Пријателска диверзија!

Односот на Бугарија кон Македонија слободно може да се нарече диверзија на пријателството, каде што се прекршени многу принципи, па оди до перверзија! Извинете на изразот, ако ви изгледа непристоен и недипломатски. Ама, тоа е тоа!
Со доаѓањето на владата на Зоран Заев, се направи голем чекор во надминувањето на спорот со Грција, со една спогодба во која Македонија освен со името со додавка, не изгуби нешто суштинско, ги зачува сите идентитетски атрибути, а со тоа Македонија влезе во НАТО. Увертира на тој договор (2018) или, ако сакате, „штих-проба“ беше договорот со Бугарија една година пред тоа (1 август 2017), за пријателство, добрососедство и соработка… Има ли поубава формулација од тоа? Потоа, дури и на МПЦ ѝ беше наложено, во духот на пријателството, секако, да побара од Бугарската црква да ја зема во закрила за да ја добие автокефалноста, кога две децении не може преку Српската православна црква (да не се навраќаме во историјата, сите знаеме зошто и како).
Колку и да изгледаше „добрососедски“, тој договор имаше и некои фалинки, кои ги забележуваа критичарите, но ако тие доаѓаа од опозициските редови, не беа сфатени многу трагично. Главниот аргумент во прилог на таквиот договор беше дека Бугарија ќе ѝ помогне на Македонија во евроатлантските интеграции. Сите очекуваа дека така и ќе биде. А и зошто да се сомневате кога во договорот е напишано дека двете страни ќе соработуваат во рамките на ООН и ОБСЕ, Советот на Европа и другите меѓународни организации и форуми.

Но уште подецидно во договорот е нагласено дека двете договорни страни ќе развијат соработка во областа на европските и евроатлантските интеграции, при што е подвлечена помошта од Софија: „Бугарија ќе ги сподели своите искуства за да ѝ помогне на Македонија во исполнувањето на критериумите за членство во ЕУ и ќе ја поддржи за добивање покана за членство во НАТО…“
Значи, овој договор изгледаше како да е еден свечен чин на две соседни и пријателски земји, кои, ете, своите односи ги ставаат и на хартија. Но, сепак, поради познатите чувствителни теми од историски карактер, во него беше опфатено и тоа што, како што сега гледаме, станува аргумент или уцена на Бугарија за членството на Македонија во ЕУ. Затоа беше договорено создавање на т.н. заедничка мултидисциплинарна комисија за разгледување историски или образовни прашања, заради „објективно и автентично базирано на историски извори толкување“, со што можеше да се дојде до заеднички одбележувања на одредени настани или личности. Бидејќи, неспорно е дека има такви што и во двете земји се третираат како „свои“. На прв поглед изгледаше дека таа комисија, со одредена флексибилност од двете страни, можеше да дојде до некои солуции од типот „и, и“(„и бугарски, и македонски“), но кога наместо „и, и“, бугарската страна запна кај идентитетот на Гоце Делчев, се виде дека работите нема да се пеглаат толку лесно, но никој не помисли дека поради нив Бугарија нема да ја поддржи Македонија за ЕУ. Бидејќи во Договорот за добрососедство (…) нема таква клаузула! И сега, три години по овој договор, Бугарија излезе сосема надвор од рамката на договорот, а со тоа ништо не остана ниту од пријателството ниту од добрососедството!

На овој начин, Бугарија појде по стапките на Грција, која во недостиг од аргументи го користеше правото на вето и во НАТО и во ЕУ.
Не е проблемот дали Софија има аргументи за своите позиции околу историските и идентитетските прашања, туку дали има право тоа да го прави и да ја спречува Македонија. Проблемите што сега ги поставува како услов се прашања за науката, а не се битни за евроинтеграции и не се никаков критериум на ЕУ. Во договорот нигде не се посочува дека од резултатите на заедничката мултидисциплинарна комисија ќе зависи поддршката на Бугарија, а и нема никакви рокови за резултатите на нејзината работа, освен обврската привремено да се состанува… Значи, од формалноправен аспект, таа комисија имаше задача за некои проблематични погледи од двете страни (но најмногу спорните работи за Бугарија) да најде соодветна формулација или решенија. Сега излегува дека Македонија згреши што го потпиша договорот спроти Илинден (1 август 2017), како еден симболичен акт на доближување преку минатото со извесно прифаќање на бугарските погледи за „заедничноста“ на минатото.
Треба да се каже дека македонската страна направи сериозни отстапки, за што бил доста критикуван премиерот Зоран Заев, прифаќајќи ја најпроблематичната формулација за да не се вмешува во внатрешните работи кога станува збор за бугарски граѓани, што е еуфемизам каде што се мисли за оној дел на бугарските граѓани со македонски деклариран идентитет. Но дали навреме не беше прочитана намерата на Бугарија? Покрај сите насмеани заеднички фотографирања и свечени изјави, остана да се памети една изјава на Бојко Борисов, кој еднаш рече дека не би сакал да се доведе во ситуација да ја блокира Македонија.

