Судирот на концепти

Што би се случило кога би се случило, последиците од потенцијалниот конфликт со Русија – Дел први

Иако фокусот на денешната колумна сакав да го ставам на малку поинаква закана што нѐ демне, а на што ќе мора да се навратам наскоро, се чини дека потенцијалниот конфликт во Украина е неизбежен и денес, а и во периодот што ќе следува. За таа цел, во неколку дела ќе се обидам да дадам видување за суштината на проблемот, но и да понудам размислување за тоа какви би можеле да бидат последиците од конфликтот. За да се разбере тоа, заради просторот, ќе пишувам во неколку броја што ќе следуваат. Најпрвин ќе зборувам за судирот на концепти, бидејќи за да може да се разберат последиците и динамиката на конфликтот, мора да се разбере суштината на која се заснова спорот околу Украина, кој се изострува до потенцијален конфликт.
Конкретно, анализата на последиците од евентуалниот конфликт ќе ја започнеме преку анализа на основата на судирот, а тоа се различните концепти на државно уредување и компетенцијата што се појави помеѓу нив за геостратегиска превласт. Тоа е со голема релевантност во контекстот со Украина, бидејќи од разбирањето на овој натпревар и судир ќе се разбере и значењето на евентуалниот оружен конфликт во Украина. Впрочем, разбирањето на овој судир ќе овозможи да се разберат методите, просторот и средствата во потенцијалниот конфликт, а со тоа и процените за ефектот од него.
Дополнително, со овој серијал се надевам дека ќе предизвикам и поширока дебата, која недостига, а е поврзана со иднината на земјата. Последното, за жал, е резултат на фактот што вистинските професионалци во професијата ненамерно им го отстапија просторот на шарлатаните што ја окупираа политичката ни елита, па освен тоа дека е далеку од нас и не нѐ засега во моментот, едноставно не проаѓате кога сакате да алармирате. Сепак, и за тоа во друга пригода.

Во неколку наврати кажав дека мирот е скапа работа, но и дека човештвото циклично има тенденција да повторува грешки во историјата. Вообичаено, кога ќе стане премногу добро, правецот во политиката (концептот под кој се градел) којшто доминирал или го создал тоа добро (ги одредувал вредностите, поставеноста она што е модерно и тренд, како на пример западниот либерализам) започнувал да станува контрадикторен ако нема баланс. Создавањето баланс, пак, е спротивно на идеалистичкиот концепт и во таа насока сѐ што е надвор од матрицата што води кон доминација на само еден политички концепт-убедување од страна на оној што доминира се гледа како опасност. Опасноста станува уште поизвесна кога таквиот систем (во превод, за либерализмот-автократски систем) ќе започне да проектира поведение со кое ги анулира или злоупотребува некои од механизмите преку кои либерализмот успеал да доминира (на пример т.н. „трак-ту дипломатија“, или позната како мека моќ – читај користење невладин сектор на пример, иако не ексклузивно). Тоа во практика значи дека или ќе забраните тие дејствувања (преку на пример невладиниот сектор) да имаат влијание кај вас, едноставно со прогон на таквите здруженија, или пак ќе го корумпирате методот и ќе направите хибрид враќајќи со иста мера ама со различна цел. За да биде појасно, на пример како противтежа на ефектот Си-ен-ен, Русија ја лансира „Раша тудеј“. Како што западниот либерализам се проектираше преку медиумите и успеа да направи перцепција за „универзализација“ на вредностите, така авторитарните системи што ѝ пркосат на западната доминација сега преку современата технологија асиметрично се обидуваат да подријат сомнеж во тие вредности. Притоа, тие вешто ја артикулираат секоја слабост на противникот и без да ги вложат милионите што ги вложи (но и ги направи) Си-ен-ен на пример, барем засега го добиваат речиси истиот ако не и поголем ефект.

