НАТО-варвари

Мене ме јаде јанѕата зошто ние Македонците немавме храброст и доблест да му се спротивставиме на НАТО, како што го направија тоа Србите, и да му кажеме решително НЕ! НЕ!…

Еве, да го поздравам и јас НАТО, драг читателу, по повод нашиот северен секс со него. А на сличен начин нему му упатив поздрав и утредента, по она негово крвничко бомбардирање на Србија во 1999-та, по темница од 11.000 метри височина, убивајќи недолжни цивили, жени и деца. Тогаш бев повремен колумнист во „Дневник“ и мојот НАТО-поздрав беше стокмен во колумна, која меѓутоа ни по еден месец и кусур не беше објавена. Мислам дека главен уредник на „Дневник“ тогаш беше сегашниот слободнопечатарски главен Бранко Геровски. Сеедно, ја повлеков, и колумната ја објавив кај Мирче Томовски во „Пулс“. Неа набргу потоа ја објави во превод на Цвета Котевска и белградска „Политика“. Нејзиниот наслов беше дијагностички по однос на западната воена алијанса: „Варвари“. Овој на денешнава колумна е речиси ист. Неодбеглива тавтологија.

Да. Впрочем, не само Србите туку две години по нив, во 2001-та, и ние Македонците го искусивме НАТО-варварството во негова алхемиска разбојничка врска со албанските терористи против Македонија. Тоа е факт. Ајде тоа, туку монструмите на западната алијанса терористите ги закитија со нивната западна либерална маска, прогласувајќи ги перверзно така и за борци за човекови права, држејќи ги сè до денес за такви, а сè со цел да го урнат целосно суверенитетот на македонската држава, нација и име, почнувајќи од варварската 2001 сè до тиранската платформа на ЦИА. За да го остварат лесно и непорочно тоа, пак, тие ни ги доведоа терористите и во владата и парламентот, каде што дел од нив (не само спикерот на Собранието) се и сега. Ни ги скроија Бадинтеровиот закон и Охридскиот рамковен како менгеме за страшен притисок на мнозинскиот народ, единствен случај во светот. Им измислија на своите балкански миленици и манипулативен процент 20 отсто, иако се под него, за што е доказ албанското бојкотирање на институцијата попис. Перманентно, со години. А дека албанскиот тероризам врз Македонците во 2001-та не беше борба за човекови права говори и една изјава на македонофобот, сега покоен, Арбен Џафери, кој во едно интервју отворено рече дека борбата (тероризмот м. з.) во 2001-та не била борба за човекови права, туку за територии!

Тоа и толку. Проектот Илирида, шизофрен и митомански, на големо се реализира. Сега за сега само врз грбот на Србија и Македонија, но неговите рогови се подаваат и кон Црна Гора и Грција. Кај нас сега тој посебно се ојакнува и озаконува со терористичкиот потпис во „Службен весник“ на Талат Џафери. Голема Албанија. Имам пишувано во „Нова Македонија“ и за еден многу висок гостин од ЕУ што го посети една вечер по 2001-та моето семејство по препорака на еден негов и наш француски пријател. Пред да ја кренеме винската здравица, директно го прашав дали Западната алијанса со бомбардирањето на Србија и нејзината вмешаност во албанскиот тероризам врз Македонците работи на проектот голема Албанија. Тој без размислување одговори: Да! Потоа го прашав и дали таа работи и на идентитетска ликвидација на македонскиот народ со притисокот за негово преименување. И тука одговорот беше: Да! Ете, тоа е вистината, драг читателу. Империјални, геостратегиски, политички и какви не други интереси на моќните западни силници со кои тие, фројдовски, несвесно се кријат зад силниот нагон на своето варварство за да го грабаат природното и секакво друго богатство на малите и сиромашни народни, дерејќи ја безмилосно нивната кожа до голи коски. Се разбира, пак, тоа го прават замаскирано со владите и владетелите на тие сироти народи, кои се нивни марионети, составени од корумпирани и криминални типови каква што се и нашата влада и парламент денес. Тоа западните политички и воени мудреци го прават главно во економски слабите, социјално истоштени и зависни региони, какви што се, на пример, Јужна Америка (еве ја сега на удар Венецуела на тој план) и Африка, пред сè. Потоа во некои региони во Азија, надвор од Кина, а во Европа тоа е главно Балканот. Него западната ариевска, болно нарцистичка цивилизација го третира како нецивилизиран резерват, слично на резерватите на Индијанците во Америка. Тоа е европската слика на Западен Балкан. Ние, Македонците, па и Србите, најдобро го знаеме тоа.

