Македонија на слеп колосек

2139

Во нашата татковина имаме уште една повеќедецениска политичка неизлечива болест – тоа е велепредавството над македонскиот народ и Република Македонија

На 15 јули 2020 г. во Македонија се одржаа десеттите парламентарни избори. Овие беа петтите предвремени избори во низата на парламентарни избори, сега спроведени во Република Северна Македонија. Кај нас и во светот владее пандемија на ковид-19, која го убива во брзи рати, екови и циклуси човештвото. Во нашата татковина имаме уште една повеќедецениска политичка неизлечива болест – тоа е велепредавството над македонскиот народ и Република Македонија. Партијата Сојуз на комунистите на Македонија олицетворена во Социјалдемократскиот сојуз на Македонија во 1991 година. Таа беше постојан промотор во обезличување на македонската држава со крајна цел „политички самоубиство на македонскиот народ“. Во таа политичка игра се вклопи и ВМРО-ДПМНЕ. Македонската држава стана сечија и ничија. Тоа се потврдува со неспроведувањето на државниот попис на населението и материјалните добра во Македонија.

Од 2016 година СДСМ, под лидерство на Зоран Заев, аболиран политичар што ја призна вината, ја избегна кривичната судска пресуда. Тој му ја „скрши кичмата“ (’рбетот) на македонскиот народ. Тоа го направи Зоран Заев, премиер, со промена на уставното име на Република Македонија во 2019 година. На тоа политичко противуставно урнисување кумува со личен потпис Никола Димитров, неговиот потчинет министер за надворешни работи на Република Македонија. Никола Димитров испилен од гнездото на ВМРО-ДПМНЕ. Заев и СДСМ партиски се откажаа од суверенитетот на македонскиот народ. СДСМ на овие избори имаше „двојна коалиција“. Едната – стандардно, а втората нова предизборна коалиција со албанската партија Беса, со мото во предизборието „Можеме“. Тие добија заедно 46 пратеника. Без Беса, стандардната коалиција на СДСМ има 42 пратеника. ВМРО-ДПМНЕ, предводена од прод. д-р Христијан Мицкоски, со стандардната негова коалиција доби 44 пратеника. Нивното мото во предизборието беше „Обнова на Македонија“.

Групи пресликани во „мини-партии“ му помогнаа на СДСМ, свесно или несвесно, да ја крои политичката судбина на Македонија. Би споменал некои од нив: Твоја партија, Интегра, Македонски концепт, Глас за Македонија… Секоја од нив со свој слоган за граѓанска држава, за национална држава. Тие не проценија реално колкава е нивната политичка немоќ пред машинеријата и политичката пропаганда на СДСМ, чие е главно мото е – никогаш национална држава на македонскиот народ.
По овие парламентарни избори македонскиот народ го доведоа во политичка клиничка смрт – кома, а Македонците станаа административни граѓани во сопствената татковина, во сопствената држава. Во беспаќето, нова политичка ѕвезда е Левица, на проф. д-р Димитар Апасиев, со македонски национален предзнак. На 17 јуни 2018 година се видов со левичарот Апасиев.

Денот кога се потпиша Преспанската спогодба од министрите Димитров и Коѕијас, во селото Нивици (Псарадес). За мене и за Апасиев – капитулантска спогодба на штета на Република Македонија, а во корист на Република Грција. Во таа пригода му ги подарив моите книги: „Јавното обвинителство во Република Македонија“ и „Адвокатурата во Република Македонија (1945-2005)“.
Македонскиот воз/држава застана на слеп колосек за иднината. Македонската држава во исчекување по овие избори на нов(и) умен(и), разумен(и) и мудар(и) политичар (и), кој достоинствено ќе ја внесе во Европската Унија.