Загатката на гасеницата

Почитувани, намерно сакам да ве потсетам на загатката на гасеницата, на која и Алиса од земјата на чудата го немала одговорот, сѐ додека на поставеното прашање од гасеницата „која си ти“ не го осознала одговорот во текот на конверзацијата. Суштината на загатката е во тоа што Алиса се освестила дека таа се менува благодарение на искуството по советот од гасеницата да искуси каснување од големата печурка. Со каснувањето, од едната страна енормно растела, а од другата страна екстремно се смалувала. Така, Алиса проникливо се извлекла од загатката, со што ја докажала есенцијата за својот идентитет: едниот дел од нејзиниот идентитет во текот на денот бил менлив, а другиот по будењето од сон бил фиксен и притоа чувствата за тоа кој е ѝ останале непроменливи. Ова сознание на Алиса е темелот на концептот за преговарањето за непреговорливото (или за идентитетот), според кој се преговараше за проблемот што Грција го имаше за нашето име и за кој Заев се подготвуваше во Давос, а Димитров во Холандија. Овој контекст на концептот сакам да го објаснам врз основа на исходот од Договорот од Преспа.
Во моите досегашни написи тврдев дека исходот е целосно губитнички за нас и, обратно, добитнички за Грција, сега сакам тоа продлабочено да го потврдам. Затоа ќе се задржам само на два многу битни аспекта на концептот и договорот. Првиот е каков е исходот, за што кај нас оние од СДСМ го карактеризираат како поволен и компромисен. На тоа се надоврзуваат и дел од самозадоволната „интелигентна“ професорска фела и некои од новинарите што мислат дека се компетентни и вториот аспект е за искористеноста на знаењето за емоциите и чувствата на споменатите, во преговарањето за непреговорливото во нивичкиот договор.
По потпишувањето на договорот, двапати премиерот и тогашниот министер за надворешни работи Димитров нѐ бомбардираа триумфално со своите фалби, како да беа генерали на Александар Македонски во битката кај Херонеја, тврдејќи дека исходот е компромисно решение и историски успех. Фалбите и денес не ги вадат од уста покорните поддржувачи на премерот и Димитров.

Еве го потпорниот ѕид што ги руши овие лаги: „Ако идентитетот е апсолутно фиксен, тогаш компромисот е можен само со вашиот сопствен идентитет или со барање другата страна да направи компромис со нејзиниот идентитет, со што конфликтот станува вин-луз предлог“. Така, авторот на концептот категорично вели дека компромис за идентитетот не е можен, бидејќи станува збор за фиксна идентитетска заблуда. Секогаш кога идентитетот е под закана, вие но и другата страна застанувате во негова одбрана. Парадоксот на нашите споменати преговарачи и поддржувачи е што тие не ја разбрале двојната природа на идентитетот: фиксната и променливата, при што срцето на идентитетот треба да се задржи обликувано преку отстранување само на дел од емоциите, а чувствата треба да останат константни или непроменети.
Од триумфализмот и фалбите на преговарачите, како и на следбениците, јасно беше дека нивниот однос кон исходот од договорот беше ирационален, бидејќи ни ги претставуваа неуспесите како успеси. Но не успеаја во тоа. Неуспехот да се претстави како успех ни го откри нивното незнаење на суштината на релацискиот идентитет, стипулиран со членот 7 од Договорот од Нивице. Според концептот, овој исход е лош за нас Македонците и е само согласност од страна на нашите преговарачи и поддржувачите за тој неуспех. Прво, затоа што релацијата е воспоставена меѓу Македонците од Република Македонија и малцинството од Македонците што живеат во Северна Грција, а не според предлогот од концептот со сите граѓани од Грција. Бидејќи нема спор за идентитетот меѓу нас Македонците и граѓаните по род Грци, уште помалку со нашинците во Грција, Ципрас и Коѕијас го подметнаа замислениот и ирационален нивен спор за идентитетот меѓу нас од Република Македонија и Македонците од Беломорска Македонија, поткрепен со уцена за влез во НАТО. Така, нашите преговарачи не само што не постигнаа компромис туку сосема погрешно го применија релацискиот идентитет меѓу нас и граѓаните од Грција.

Така, со членот 7 од овој договор, нашите преговарачи и нивните поддржувачи им ги одзедоа човековите права на Македонците од оваа држава и за тие права во согласност со договорот од Нивице ѝ делегираа дискреционо право на државата Грција да одлучува за нив, потврдувајќи ја така и „исправноста“ на мегали идејата (која веќе воскреснува), а ги прифатија и сите други договори од изминатиот период на кои Македонија не присуствуваше, иако со нив се решаваше судбината на македонскиот народ на Балканот. Нашите политичари и нивните поддржувачи без сериозно знаење околу решенијата за идентитетските прашања, на тој начин не само што ги суспендираа правата на Македонците во Грција, кои им припаѓаат според меѓународните конвенции, туку ги идентификуваа како Грци по род. Последното стопирање на регистрацијата на македонските друштва во оваа држава ќе стане секојдневна практика во оваа држава и, така, во согласност со нашите преговарачи и бесчувствителни поддржувачи, ќе тече процесот на геноцид врз тој дел од нашиот народ, само сега тој процес ќе биде преоблечен во политичката одежда на согласност за мирнодопски политицид. Тоа е едната страна на медалот, во која, покрај раководството на СДСМ, многу активно се вклучија и раководните луѓе од ДУИ, кои ја играат улогата на големи борци за човековите права, ама само за своите, не и за Македонците. Така, сега прашање е дали и нашите сограѓани Албанци не станаа поддржувачи на политицидот врз Македонците во Грција. Каде се тука определбите на Тиранската платформа, јас не можам да ги согледам преку споменатиот концепт за преговарање за непреговорливото. Ова сакам да им биде сосема јасно на чесните граѓани Албанци од нашата држава, во која тече процес на создавање мултиетничка држава, наместо мултиетничко општество. Но за тие погледи во друга пригода.
Ќе завршам со вториот аспект на преговарањето за идентитетите, односно за тоа колку исходот од Преспанскиот договор се потпира на емоциите, а колку на чувствата на преговарачите и нивните поддржувачи.

