Портокалова буржоазија

Драги мои, „една беља не е беља“ – така зборува емпиријата на македонскиот народ! И во нашата приказна со која се обидуваме да ги објасниме пречките што стојат на патот на прогресот на Македонија таа народна мудрост се потврдува во сите свои значења и аспекти. Па, така, утврдивме дека „лумпенбуржоазијата“ е еден од големите проблеми и таа буржоазија поради околностите во кои е настаната се нарекува црвена буржоазија. Но во нашата кратка триесетгодишна историја на капитализам и демократија има уште една еднакво страшна и еднакво опасна општествена аномалија на еден друг вид „лумпенбуржоазија“, која повторно поради околностите во која е создадена јас ја нарекувам – портокалова буржоазија! Што е пак ова? Од каде сега излезе оваа работа?

Добро, ајде со ред. За да стигнеме до состојбата денес, треба ги видиме уште еднаш настаните од пред три децении. Партијата ВМРО-ДПМНЕ се појави на македонската политичка сцена како целосен, сеопфатен и логичен опозит на комунистичкото движење на Македонија, подоцна конвертирано во Социјалдемократски сојуз. И поради лажната, но, за жал, веќе заземена левичарска идеолошка матка од страна на бившите комунисти сега веќе социјалдемократи, новата голема партија се позиционира како идејна десница.

И тука се случи првата голема и непоправлива грешка на, во тој момент, сѐ уште неформатираната идеолошка поделба на партиската сцена, чиј правилен диверзитет е првиот и најважен услов за создавање демократија. Поради тие околности, но и поради неискуството, еуфоријата, но и желбата на „вмровците“ да се биде против сѐ за што „комуњарите“ се за, партијата посегна по десната страна од општеството каде што ниту имала, ниту има, а ниту ќе има реално гласачко тело!

Огромното мнозинство гласачи, односно централната сила на партијата ВМРО-ДПМНЕ, се работниците, ситните селани, пензионерите со ниски примања, малите занаетчии и претприемачи во зачеток, што е класично социјалдемократско гласачко тело, односно база на левицата во една земја, почнувајќи од нејзините основачи во земјата и во странство. Најголемите успеси на сите избори досега партијата ги постигнувала во предградијата на Скопје, поголемите градови и рурална источна и југозападна Македонија. Таа левичарска општествена група, поттикната од ветувањата за ревизија на приватизацијата и грабежот на индустријата поттикнати и помогнати од СДСМ во 1994 година, како и ветувањата за враќање на достоинството на малиот обичен човек, беа моторот што во 1998 година го донесе Љупчо Георгиевски на премиерското столче. И во еден ден, во лицето на тој човек се роди новата македонска лумпенбуржоазија, која малку подоцна, во 2006 година, сега веќе со Никола Груевски на чело на таа партијата, ќе се самопроизведе како „портокалова буржоазија“.

Тогаш ќе бидат ставени портокаловите вратоврски, а воинствениот црвен лав ќе се ребрендира во бојата на слаткото источното овошје, со што волно и неволно, знајно и незнајно ќе се произведат многу радикални и драматични настани, кои ќе кулминираат на 27 април 2015 година! Но да се вратиме во сега далечната 1998 година. Новата вмровска влада беше возможна само во коалиција со албанската ДПА и Алтернативата на последниот југословенски младокомунистички лидер.
Така беа направени првите компромиси во идеолошка, а потоа и во прагматична смисла радикално поттикнати од војната во 2001 година и сосема извесниот крај на владата на ВМРО-ДПМНЕ. За време на таа влада, „десничарската“ партија првпат дојде во реален допир со длабоката сѐ уште комунистичка држава управувана од тајните служби и потклекна пред системот на корупција на врвот на партијата, како најдобар полициски метод за нејзина понатамошна контрола. За таа цел на врхушката на партијата ѝ беше оставено да го доприватизира она што остана недоприватизирано од социјалдемократите, но ѝ беше и дозволено на полулегален начин да се стекне со капитал, а со тоа и со влез во кругот на македонската посткомунистичка елита.