Тоа значи дека каков било механизам што може да ја предизвика авторитарноста (на пример, истражувачко новинарство и сл.) се етикетира како непријателски и проблем за националната безбедност. Проблемот за Западот во конкретната ситуација е што во војна или конфликт прво што умира е вистината. Така, најверојатно во овој судир на концепти, кој има потенцијал да прерасне во нешто страшно, прво што умира е вистината. И како што Чомски често се осврнува на манипулацијата на западните медиуми врз масите е реална, манипулацијата во авторитарните системи е ултра на она во западните. Внимавајте, додека во либерално-демократскиот свет имате сепак каква-таква независност (на пример, во едукација што е базирана на критичко размислување што продуцира избор, не на интерпретација и репродукција на напишаната догма што продуцира детерминизам), таквиот луксуз кај авторитаризмот е недозволив.
Во овој судир на концепти, либерализмот ја црпи силата од идејата за слободата и удобноста – материјалното добро што се идеализира преку најразлични форми на проекција. На пример, реклами за удобен и кул модернистички живот, или пак холивудска илузија за животот во ветената земја, спорт и градење култ од професија или личности преку инженерингот на либералниот маркетинг. Ефектуирањето во географска и физичка смисла, пак, се прави преку колективни системи, каде што универзализацијата е поефективна. Такви на пример се ЕУ, НАТО и сл. Да се разбереме, во ваквиот пристап нема ништо лошо. Идејата е крајно позитивна и добронамерна. Проблемот е во тоа што силите на кои се гради ваквиот концепт стануваат корумпирани и отвораат проблем.

Во таа насока, проблемот за Западот во дадениот контекст на судир на концепти е троен. Прво, иако во проекцијата и ширењето на либералниот универзализам ова е моќна алатка, таа функционира само ако не е корумпирана или под претпоставка дека политичките елити ќе го прифатат таквиот тренд, не да го корумпираат, како што е случај во квазилибералниот свет, на пример кај нас. Второ, ваквата конструкција на домашен терен започна да создава контраефект на потребниот патриотизам и сакање на државата. Имено, корпоративните џинови што материјалната моќ ја претвораат во политичка моќ не се водени од државно базирани цели. Нивните цели се профит. Тоа продуцира себичност, изолација, класи и голем број каскадни последици што му се закануваат на либералниот концепт, пред сѐ бидејќи слободата на политичката елита е загрозена од економската елита што има политички амбиции – да си создаде правила што ќе ѝ одат во прилог. Трето, авторитарните режими што наводно сакаат да го спречат елитистичкото ширење преку градење легитимитет за спротивставување на националното и вредносно обезличување базирано на национализам и патриотизам.
Корумпирајќи ги овие сегменти (на пример, државно контролирани претпријатија, медиуми и сл.) авторитарните режими го враќаат ударот со квазилиберални методи што го предизвикуваат системот. Тоа во практика се прави преку манипулација со информациите и, генерално, преку хранење од негативните ефекти на ултралиберализмот. Такви, на пример, се негативните ефекти што се појавија во голем дел од членките на Унијата со мигрантската криза (на ова се осврнав во една цела колумна) или, пак, сега со лошото менаџирање на кризата предизвикана од ковид-19. Следен пример се условно периферните подрачја на либерализмот, каде што тој се претвора во квазилиберализам, во кој економската елита – читај мафија – ја има окупирано државата и преку либералниот концепт продуцира закони и регулативи што им служат ним, не на масите. Продукт на тоа се слабеењето на средната класа и окрупнувањето на капиталот, со што се прави „шифт“ во монополот на моќ. Краен продукт во ЕУ, па и во САД, е што народот се чувствува обесправено, изневерено и нешто што треба да го обедини е националистичката реторика или патриотизмот-продукт е десноориентиран екстремизам.

Конечно, проблемот што во судирот на концепти е сериозен се подрачјата во кои либерализмот не ја завршил физичката интеграција, како што е ширењето на ЕУ на пример, бидејќи кога судирот на концепти ќе прерасне во екстрем, географскиот простор за маневар (тема на следните колумни) ќе биде тоа што ќе значи многу. Токму на последиците од судирот на концепти се градат наративот и легитимитетот за конфликт. Сепак, пред да ги анализираме последиците од конфликтот, би било добро да се види кој е тој што го сака и дали навистина го сака конфликтот. За Западот тоа е Путин, за Русија тоа се не фер однесувањето и двојните стандарди на Запад. Читајте во следниот број.

Авторот е универзитетски професор, придружен професор на Државниот
универзитет во Аризона, САД.