Променливиот дел на емоциите проткаен во идентитетот е последица на несвесното кај човекот, додека чувствата се непроменливи, бидејќи тие се резултат на делот од мозокот што е надлежен за рационалното разбирање на светот. Е па, почитувани, јасно ви е каде треба да ги сместиме нашите преговарачи и особено нивните поддржувачи ако се има предвид членот 7 од Договорот. За мене, многу е битно дека нашите преговарачи и нивните поддржувачи немаат чувства, туку идентитетот го сознаваат само преку нивните емоции или за нив чувствата и емоциите суштински се синоними. Тие како да не припаѓаат на македонското племе, а според нивните искази и теории не знаат и каде идентитетски припаѓаат. Ако го знаеја тоа, тие ќе бараа релациски идентитет со сиот грчки народ, а не само со нашиот дел од Македонците од оваа земја. Најчесто емоциите се изразуваат преку митовите за нивните верувања, вредности, чувствата за лојалност, ритуалите и емоционалното значење на искуството со интензивните случувања, позитивни или негативни, стекнати во текот на животот коишто дефинираат дел од нас, што е карактеристика на недозреано човечко битие.
За да го поткрепиме ова, сосема накратко ќе ги оцениме теориите и ставовите на поддржувачите на преговарачкиот процес за Договорот од Нивице. Ирационални и без научна поткрепа се тврдењата дека идентитетот треба да ни го дефинира меѓународната заедница, што зборува дека ние Македонците сме залутани во вселената и без чувства, вредности и верувања. Контроверзно на ова е да пишуваш за преговарање за идентитетите и да бараш од друг да ти го дефинира тој најбитен интерес. Тоа покажува комплетно непознавање на проблематиката за која пишуваш. Други, пак, исто така универзитетски професори, имаат своја теорија дека идентитетот е наша перцепција. Невидено и нечуено! Ако нашиот идентитет е перцепција и треба некој однадвор да го дефинира, тогаш зошто сега сме лути на ветото на Бугарија, кога исходот со договорот со Грција од Нивице е резултат на речиси триесетгодишно вето. Зошто толку чудење на нашиот премиер за најновото вето, кога тој, Димитров и нивните поддржувачи професори и новинари, кои ги наследиле својствата на пророчицата Ванѓа, ни прорекоа дека идентитетот што ги изразува здраворазумските чувства стекнати низ животот, историјата и културата за тоа кои сме е занемарлива теорија, а акцентот го фрлија на перцепцијата и нивните посакувања меѓународната да го дефинира нашиот идентитет.

Така тој самиот и неговите поддржувачи, во очите на меѓународната сѐ повеќе се претставуваат како ирационални политички циркусанти. Трети, пак, ни нудат неиздржано „научно“ тврдење дека Владата го утврдува дневно интересот на државата односно идентитетот, што укажува дека македонскиот народ нема постојано чувство за својот идентитет, што ѝ противречи на перцепцијата… Некои од фелата на новинарите поддржувачи на овие политики со својата упорност изгледаат бескрајно бедно. Собрани во кружокот за нашиот македонски идентитет, своите погледи ги пласираа во ѕидниот слободарски весник, полнејќи ги страниците со злоба, омраза и гнев кон својот народ, преплетени со незамисливи гнасотии и пцости, не толку кон претходната власт колку кон македонскиот народ. Тие тези за идентитетот јасно ни зборуваат за незрели и несвесни актери во сферата на јавното информирање, бидејќи токму овие нивни емоции го продлабочуваат наместо да го решат идентитетскиот расцеп меѓу нашиот народ.
Така, нашите политичари и нивните поддржувачи нѐ воведоа во мелницата на нашиот идентитет, а сега, како и порано, се прават недоветни. Го посеаја семето на странско дефинирање на нашиот идентитет како перцепција, а ги обвинуваат сите други за нивното незнаење. Затоа сега јас ги прашувам одродените од својот сој: Што ќе правите со Бугарија? Внимавајте да не ѝ згазите на плускавецот на меѓународната заедница, особено на САД и Англија…, кои имаа поинакви погледи за оваа земја, кои вам не ви се познати! Основната поука е дека преговарачите и нивните поддржувачи не искажаа проникливост ниту колку малата Алиса. Затоа ни треба сериозно преструктурирање на сиот наш процес на образование, особено на теренот на високото, но не на ваков начин каков што го замислуваат оваа партиска власт и нејзините поддржувачи, со упорност во своите искривени идеи полни со емоции, кои почиваат на несвесното присутно во голем обем кај нив за непромислено и брзо аплицирање. За мене, нашата иднина со овие целосни губитници не изгледа светла на ниту едно поле на битисување. И промената на власта со друга партија нема да нѐ води кон успехот. Ни треба неможното и засега непознатото, неискусено: обединување за битните проблеми, преку почитување на знаењето на секој добронамерник.

М-р Ѓорѓи Трипков,
економист аналитичар, пензионер