Деновиве во Скопје заврши првиот дел од проектот „Про-Ско сос, сос на пријателство“.

Во проектот се вклучени ученици и наставници од скопското земјоделско-ветеринарно училиште „Браќа Миладиновци“, како и ученици од средното земјоделско училиште од Прокупље, соседна Србија.

„Про-Ско“ сос е всушност сос кој заеднички го произведуваат учениците од двата града и токму затоа симболично е наречен Про-Ско, како акроним од почетните букви на градовите Прокупље и Скопје.

Во разговор со учениците од скопското училиште, ни ги открија состојките кои се бирани со многу внимание и симболика, но не и тајната на изработката!
Сосот е благо-лут или луто-благ, зависно од личноста како гледа на работите околу него.
Основата е природен мед и лути црвени пиперки, потоа босилек, коријандер, чубрика и лук.

Како што може да се забележи, основните состојки на сосот во основа се спротивставени: мед наспроти црвени лути пиперки; лук наспроти коријандер, ароматичниот зачин на Кока Кола; лута чубрика наспроти божествениот босилек.

Но, кога сите овие состојки добро ќе се подготват, се добива сос во кој никој не губи од својот идентитет, туку сите придонесуваат со својот квалитет.

Тоа е и основната поента на Проектот на невладината меѓународна организација РИКО (RYCO – Regional Youth Cooperation Office https://www.rycowb.org/): соживот и соработка на младите од регионот без разлика на нивната национална, верска, родова, економска, урбана или рурална припадност.

Нашите домаќини ги прошетаа своите гости на неколку позначајни локалитети: Водно, Св. Пантелејмон, Вруток, Шарена џамија во Тетово, старата скопска чаршија, камени мост..

Вториот дел од реализацијата на проектот ќе се случува насен во Прокупље, Република Србија.