политичките состојби и катастрофалните мери за вреднување на трудот. Секој ќе рече: Што се триста евра месечна плата?
Жалната слика ми ја дополнуваат пријатели и познаници во моменти кога се распрашуваме за здравје, семејство, во муабети од типот – како си, што правиш, како ти се децата? Имам чувство дека секој трет-четврти ми кажува дека има дете, син или ќерка, или и син и ќерка, во странство. Во тој непознат регистар на родители со деца во странство се најдов и јас од пред неколку месеци, кога син ми Киро реши да се пресели да живее во Канада. Вибер – вибер, спас за лекување на родителската тага, да му се слави името на тој што го измислил.
Што е со Скопје? Објаснувајќи ми ја сликата за социјалната состојба во државава, мојот прониклив баџанак од Куманово ми изрече една мошне интересна споредба. Вели: „Паре су у Скопје, баџо, ми други градови само статирамо у статистику. За тој сви идев у Скопје“. Значи, баџанакот уште пред пописот ми го кажа она што го соопшти и статистиката: половина Македонија умира, само Скопје, како така, се одржува во живот.
Изгледа контрадикторно, но и сликата на Скопје е од грда, погрда. Ако не верувате, прошетајте по главната улица што порано се викаше Маршал Тито, од старата железничка до Камени мост. Нечисто, канализациски смрдливо, депресивно. Да не набројуваме други места, валканици на секој чекор, неконтролирани градби, власт на урбаната мафија. Затворени продавници, дуќани, натписи на кои пишува „се продава“, „се издава“. Дури и пазарите не се тоа што беа некогаш.
Ако некој сака да види кој е, каков е народот македонски, ако некој сака да се увери која е и каква е државата во која живее, а има име Северна Република Македонија, го упатувам да оди да ја види сликата на шалтерите за наплата на струја на ЕСМ и на „Водовод“, како и во приемните простории на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување во Скопје.
Таму ќе види народ, вистински македонски народ. И ќе ја види вистинската слика за дезорганизираноста на државната администрација што влегува во пописот, но не излегува од заостанатоста. Да не даде Бог да имате таму проблем, особено ако сакате да направите некаква рекламација за високи и нереални сметки, за лошо пресметан стаж или слично. Таму граѓанинот има третман на статистичко ѓубре, но никаде не е запишано како таков отпадок од општеството. Таму, пред тие шалтери, најубаво се гледа дека државата на граѓанинот му е маќеа, а не мајка. Како и на многу други места.