За утре е најавено најмасовно гаснење на пожарот на Серта од воздух и од земја, информираа вечерва од Кризен штаб од Неготино.
– Кризниот штаб на општина Неготино и вечерва во проширен состав одржа состанок на кој беа координирани активностите предвидени за утрешниот ден, а во врска со гаснењето на пожарот на планината Серта. Најавено е дека утре од воздух ќе се дејствува со четири хеликоптери и три авиони за гаснење пожар, додека од земја ќе дејствуваат припадници на АРМ, МВР, ЕБР, пожарникари од повеќе градови, јавните комунални претпријатија, Национални шуми, ловџии и други доброволци – соопштија од Кризниот штаб.
Оттаму нагласија дека Кризниот штаб ја обезбеди и потребната механизација за дејствување од терен, а се планира активностите за гаснење на пожарот да започнат уште во раните утрински часови.
Пожарот на Серта избувна во средата околу 10.30 часот.