Тревата е (по)зелена

Хуморот што се роди на барикадите на паниката, барем делумно го релаксира стравот и ја ублажи паниката. Лесно им било на древните Грци – паниката меѓу своите редови да му ја припишат на стариот грчки бог Пан (кому паниката му го должи името). Но тој бог одамна е мртов (единствениот мртов бог, според Плутарх), а природата (еден од симболите на Пан) секоја пролет нè потсетува дека „тревата е зелена“…

Опасноста доаѓа од мала оддалеченост – е една од предупредите за ковид-19, кој старата Хобсова мисла „човек на човека му е волк“ ја преиначи во „човек на човека му е ковид“.
Новите настани ме потсетија на еден помалку познат настан, а поврзан со најголемата опасност со која се соочил Фидел Кастро, барем според Габриел Маркез. За неа зборува во расказот „Рибата е црвена“ – шифрирано име на една операција во Заливот на Свињите во Куба. Всушност, името упатува на целата приказна за тајната војна против Кастро во седумдесеттите години на претходниот век, а под тој наслов е објавена и книга од двајца автори (Хинкл и Тарнер).

Како што е познато, Кастро преживеал неверојатно голем број обиди за атентат (според кубанските извори – дури 638 за време на осум американски претседатели) и покрај „креативноста“ на тајната режија на странските служби (овој редослед ми се чини посоодветен од „режијата на тајните странски служби“). Во економската војна против малата црвена земја не „помогнале“ ни вештачките поројни дождови од кои, по некое чудо останале поштедени плантажите со шеќерна трска, ниту епидемијата на свинска треска од која настрадале околу половина милион од „прозваните“ во вирусот (Маркез споменува триста илјади). „Човек да помисли дека постои нешто што им бега на компјутерите на ЦИА и дека тоа не е сосема без поврзаност со магијата на Карибите“ – ќе подвлече Маркез во своето препознатливо „магично“ декодирање.

Сепак, најголемата опасност за Кастро (раскажува магичниот Колумбиец), не дошла од атентатите, туку од мала оддалеченост: „По неуспешната инвазија во Заливот на Свињите, додека се враќал од фронтот во еден отворен џип, двајца преживеани, скриени во крајпатните грмушки, го држеле на нишан… но не се осмелиле да пукаат.“
Сопствениот (личен) страв им станал поголем непријател од заедничкиот „непријател“. Истиот (не баш истиот, но несомнено личен и веројатно помал) страв, што ја испразни тоалетната хартија при првиот „рафал“ на ковидот, потоа брашното, а најпосле и квасецот. „Операцијата“ на панично празнење на маркетите би можела да се кодира како „обратно од патот на лебот“.

Се разбира, паниката ниту е автентична, ниту ограничена за нашиот/балкански менталитет, а зад неа, според психолозите, стои општиот човечки страв од инфекција и чувството на гадење, поради што тоалетната хартија се доживува како некаков штит и симбол на подготвеност, па и на безбедност (меѓу другото и од срам). Хуморот што се роди на барикадите на паниката, барем делумно го релаксира стравот и ја ублажи паниката.
Лесно им било на древните Грци – паниката меѓу своите редови да му ја припишат на стариот грчки бог Пан (кому паниката му го должи името). Но тој бог одамна е мртов (единствениот мртов бог, според Плутарх), а природата (еден од симболите на Пан) секоја пролет нè потсетува дека „тревата е зелена“ – „операција“ на која не ѝ треба декодирање за да се разбере и да се почувствува, еднакво силно како и стравот.

Пролетва, која нè затече во самоизолација, тревата изгледа уште позелена, а најзелена се чини во сопствениот двор – ковид-19 го постигна она што не успеа ни стариот евергрин на Том Џонс (сосе обработката на „Рибља чорба“, ако сакате). Напоредно со магичното облекување на природата во зелено, и моќните (меки и тврди) сојузи ги соблекоа спортските дресови: кога е на „колена“ секој играч е препуштен сам на својата „трева“ (за силните и натаму светот е само „тревник“ и обележан само за сопствените топки). Нејсе.

Чудно е, како понекогаш нештата го извртуваат своето значење, за мошне кратко време.
Она што неодамна (пред само две години) се толкуваше како чин на откоренување и самопредавство, деновиве се преобрати во чин на храброст и солидарност, до степен на откровение на можноста за повторно вкоренување, имено – чинот на седење дома.
Постои латински израз што ја одразува таа човечка (не)активност – homo sedens, или човек што седи. Навистина, под дејство на технолошкиот развој човекот (е принуден да) седи во голем дел од своите работни активности или барем, во голем дел од современите занимања. Неговата (под)исправеност денес, е ретко потребна на пазарот на трудот, но се покажала историски нужна кога од него (човекот) се отуѓуваат или обезвреднуваат производите на трудот, но и вредностите што му даваат смисла на трудот. Историјата, како што е познато, се пишува исклучително во сегашно време, а небаре вчера седењето дома беше своевидно „дезертерство“ и личен „штит“ од нерамната/асиметрична „борба“ за името, Уставот и честа, дури надвор од личните домови (а внатре во заедничката „дома“) се раскичмуваше и раскрчмуваше „куќата“.

Иронично, бидејќи homo sedens (меѓу другото), се однесува и на потребата од (в)корен(ување) и трагање по сопствената смисла, а седејќи дома, го започнавме своето талкање надвор од себе, во одразот што го имаа(т) други за нас.
Денес, несомнено, homo sedens значи нешто сосема друго – надеж за сплотување пред заедничкиот „непријател“ и над сопствениот (личен) страв, а седењето дома станува шифра за одговорност кон другите, кон заедницата. И не помал – отпор, зашто тревата надвор е навистина (по)зелена, а зеленото повикува (небаре кавалот на Пан) да му се придружиме. Така изгледа/се слуша од другата/оваа страна на прозорецот.
Потешко им е на оние што живеат во зграда, во збиените населби и градови. Уште потешко на оние во приспособени објекти (подруми и гаражи), уште и под кирија, а тоа им е единствениот дом што го имаат/немаат. Посреќни се оние што се поблиску до природата или во неа. Но сеедно, мора да се издржи, за доброто на сите.

„Нема постоење лишено од тегоба, во тоа е суштината“ вели и поетесата (Виолета Танчева-Златева), а овие денови се како измислени за (само)заборавање и пресоздавање, за патување во себе. И не заборавајте да каснете и од лебот на зборовите: „Кога животот ќе ве стврдне, останете поврзани како меурчињата во лебот за да ја довардите мекоста на душата…“ (од „Лебот на зборовите“ на Борче Панов).
Човек на човека може да му е многу нешта, но во вакви денови е она што е квасецот за лебот.