Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници (ССНМ) изразуваат сериозна загриженост за поднесената кривична пријава од Министерството за внатрешни работи (МВР) кон новинарот Фуркан Салиу за наводно попречување во работата на службено лице и бараме од Основното јавно обвинителство веднаш да ја отфрли.
Укажуваат дека целиот настан е проследен со говор на омраза на социјалните мрежи, што ги доведува новинарите и медиумските работници во лоша и небезбедна состојба во овој чувствителен предизборен период.
Потсетуваат дека ЗНМ и ССНМ побараа случајот веднаш да биде расчистен, да се внимава да не се повредат правата на колегата Салиу и на неговите колеги кои биле присутни на настанот, а политичките партии да не го користат во своите дневнополитички престрелки. За жал, како што велат, наместо расчистување на овој случај и поведување мерки против полицајците што извршија неовластен претрес на возилото на Салиу, како и против оние што користеа прекумерна сила при неговото лишување од слобода, МВР се одлучи кривично да го гони новинарот, стои во реакцијата.
Информираат дека за овој случај поднесена е и формална претставка до Секторот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди на Министерството за внатрешни работи (МВР) за апсењето на колегата Салиу, каде што се истакнаа повредите на правата, и побарано е внатрешната контрола да ги испита овие наводи веднаш, а МВР да преземе соодветни чекори против инволвираните службеници за време на целиот инцидент.
– Потенцираме дека ЗНМ и ССНМ солидарно стојат зад колегата Фуркан Салиу и дека правдата за него е правда за сите колеги новинари и медиумски работници во земјата. За овој случај ЗНМ ги извести меѓународните новинарски организации, кои ги следат правата и медиумските слободи и веќе е нотиран аларм за прекршување на правата на новинарите во Македонија на платформата за промовирање на заштитата на новинарството и безбедноста на новинарите на Совет на Европа – велат од ЗНМ и ССНМ.