Чебрен треба да биде македонскиот обединувачки национален проект

Водата е непроценлив животоважен ресурс за следниот период проследен со климатските промени и војната за вода. Војната се остварува на економско поле, со купување на изворите на пивка вода од сиромашните земји или со земање под концесија на неразумно долги периоди. Парите ќе им се вратат на инвеститорите повеќекратно.
Водата што ќе се акумулира во езерото создадено со браната „Чебрен“ (а и „Галиште“) е посебно национално богатство на македонскиот народ и не смее да се отуѓува ниту да се дава на користење под концесија. Во следните десетици години од неговата експлоатација (вода за пиење, вода за наводнување, за енергетски цели: производство на електрична енергија, акумулација на енергија во реверзибилен процес, ладење нуклеарни реактори) придобивките треба целосно да му припаднат на македонскиот народ.
Јавна работа од голем капацитет е начин за обединување на општеството – има јасна опиплива цел за придобивките што ќе следуваат.
Државата преку ЕСМ треба да биде инвеститор, носител и раководител при изградбата и да управува со користењето на тој потенцијал во следните 60, 100 или повеќе години.
Ќе се спореди техноекономската оправданост за изградба на висока брана (192 метри) наспроти две пониски (100 метри) и значително поевтини, а со еднаков енергетски ефект.
Објектот се гради во долг период од седум до осум години (а може и подолго). Инвестицијата на ниво од 600 до 700 милиони евра распределена во овој временски период по 100-120 милиони евра не е големо финансиско оптоварување на националниот буџет. Ниту ако се земе кредит, особено преку помош од ЕУ за зелена транзиција на Западен Балкан, кога дел може да биде и донација.
Вложените пари остануваат во најголем дел во Македонија. Се ангажираат максимално домашните организации од секторите градежништво, електрика, машинство, транспорт. Се зголемува бруто-продуктот.

Учесниците во изградбата се стекнуваат со дополнително специфично искуство, зајакнуваат преку зголемување на бројот на вработени, добиваат референца за настап надвор од границите на Македонија.
Вкупниот капацитет за акумулирање енергија не е доволен да го прифати вишокот произведена електрична енергија со сончевите колектори изградени во Македонија.
Цената на пазарот со електрична енергија на произведената електрична енергија од реверзибилниот процес е повеќекратно повисока од производната цена, затоа што ќе се продава како енергија за балансирање на мрежата, а не како базна енергија. Со тоа значително се скусува периодот на враќање на инвестицијата.
Млад инженерски кадар ќе се стекне со непроценливо искуство при изградба на објектот. Дел ќе остане и за експлоатација на истиот тој наместо да се пресели во странство.
Прашања што предизвикуваат загриженост и сериозно сомневање во исправноста на одлуката на Владата за избор на понуденото решение се следниве:
1) Неразбирлива разлика во процената на висината на инвестицијата помеѓу избраната варијанта на концесијата од една милијарда евра (а може и повеќе, изјава на ТВ од страна на советник за енергетика при Владата) за објект од 330 MW и процените од 553 милиони за значително поголем објект со капацитет од 458 MW (2000 и 2022 година) на две најреномирани институции во Македонија: МАНУ и Секторот за развој и инвестиции при ЕСМ. Или некој ја разбира?
• Според Стратегијата за развој на енергетиката до 2040 година изработена од МАНУ, вредноста на постројката „Чебрен“ е проценета на 552,8 милиони евра за капацитет од 458 MW. При намален капацитет од 330 MW, вредноста би требало да биде 398,3 милиони или трипати пониска од процената во прифатената концесија!? И да се земе предвид инфлацијата, разликата е неприфатлива.
• Процена за висината на инвестицијата според префизибилити-студијата за ХЕ „Чебрен“ и ХЕ „Галиште“ нарачана во февруари 2017 година. Вредноста на ХЕ „Галиште“ со капацитет од 193,5 MW е проценета на 200,2 милиони евра. (Извор: ЕЛЕМ – Електрани на Македонија: ХЕ „Галиште“, 2017).
• Пумпно-акумулациската хидроцентрала (ПАХЕ) „Чебрен“ + ХЕ „Орлов Камен“) со капацитет од 458 MW, инвестиција од 553 милиони евра. (Извор: ЕСМ – Електрани на Северна Македонија, Капитални проекти, Сектор за развој и инвестиции, мај 2022)
2) Не е почитувана оптимизацијата на целиот хидросистем во интегралниот проект „Вардарска Долина“, изработен од конзорциум составен од домашни експерти и францускиот конзорциум составен од CNR-RONA, EDF и HYDROLAC.
• При инвестирање во капитален објект со ваков размер наместо „Оптимизација на системот на Црна Река за производство на електрична енергија (една постојна ХЕЦ ’Тиквеш‘ и три новопроектирани ХЕЦ ’Чебрен‘, ХЕЦ ’Галиште‘ и ХЕЦ ’Скочивир‘), прифатено е парцијално решение изработено од грчката фирма ’EXERGIJA‘, стар неважечки проект од 1986-1990 година за ХЕЦ ’Чебрен‘ H=192 м со накалемени пумпно-акумулациски агрегати“.
• Со прифаќање на Просторниот план на Македонија од 2000 година се прифаќа и новиот закон за води на Македонија. Оттогаш сите студии и проекти што не се работени според европските закони за води и еколошки ограничувања практично се невалидни, бидејќи и нашите закони се усогласени со европските. Тоа значи и ХЕЦ „Чебрен“ H=192 м (Голем Чебрен) отпаѓа затоа што не одговара на европските критериуми на европските закони за води и еколошките стандарди за биодиверзитет во големата акумулација на ХЕЦ „Чебрен“.

Проф. д-р Константин Димитров

(Извор: Јордан Ставров, дипл. инж., проект-менаџер во периодот на
реализација на физибилити-студијата „Вардарска Долина“)