По објавувањето на веста дека државното знаме на Македонија се најде во групата на „забранетите” знамиња на тенискиот гранслем-турнир Австралија опен, меѓу кои се руското, белоруското, палестинското и израелското, Министерството за надворешни работи (МНР), преку амбасадата во Канбера, реагирало до Министерството за надворешни работи и трговија на Австралија, како и до организаторот на турнирот, Австралија опен.
– Добивме уверување дека се работи за ненамерен пропуст – техничка грешка која е веднаш исправена и која не предизвикала ефективни ограничувања. Беше испратено длабоко извинување и уверување дека инцидентот нема да влијае врз силните врски помеѓу граѓаните на Австралија и Северна Македонија, кои се карактеризираат со пријателство и љубов кон спортот – велат од МНР.
Македонското знаме на „црна листа“ на Австралија опен?
Организаторот појаснил дека согласно важечките правила, на трибините за време на натпреварите на турнирот дозволено е да се веат само знамиња на учесниците на натпреварот; воедно добиле и потврда дека за време на учеството на македонската тенисерка Лина Ѓорчевска, официјалното знаме на земјата било присутно на трибините меѓу гледачите без никакви ограничувања.