И зошто ја создадоа и сè уште ја досоздаваат амеронатовците и нивните импотентни западноевропски пријатели голема Албанија, драг читателу? Јасно, за своите инвазиски потреби и неоколонијалистички интереси, за нивниот концепт на сурова корпорациска глобализација и заведување без пардон на новиот робовладетелски поредок во светот. Нашиот Кочо Рацин ингениозно го предвиде тоа во својата поезија. Но зошто тие од толку балкански народи ги одбраа токму Албанците? Затоа што, и според теоријата на колективниот магнетизам на душата, слично со слично се привлекува.

Да. Знаеш, секогаш сум зборувал и пишувал за НАТО како најголема терористичка организација, драг читателу. За тоа има непобитни конкретни факти: Ирак, Либија, Сирија, Авганистан, Србија, Македонија… Сега се на нишан мали во Африка и Венецуела во Јужна Америка. Ако, пак, мислиш дека претерувам со моралната и етичката оцена на Западната воена алијанса како царски печат на нејзината префалена либералкапиталистичка цивилизација, ќе те упатам на универзитетскиот професор Ноам Чомски, еден од водечките американски интелектуалци, кој на тој план мисли како и јас и напиша неколку книги за американскиот државен тероризам. Не знам дали за тоа нешто знаат нашите универзитетлии и академици, како и Заев, Џафери, Пендаровски, Али Ахмети и Шеќеринска. Сеедно. Исус вели: „Кој има очи ќе види, кој има уши ќе чуе“, се разбира мислејќи и на внатрешното око и уво. Да. Ама тие не ги поседуваат тие божји инструменти за длабинска перцепција и спознание, освен евентуално само како физички артефакти за естетска функција. А покрај Американците, државен тероризам практикуваат и моќните западноевропски држави: Англија, Франција, Германија, Холандија чии авиони исто така учествуваа во бомбардирањето на Србија и, до денес, во нивниот „софистициран“ тероризам кон Македонците. Сузан Зонтаг во врска со Косово 1999 ја отвори темата за радикалното зло, кога Србите од Западот беа сатанизирани, за разлика од ангелизацијата на Албанците. Повод за отворањето на таа актуелна тема кај Сузан Зонтаг, имено, беше злото на Србите врз Албанците, но не и албанското зло врз нив. Таа тогаш, наивна, не беше информирана за злогласната жолта куќа во која се одвиваше трговијата со човечки органи на Косово и во Албанија, како и за засилената интензивна трговија со бели робје и дрога, занаети за кои се посебно испраксирани Албанците. А веројатно дека поправилно ќе беше знаменитата американска интелектуалка радикалноста на злото да го побара во Америка и воопшто во западната цивилизација, како што го прави тоа отворено и аналитички сјајно во својата книга „Антропологија на смртта“ доблесниот француски антрополог Луј Вансен Тома, книга што јас му ја препорачав во една поранешна колумна на неговата екселенција, францускиот амбасадор во Македонија, месје Кристијан Тимоние. Итн.

Но да се вратиме на мојот текст за НАТО од 1999-та „Варвари“, со кој коинцидира и оваа моја колумна, драг читателу. Како лајтмотив, во историско-цивилизациски контекст, за него јас ја зедов антологиската песна на Константин Кавафис „Чекајќи ги варварите“. Конкретно, ја зедов за тоа нејзината шокантна поента на крајот што гласи: „И варварите се некое решение“(!?). Да. Но интелигентниот прониклив читател веднаш ќе ја сфати и протолкува неа. Имено, Кавафис во својата песна за варварите прави алузија на истрошената од богатство, културолошки сјај и духовна инертност и ентропија цивилизација. Таа што, измачувана веќе од секаква атрофија и досада, заедно со својот крал на градскиот плоштад, обредно и со раскошни дарови ги очекува како нејзин спас од цивилизациската ентропија варварите. Верувам дека со тезата на грчкиот поет, кој не го предвидел грчкото варварство врз Македонците, великодушно ќе се согласи и Ниче. Можеби и неговиот учител Шопенхауер. Сеедно. Факт е дека со својата песна Кавафис, макар и суптилно, индиректно, јасно го дефинира константниот ритам на историјата, смената на цивилизациските циклуси во неа, пласт култура, пласт варварство. Во тој ритам културите секогаш паѓале од мечот на варварите. Сегашната македонска ситуација и пример се вклопуваат во таа слика. Тоа, иако еден Освалд Шпенглер во своето славно дело „Пропаста на Западот“ тврди дека културите сами од себе пропаѓаат по својот апогеј, како што се случува тоа и кај билките. Тој, иако неговата теза е доста убедлива од еден херметички аспект на перцепција, сепак ги превидел варварите. Или ги сугерира, можеби, во заднина за читателот да ги насети?