Ама почетокот на раѓањето на таа нова лумпенбуржоазија беше во моментот кога тогаш веќе поранешниот премиер изјави дека од Владата излегол како: просечно богат бизнисмен!
Да не заборавиме, истиот тој до влезот во таа влада како премиер беше човекот со првото вработување во животот. И така беше родена портокаловата буржоазија, која во годините подоцна ќе се развива на најпогрешниот можен начин – имитирајќи ја поголемата сестра – црвената буржоазија! По четири години, во 2006 година, партијата повторно ќе дојде на власт и во налетот на неолиберализмот вмровската портокалова буржоазија ќе се интегрира со комуњарската црвена буржоазија, кои здружени во ликовите на двајцата најголеми посткомунистички тајкуни во Македонија ќе ги урнисаат Владата, правосудството, обвинителството, а на крајот и државата Република Македонија, таква каква што ја знаевме до тој момент.

Целта на ова приказна е да се утврди како настанала таа лумпербуржоазија, но и да ги разголиме лагите на кои се темели, со намера за нејзино рушење, уривање и пеплосување. Првата, црвената буржоазија, за свој наратив го има влезот на Македонија во НАТО и во ЕУ, каде што таму, според неа, ќе нѐ дочекаат подоброто утре, слободата, демократијата, личното богатство и просперитет на секој од нас, па во име на тоа треба да ги поднесеме сите криминали, тортури, мачења, уништувања и неизвесности што тие триесет години ги создаваат. Втората, портокаловата буржоазија, своето постоење го темели на ветувањата за одбрана и заштита на националното достоинство, културниот и духовниот идентитет на македонскиот народ во име на што треба да ги поднесеме и прифатиме како оправдани нивните лични богатења, плачки, деструкции, малверзации, беззаконија, притисоци и рушења на сите демократски вредности, човекови права и слободи!

Во минатата колумна утврдивме што ни остави зад себе црвената буржоазија. Сега да видиме што требаше да ни донесе, а не ни донесе портокаловата буржоазија? Заштита на националниот идентитет и неменување на името на државата беше најголемото очекување што мнозинството го имаше од нив? Како заврши тоа знаеме. Македонија го промени своето уставно име, а во таканаречениот процес на евроинтеграции на повидок е најголемиот идентитетски инженеринг досега невиден во историјата на човештвото, кога првпат ќе се случуваат не веќе познатите интервенции во историјата и меморијата на еден народ, туку ќе се врши радикална модификација на сегашноста! И сето тоа го произведе владеењето на портокаловата лумпенбуржоазија со што се заокружи процесот на грабеж на општественото богатство. Што ни остави зад себе портокаловата буржоазија? Изгубени идеали за создавање национална држава на македонскиот народ, уништување на сите идентификациски точки со историјата на Македонија, растурање на културниот код и уништување на духовното средиште олицетворено во Македонската православна црква.

И сосема како епилог. Ако црвената буржоазија беше најголемото разочарување што сме го доживеале во изминатите три децении, тогаш слободно може да се каже дека портокаловата буржоазија е најголемото разочарување што можевме да си го дозволиме во наредните триесет години! Портокаловата буржоазија ги уништи идеалите дека колективниот подвиг е возможен и достижен! Тоа е штета што има неизмерни и трајни последици што не можат да се измерат со ништо на овој свет. Накратко, црвената буржоазија го уништи материјалното, а портокаловата духовното богатство на македонскиот народ. Што треба да се прави сега, драги мои анархисти? Треба да ја срушиме и портокаловата лумпенбуржоазија и да ослободиме општествен простор за раѓање и утврдување на нормална бела буржоазија.
Што ќе ни донесе белата буржоазија? За тоа ќе пишувам во наредната колумна. Ве оставам во добро здравје и желба деновите на страв од новата корона-епидемија да останат само лузна на едно време, кое нема да се памети по вируси туку по пресврти и промени.
Авторот е режисер