По која основа најави таква можност или намера? На пример, Привремената спогодба со Грција имаше јасни намери дека треба да се најде решение за името, но во договорот со Бугарија такво нешто за идентитетот и јазикот нема! Иронично или не, единствено совпаѓање има само во однесувањето на двете земји надвор од потпишаните договори: Грција беше обврзана да не ја попречува Македонија во зачленување на меѓународните организации, но тоа го прекрши со својата повластена позиција во НАТО и во ЕУ, каде што како рамноправна членка има право на вето. Тоа право, ненадејно, сака да го искористи и Бугарија, иако со Договорот за пријателство, добрососедство и соработка има обврска да му помогне а на да му одмогне на својот сосед. Тоа што го рече министерката за надворешни работи Захариева, Македонија да признае дека јазикот и идентитет произлегуваат од бугарскиот, а Бугарија ќе ги признае македонскиот народ и јазик како нова реалност, можеби изгледа „флексибилно“, сепак е далеку од пристојност, со оглед на тоа дека тоа е надвор од рамките на договорот и дека тие се прашања за вечни отворени научни дебати. А некои други изјави (Каракачанов, Ковачев…) само ја дополнуваат непристојноста на соседот, односно поимањето што соседот мислел под пријателство и добрососедство. Секако, од позиција на посилниот.

Не дека нема за што да се дебатира на темите на кои инсистира Бугарија, сепак, „заедничкото“ постои и меѓу многу други народи на Балканот, и во други пригоди сум укажал каде би водела таквата логика. Кога денес Србија би била на позицијата на Бугарија (како членка на ЕУ на пр.), не со аргументи, туку со својата позиција, може да ги блокира сите балкански земји претенденти: дека црногорскиот и бошњачкиот народ се српски, и да побара тоа да го прифатат како услов, а и Хрватите не се далеку од нивните корени, и дека сѐ додека не го признаат тоа, може да ги уценува! Истото тоа сега е во позиција да го прави и Хрватска, ако ѝ текне! Дури и блискоста на јазикот е многу поголема кај овие варијации на српско-хрватско-црногорско-бошњачки јазици, одошто меѓу бугарскиот и македонскиот, кои одамна се издиференцирале повеќе одошто два „дијалекти“.
Иронично е што ЕУ како вообичаено не „арбитрира“ директно, ама со својата неодреденост (не замери се!) ја штити позицијата на нејзината членка. Така звучат и официјалните тонови на Брисел дека без регулирање на односите со Бугарија не може да има позитивна одлука за Северна Македонија. Таму не се продлабочуваат толку во фактот дека со Договорот за пријателство, добрососедство и соработка Бугарија се обврзала да ѝ помогне Македонија, а не да ја попречува. Суштината на проблемот сепак ја допре германската амбасадорка во Скопје, Анке Холштајн, која вели дека билатералните прашања не треба да бидат дел на преговарачката рамка, а и дека суштински интерес и на Бугарија е да не ги попречува проширувањето на ЕУ со земјите до Западен Балкан.

Јас мислам дека Северна Македонија, ако биде доведена во ситуација да биде блокирана за пристапни разговори, не треба во никој случај да попушти, туку, напротив, да се врати на последната клаузула на договорот и да го искористи правото да се повлече од него и на тој начин да ѝ ја остави вината на Бугарија за неговото непочитување и да ја остави сама во вината за попречување на интегрирањето на земјите во ЕУ! Иронично, но ова би бил најлогичниот чекор спроти ирационалноста на најавените постапки на официјална Софија. Сегашните обиди да издејствуваат „анекс“ на договорот се само доказ дека и Бугарија е свесна за својата непринципиелна позиција кон Македонија, но и за замката во која упадна со непочитувањето на самиот договор, од кој не останало ни запирка од толку извиканото пријателство и добрососедство, па со анекс сака да си го спаси образот! Такво нешто сигурно нема да види во вид на потпис на Заев или Пендаровски.