Сеедно. Нејсе, прашуваш драг читателу дали сепак не ја поставил погрешно својата за тебе шокантна теза Константин Кавафис: „И варварите се некое решение“. Мојот одговор тука е амбивалентен: и да и не. На цивилизациите задушени со материјално богатство и докрај поодамна културолошки заситени, кои почнале да ги нагризуваат молците на антропијата, досадата и моралната и етичка атрофија, струполени во перверзија каква што е карактеристична таа денес за западната цивилизација, како што мисли и грчкиот поет, им се потребни варварите за да ја извадат неа од анемија, да ѝ втиснат свеж озон и да ја оживеат од мртвило. На тоа мислел тој. Та зарем во таа смисла, имено, не се јави и идејата кај некои западни филозофи и поети за војната како прочистување на човекот? Да, драг читателу. Во модерна Европа главен спонзор на таа идеја беше Хитлерова Германија и не сум сигурен, по нејзиниот силен притисок да се преименуваме, дека г-ѓа Ангела (погрешно именувана) Меркел во својата потсвест не го конзервирала ариевскиот фашистички синдром на својот славен фирер.
Тоа. Ставам веќе точка, оти сме при крај и оти веќе ја прегазивме црвената линија на дозволениот простор, драг читателу. Уште останува нашиот одговор дали навистина, како што тврди Кавафис, варварите се некое решение. А ние Македонците видовме какво е тоа варварско решение и од исток и од запад, и од југ и од север. И од Европа и од Америка. Тие, како Хитлер физички врз Евреите, направија идентитетски холокауст врз Македонците, откинувајќи ги од коренот на меморијата, да се исушат и да исчезнат како автентичен историски и културно-цивилизациски идентитет од лицето на земјата. Ги ставија како заклан добиток во длабок смрзнувачки северен фрижидер за никогаш да не одмрзнат и излезат надвор од него. Боже, го гледаш ли ова и како да ја преболиме таа неискажлива болка! Таа суровост на варварите врз нас!

НАТО. Тој никогаш нема да нè брани, драг читателу. Во наш конфликт со домашните и странските терористи, тој, како и во 2001-та, пак ќе биде на нивна страна, а во евентуална глобална војна ќе нè тера да се бориме против Русите, кои, рака на срце, стопати ни се поблиски по душа и срце, по генеричко стебло од Американците и европските западни колонијалистички сатрапи, од кои светот не може да крене глава и да дише слободно. НАТО е основан за да ги брани дебелите газови на западните тајкуни, корпорации и банки, плус и да внимава да не воскресне повторно пролетерската интернационала, добриот пријател на Македонија и на Македонците. Да не стапи повторно на сцена комунизмот од кој Западот смртно се плаши. Да не се појават повторно богомилите, гласници на божјата социјална правда, кои Католичката црква и Западот молскавично ги заклаа.

Тоа. Туку, да ти се исповедам на крајот, драг читателу. Мене ме јаде јанѕата зошто ние Македонците немавме храброст и доблест да му се спротивставиме на НАТО, како што го направија тоа Србите, и да му кажеме решително НЕ! НЕ, затоа што застана на страна на терористите против нас во 2001-та. Таа јанѕа ме клука како орелот Прометеј на кавкаската карпа и ќе ме клука до крајот на животот. Верувам и тебе, драг читателу. Те поздравувам до идната наша средба.