Да се живее и да се доживее стотата – што точно ја прави разликата

Нема човек што не се прашува колку години ќе живее и како. Вечна тема на која сè уште не може да се одговори со сигурност, а лекарот и експерт за долговечност Ден Бетнер ги истражувал сините зони низ светот. Неговата идеја била да ги групира советите во клучни сегменти за да помогне да создадеме амбиент во кој квалитетните и исполнетите години само ќе се нижат едноподруго. Барем до 100.
Како што напредуваше неговото истражување и се продлабочуваше неговото знаење, тој сè повеќе добиваше револуционерни сознанија за долговечноста. Неговото истражување не само што го открива начинот на живот на стогодишниците туку дава и практични совети за оние од нас што сакаат да им се приклучат на нивните редови.

Храна за долговечност

Препораката за диета број еден на Бетнер може да ве изненади: гравот.
„Ако јадете само една чинија грав дневно, ќе живеете околу четири години подолго“, објасни тој за „Ридерс дајџест“.
Тоа е затоа што гравот е фантастичен извор на протеини, како и есенцијални диететски влакна, а освен што се готви како чорба, гравот можете да го ставите и во супа минестроне. Покрај гравот, важно е да јадете продукти од цели зрна, зеленчук, клубени богати со хранливи материи и различни јаткасти плодови.
Вежби за долговечност

Пешачењето е клучно за долговечноста.
„Ако моментално сте седнати, можете да го продолжите вашиот животен век за околу три години само со пешачење по 20 минути на ден“, рече тој, додавајќи дека и други активности можат да го продолжат животниот век. Тоа се јога, танцување и пливање, но и возење велосипед.

Сон за долговечност

Набљудувањата на Бетнер на сините зони откриваат постојана шема за спиење: важноста на редовна рутина пред спиење. Тој забележува дека најдолговечните популации во светот „се склони да си легнуваат рано и да не гледаат телевизија пред спиење“. Во тие заедници спалната соба е резервирана само за две намени: спиење и интимност, правејќи ја тивката и ненарушена средина за спиење важна.

Ментално здравје за долговечност

Главниот совет за негување на менталното здравје и продолжување на долговечноста е да бидете селективни во поглед на вашето друштво. Треба да имате многу пријатели, но тие мора да имаат позитивен поглед на светот.

(Политика.рс)