Охридски (недо)разбирања

Прославата на дваесетгодишнината на Охридскиот рамковен договор (ОРД) е само (скап) политички циркус или театар на апсурдот, кој треба/ше да се игнорира. Самиот настан е колку трагикомичен, толку и безначаен, освен што го плативме од сопствен џеб. Но тој не може да ги ревидира фактите: жртвите од неоткриените гробови сè уште пекаат да бидат откриени! Премиерот и претседателот ја легитимираат војната: првиот добил лажна потврда дека е неспособен за воена обврска, а другиот направи кариера од портпарол на МВР до советник за национална безбедност на Трајковски. Тој и сега зборува за неспособноста на вооружените сили, пред способниот и храбар командант Али и неговите сојузници. Последниов сонува тогаш да го имал за соговорник Заев, кој е докажан во веење бели знамиња по нарачка: да го имал него немало да го пука. Робертсон заборавил на битангите што замениле гласачки ливчиња со куршуми и ги поздрави талентираните северномакедонци. Солана е во филм за брз влез во ЕУ! Гротеска!
Мислите дека е случајно што ниту една партија не зачувала оригинал од „славниот договор“ за капитулација? Веројатно имале трошка надеж дека ќе се заборави дека учествувале во срамен чин, уценети и фатени за уши од „олеснувачите“, додека не терен сè уште гореа живи тела? Толку многу сум пишувала на оваа тема, што ова е бесцелно повторување, го слушам сопственото ехо. Но, еве ме повторно… Пред петокот 13-ти новинар на српската редакција на Би-би-си ме замоли да одговорам на неколку прашања за значењето и ефектите на ОРД. Ме зачуди што токму овој медиум ме одбрал, но прифатив кога новинарот реферираше на „вашата извонредната статија на порталот Пешчаник“. Морав да се потсетам на анализата насловена „Охридски (не)споразум“, напишана пред девет години (достапна е онлајн). Интересно е кога читаш свој текст на кој дури и си заборавила, а секоја реченица е на место, како да е напишана сега. Со мало дополнување (за новите деформирања на „рамката“, воведувањето на двојазичноста и промената на Преамбулата на Уставот), текстот можеше да се преобјави сега. Кога ја видов објавена статијата на Би-би-си и себеси меѓу другите соговорници (од Дерала до Чомовски, а главен јунак Илир Љума), си се изнасмеав себеси: којзнае по кој пат наседнав, однапред ми била доделена улогата на соговорник „негативец“. Една апсолутно романтична приказна за малата војна (која можела да биде голема), ама која не само што завршила со хепиенд, туку и со традиционално кафе на комшиките тетовчанки од различни националности.

Сите среќни и горди на постигнувањата за овие 20 години, па излегува дека да не се случело оружено насилство, немало да станеме мирно и просперитетно општество, да изградиме соживот, па дури и да станеме членка на НАТО и кандидатка за членство во ЕУ (што се тезите и на Груби). Моите одговори, се разбира, во меѓувреме се беа стопиле како снег на +40 С. Дополнителен забавен детаљ беше што авторот, освен што (лажно, но орвелијански) тврди дека Северна Македонија прогласила независност во 1991 година, успеал и да ми го смени презимето, а јас чувствителна на промена на идентитети – морав да интервенирам. Нејсе, таа странска медиумска војна ја изгубивме уште во 2001 г., како и сè друго.
Артан Груби не можеше појасно да ни плесне в лице дека рамковниот договор е приказна со почеток, ама не и со крај – и беше сосема во право, бидејќи „рамката“ никогаш и не беше замислена како нешто трајно или фиксно. Таа беше само платформа за постепена трансформација на политичкиот и уставниот систем, и тоа во услови во кои само албанскиот политички фактор (поточно, ДУИ) е кинг-мејкер, т.е. клучен актер и креатор на сите владини коалиции, но и фактор што реално ги насочува правците на државните политики. Правецот на движење само слепец нема да го види: не само ерозија на народниот суверенитет, на демократските принципи и на владеењето на правото туку во прашање е доведена и внатрешната кохезија на државата (и општеството). Дека Македонија е федерација, ама тоа нема кој да ѝ го каже, напишав во текст за тогашниот весник „Време“ пред повеќе од десет години. Попусто… Груби(јаните) се повторно во право: рамковниот е во синергија со Преспанскиот и Бугарскиот договор. Судбината на држава на која ѝ се врзани воденични (божем, договорени) камења (кои, нели, според логиката на Заев) се „сидро што влече напред“, има јасно зацртана траекторија – особено, кога нема отпор. Така, критиката на Најчевска се сведува на лошата имплементација на договорот и на непочитувањето на неговиот (наводен) граѓански дух! Каде ли само го видела? Други вината ја ставија на несоодветната борба на ВМРО-ДПМНЕ или на непринципиелната коалиција на власта. Ова е тотално непознавање на системот, на механизмот низ кој единствено може да функционира етничкото споделување на власта (power sharing). Системот го детерминира однесувањето на актерите, а тие се единствено комотни само во ваков систем. Оригиналот на рамковниот нека го стават и во музеј, небаре е декларација на независноста, ама битно е што таму НЕ ПИШУВА „ние, народот“ („we, the people“). Етничко-партиски поглавици, надвор од устав, процедура и од здрав разум, го потпишаа текстот што Пол Вилијамс им го напиша на англиски.

