Антиквизација – ММЕ кој прв почна

Долгогодишната, дозирана употреба на македонската историја, редуцирана и приспособена според идеолошко-политичките и геостратегиски потреби на „поранешниот југословенски концепт“, во која, освен за Старите Словени од зад Карпатите, Гоце, Јане, Даме, НОБ, АСНОМ и неколку локални „случки од собитиен карактер“ и некои ретуширани епизодисти, кои беа подигнати на степен на историско славење и паметење, немаше место за многу личности и дела што не се сообразувааа со историско-политичките потреби. Во таквиот невротичен амбиент на идеолошко-политичка постмодерна, често извесни просечни историски збиднувања и личности беа подигани на степен на славење и опевање и со методологијата на историскиот ретуш и селективност, претворани и втемелени како апсолутна вистина, која понатаму со текот на времето и со „добро“ осмислена педагошка методологија се вградуваше во паметењето на генерациите и прераснуваше до димензија на историски факт, што често се ползуваше за егоистични, дневнополитички и демагошки цели.
А античкото наследство, тоа си беше безбедно, длабоко закопано во земјените архиви, под карпите и под македонскиот плоден и животороден алувиум. Таму не смееше ниту да се чепка, а камоли, пак, проучува и истражува. Тоа беше мајдан резервиран за дивите копачи и трагачи по богатства и возбуди, кои немилосрдно откопува, распарчуваа артефакти, им ги продаваа на белосветските колекционери за багателни цени, систематски го дробеа македонското ткиво.
И безмалку како козерија, се сеќавам на миговите од средината на деведесеттите, кога ексчленот на Југословенското претседателство, д-р Васил Тупурковски-Циле (иронично се смешкаа – на што спадна човекот), се упати во пребогатата Вашингтонска библиотека, да потсети, научно фундирано, на нашите историски антички корени, преку детските приказни за Античка Македонија. Патем, дали случајно, поткрепен од грант од американската влада. А знаеме – прагматичните и систематични Американци ништо не прават (ниту грант даваат) случајно и брзоплето. Во тоа време се огласи Американецот Лоренс Иглбергер, ексдржавен секретар на САД, истакнат политичар, дипломат и историчар. Осврнувајќи се на полемиките што во негово време биле водени во светот околу Македонија и Македонците, во угледниот вашингтонски дневник „ВОЛСТРИТ ЖУРНАЛ“ (2010 г.), под наслов: „МАКЕДОНИЈА НИКОГАШ НЕ БИЛА ГРЧКА“, покрај другото, ќе напише:
„…Античките Грци никогаш не тврделе дека Македонија е нивна. И никогаш не ги прифатиле ниту Филип, ниту Александар како свои легитимни владетели… Грција /никој/ нема право да ја присвојува античката македонска историја итн.“ Во тоа време се фундираа заедничкото пријателство и партнерство со потег што далекосежно ги зајакнаа (сериозно разнишаната) националната гордост и самосвест, која почива на познавањето на историските корени.

Во походот кон европските и пошироки глобални интеграции се наметна потребата за ослободување извесни идеолошки балкански толкувања на минатото од „историскиот ретуш и вишокот интерпретација“ како перспектива за конечното „очовечување и помирување на противречниот племенски менталитет“ заробен во југословенската митологија и историско-идеолошка крепост.
Во рамките на таквите трендови се актуализираа прашања што налагаа извесна мека преобразба на одредени историски интерпретации. Славењето личности, изградбата на споменици и музеи, кооптирањето собитија и содржини од новата, но и подалечната историја предизвикaa отпор, жестоки дискусии, дебати, немири…, кои во извесна смисла ги разнишаа дотогашниот статус и монолитот на историското паметење.
Од подземните пребогати архиви се откопува скриена и долго премолчувана цела една цивилизација. Стотина години борба, ВМРО, ТМРО Илинденското востание. Речиси седумдесет години по АСНОМ и пред сите идни јубилеи и историски премерувања јавно се прозборува за Методија Андонов-Ченто, Панко Брашнаров, Емануел Чучков, Љупчо Арсов, Ване Полежина-Кичевчанецот, првата петорка на АСНОМ, на кои, освен визијата и идеалот за независна и слободна Македонија, им е заедничка и трагичната судбина. Сите, како по некое непишано судбинско правило, скончани во матни и докрај неразјаснети околности и лавиринти, заборавени и избришани од историското паметење. Но се потврдува старата општоприфатена вистина дека и историската, како и секоја правда е бавна, но дофатна. За автентична и поопсежна историска интерпретација, се надевам, извлековме доволно поука, дека е упатно историјата да се ослободи од идеолошко-политичките хипотеки и да се објективизира според научната цврста логика. Во неа секогаш треба да се најде и да се негува доволно простор за личности, дела и артефакти што допрва треба да ги истражуваме, откриваме и верифицираме. Само така ќе ги надминеме поделбите, ќе одговориме на историските предизвици и ќе ги јакнеме кревката македонска кохезија и националната свест.

Нашиот поглед кон антиката не го негира ниту го релативизира доминантно христијанскиот бит на нашето милениумско и современо постоење. Испитувањето на корените на традициите во едно општество, секако, е една од кардиналните нишки во процесот на цивилизацијата. На тоа треба да се пријде како на интерес за историски вистини и вредности, кои го обликуваат личниот и колективниот идентитет. Антиквизацијата на градителскиот потфат „Скопје 2014“ вчудовиди и вознемири многумина /не знам зошто/. Покрај велелепноста, подотвори и прашања поврзани со идентитетот. Голем дел од креаторите и градителите на овие проекти се пораснати покрај другото и со сликовниците на Циле. Да им оставиме да се исправат гордо и да ги сонуваат и живеат своите соништа.

Аљоша Симјановски