Најтешкиот мандат – маките на новата влада

Општо гледано, СДСМ е прва на листата за добивање мандат за составување влада, што ѝ дава одредена предност и можност неа да ја склопи преку мнозинство во Собранието. Во прилог на остварливоста на тој факт оди подготвеноста на партијата тој товар да го прифати и издржи, поминувајќи низ фази на неизвесни постизборни договори. Нивниот отворен адут лежи и во покажаната тактичка вештина за преговори што Зоран Заев ја покажа по изборите во 2016-та, кога, иако имаше помалку пратеници, сепак состави влада

Изборниот ден заврши, изборниот процес продолжува до денот на составувањето на новата влада. Ако сите технички оцени за спроведените избори се поволни, ниту една партија не може да ја изрече таа констатација за добиените резултати. Нема изненадувања, како што нема голема разлика меѓу клучните играчи на демократската сцена, нема блескава победа, како што нема убедлив пораз. Типично за земја што триесет години е во општествена и идеолошка транзиција и сѐ уште не може да излезе од неа. Вистинските резултати не се видоа баш најчисто на ТВ-екраните, но кога се исклучија рефлекторите на празните партиски трибини подготвени за славје, завладеа атмосферата на разочараност. Никој не го постигна она што јавно во предизборието го најавуваше, она што го очекуваше, во согласност со наводните анкети.
Сепак и малата предност може да се означи како голема победа на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ), преку коалицијата „Можеме“, ако се имаат во вид фазите низ кои помина минатите три години и владеење и ситуацијата со ковид-19 во последните месеци. Остварениот резултат е процентуално ситен, но реално доволен показател кон што превагнува расположението на гласачкото тело во државата. Се разбира, ако се земе во обѕир вкупниот број освоени гласови, а не се прави анализа со нивно подетално раслојување, што може да доведе до поинакви, поразнородни заклучоци што би биле на штета на сегашниот победник.

Тесната победа има благ вкус и поради тоа што и поразеното ВМРО-ДПМНЕ уште еднаш ја покажа својата силина, необичната способност за брза ревитализација по скандалите од 11-годишното владеење и по зачувувањето на своето стабилно гласачко тело.
Општо гледано, СДСМ е прва на листата за добивање мандат за составување влада, што ѝ дава одредена предност и можност неа да ја склопи преку мнозинство во Собранието. Во прилог на остварливоста на тој факт оди подготвеноста на партијата тој товар да го прифати и издржи, поминувајќи низ фази на неизвесни постизборни договори. Нивниот отворен адут лежи и во покажаната тактичка вештина за преговори што Зоран Заев ја покажа по изборите во 2016-та, кога, иако имаше помалку пратеници, сепак состави влада. Таа умешност тој ја искористи и при обезбедувањето на 80 гласа за усвојување на постигнатата спогодба со Грција за промена на името, за промена на Уставот, како и за Законот за јазиците, случаи во кои одигра успешни симултанки на повеќе табли. Подготвеност за компромиси и искуство со креативни решенија ќе користи и сега, сигурно, со не мала подзатскриена дипломатско-логистичка поддршка од претседателот на државата Стево Пендаровски. Претседателот, по функција, не е должен да ја врати услугата што му ја направи СДСМ за изборот, но има морална обврска да го стори тоа.

Но погоре изложеното не значи дека не се во игра и други варијанти, други комбинаторики, можеби и изненадувања, со што би се доусложнувал и така мошне сложениот мозаик со додавање камчиња за сопнување. Во таквиот мозаик се испреплетуваат силни меѓунационални односи, од корист на едните или на штета на другите, понекогаш неразумните барања за министерски и други функционални места (особено за оние што носат партиски и лични пари и привилегии), не исклучувајќи дури и индивидуални парични понуди за добивање лојалност, односно глас, за што сведочат неколку такви случаи од минатото. Можеби засега изгледа неверојатно, но како крајно размислување може да се посочи и на идејата за нови избори, предизвикани од проблеми што би ги правела евентуалната соработка меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ за уривање на СДСМ, особено вториве доколку не се усвојат нивните максималистички барања, вклучувајќи го клучното барање за Албанец за претседател на Владата. Несомнено дека тоа би била погубна ситуација за државата економски раскрвавена од последиците од коронавирусот. За спречување на ваквите комбинаторики се наведува и една поинаква реална можност, спомнувана во предизборието, дека кај неколку новоизбрани пратеници на ВМРО-ДПМНЕ уште сега постои расположение да направат пребег и да застанат на страната на СДСМ, со што би се обезбедило стабилно владино мнозинство.

Таков случај е виден, познат и применет, а се покажа функционален кога во клучните моменти осуммина пратеници му ја откажаа послушноста на Груевски и гласаа за предлозите на СДСМ. Ако е нешто испробано и успешно спроведено, зошто не би се повторило кога носи заемни ефекти и задоволува клиентелистички интереси.
Конечно, во никој случај не смее да се исклучи надворешниот фактор, како што се американската амбасада, претставниците на НАТО и на ЕУ, кои, ако досега не се вклучени, сигурно ќе се вклучат во финалната одлука кај кого и кој со кого да биде во владиниот кабинет во наредните четири години. Меѓународниот фактор подолги години игра голема улога не само во стратегиските определби на државата туку се меша и во кадровските решенија, поддржувајќи едни или други, па дури и да одредува поединечни министри што се поставуваат на места што се нивни интерес. Нема македонска власт во денешни услови што не би ги почула или прифатила нивните предлози или барани решенија.

Чесно е да се каже дека рашомонијадата со натамошните меѓупартиски договарања не остава простор за победничка еуфорија, за наздравување со шампањско за никого, а најмалку за партијата што ќе состави влада. Неа ја чека најтешкиот мандат што го имал некој владин состав. Не е мал бројот на причини што го потврдуваат тоа мислење. Очекуваните есенско-зимски тешкотии со ковид-19, испразнетата каса, замрената економија, полумртвиот приватен сектор, затвореноста на границите, европската криза, не се фактори на надеж, туку на можна сериозна економска и финансиска криза.
Новата влада ја чекаат старите предизвици. Оживување на стопанството, решавање на проблемите во судството, елиминирање на криминалот и корупцијата, обезбедување на платите, пензиите и социјалните додатоци, вработувањето, незалечените државотворни рани за кои сѐ уште не е најден лекот. Најнапред ќе треба да се санираат последиците предизвикани од пандемијата, а потоа да се мисли за економски раст, кој ниту една европска земја не го предвидува за оваа и за наредната година. Реализацијата на ветените мегаломански предизборни програми најверојатно ќе мирува, не може да се мисли на чоколадо за ручек кога ќе биде доведен во прашање и лебот.

Кој било да состави влада, вклучувајќи ја и партијата што се изјаснува против, не може да отстапи од заземениот курс по зачленувањето во НАТО и пред навестениот почеток на преговорите со ЕУ. Секое ветување дека тука нешто може да се смени е чиста заблуда, затоа што таквиот пресврт најмалку зависи од која било македонска политичка сила. Во таквите околности пред новата влада, со Заев како нејзин претпоставен претседател, не ќе биде толку важно колку Македонија брзо ќе оди кон ЕУ, туку обратно – колку стандардите на земјите од Западна Европа ќе се применуваат и вклопуваат во Македонија. Тоа е актуелната насушна потреба. Колку што е можно побрзо европските норми да ги видиме во нашите институции, јавни претпријатија, во маркети, дури и на улица. Да личи Македонија на Европа, не на некоја неразвиена азиска земја.

[email protected]