Тој „дух“ е излезен од шишето и си има своја „логика“, која е секаква, ама не рационална и демократска. Најмалку е граѓанска. Напишав два учебника за политички систем и уште не знам колку научни статии и поглавја (на англиски) во кои го објаснувам овој систем, овој намерен дефект внесен во иницијално граѓанско-либералниот устав од 1991 (напишан од Фрчкоски и компанија). Не беше дефектот во оригиналниот устав препишан од западните примери; впрочем, тој устав го испофали дури и Бадинтер во 1992/1993. Милитантниот етнонационализам на една паравојска ги „убедија“ западните ни сојузници дека е ова држава со посебни потреби, за која граѓански устав е несоодветен. Затоа напишаа етнички устав за заедници во т.н. невозможно општество. Општеството е, како што гледате, возможно во мултикулти-фасада, но фактички сегрегирано како никогаш порано. Се нервирам само што ги пишувам овие редови – којзнае по кој пат, попусто си се кажуваат нештата што ни беа предвидливи уште во август 2001 година, барем нам што сме ги читале Липхарт, Сартори и сите автори што направија кариери на моделите за споделување на власта од Либан до БиХ и Македонија.
За крај, ги споделувам одговорите за Би-би-си, барем на овие страници ќе останат забележани како и што сум ги искажала: „ОРД стана дел на уставноправниот систем веднаш по потпишувањето, низ процедура што значеше компромитација на принципот на народен суверенитет. Потписници беа лидери на партии (кои не беа во оружен судир), претседателот на Републиката, и т.н. гарантори од САД и од ЕУ, а одлуката на пратениците беше прејудицирана. Од 2001 г. до денес, духот на ОРД не само што е жив туку е и во постојана мутација. Голем број решенија што доведоа до бинационална држава и до институционализација на етничката поделба се надвор од рамката, ама и од здравиот разум.

Соочувањето со минатото, а уште помалку помирувањето, никогаш не беа на дневен ред во изминатите две децении, бидејќи вистинското помирување почнува од/со вознемирување: со искрен поглед в очи на траумата, жртвите, насилството, одговорноста за сторените злосторства. Насилството доби легитимитет, се покажа успешно и корисно за тие што фатија оружје. Физичкото насилство е спорадично (и најчесто меѓу младите), но структуралното насилство е институционализирано, а културното насилство се гледа на секој чекор со глорификација на оние што фатиле оружје в рака. Двете најголеми заедници имаат сосема спротивни интерпретации за 2001-та, а во училишниот систем настаните се табу-тема (на учениците им се вели: прашајте дома што се случуваше таа година). Елитите се помирија околу привилегиите на власта, избирајќи го заборавот (или селективната меморија) како премолчена политика на транзициската правда. Меѓународниот фактор, исто така, секогаш инсистирал на тоа дека треба да се гледа напред во светлата (НАТО и ЕУ) иднина, а минатото да се остави недопрено. Уште пред 20 години тврдев дека со ОРД правиме трампа меѓу демократијата и мирот: се откажавме од либералната демократија во име на (негативниот) мир, кој е само отсуство на оружено насилство, но не и развој, правда и еманципација. Консоцијацискиот модел ги продлабочи поделбите, а најмногу го компромитираше принципот на владеење на правото. Всушност, тој бара „флексибилност“ и нетранспарентност кога етничките лидери се договараат и тоа главно надвор од институциите (затоа парламентот е Потемкиново село, а не место на одлучување). Состојбата во Македонија не е многу поразлична од таа во БиХ, но тоа не е политички коректно да се каже. Денес, општеството е во многу потешка ситуација од онаа пред судирот од 2001 г., бидејќи е ставено во менгеме на три договори што се етнички по својата суштина и немаат врска со демократијата. Сите три договори директно задираат во идентитетските маркери само на најголемата заедница, на Македонците. Останувам песимист, затоа што сум реалист. Сè што досега сум напишала се покажало точно, но и залудно.

Во политиката (меѓународна или меѓуетничка) владеат принципи на прагматизам, политика на quick fix (брзи решенија без оглед на долгорочните последици) и геополитиката. Вистинската слика се гледа токму во оваа година на најголема економска, социјална, општествена, морална и здравствена криза (дополнета со пожарите). Бинационалната влада има половина милион евра за прослава на етнички договор произлезен од војна, но нема за сите други потреби. На луѓето пак ќе им понудат наратив дека е најважно да има мир, а не нужно и леб, образование, здравство, професионална управа и сл. Македонија е во претсмртна постела, како во онаа стара филмска реплика: Ѓекна уште не умрела, а кога ќе умре не знаеме.“