Фото: Маја Јаневска-Илиева

Продолжуваат тешките провокации и омаловажувања од страна на бугарски емисари кон Македонците во Албанија

Васил Стерјовски, претседателот на Македонската алијанса за европска интеграција (МАЕИ), посочи дека има нов бугарски поход за асимилација на Македонците во Мала Преспа. Неговите предупредувања за негаторски однос на бугарски претставници беа потврдени со длабоко предизвикувачка провокација од претставничката на бугарското малцинство во владиниот Комитет за национални малцинства во Албанија, Милена Селими. Таа изјави дека се сретнала „со претставници на бугарското малцинство“ во регионот на Мала Преспа (?!)

Претставниците на македонското малцинство во Албанија неколкупати досега предупредуваа на контроверзните дејанија на бугарската амбасада во Тирана и на бугарските државни институции, како и на одделните приватни бугарски здруженија и фондации. Споменатите дејанија имаат цел да прикажат постоење бугарско малцинство во Република Албанија, иако тоа е во спротивност со сите пописни податоци за населението од создавањето на албанската држава. Претходно македонското друштво „Илинден“ – Тирана укажа дека во секој од изборните циклуси, бугарските политичари ја засилуваат отровната реторика кон Македонија, а асимилацијата и бугаризацијата на Македонците се користат како добитна карта.

Последно вакво предупредување даде Васил Стерјовски, претседателот на Македонската алијанса за европска интеграција (МАЕИ), според кого, има нов бугарски агресивен поход за асимилација на Македонците во Мала Преспа. Токму по едно такво предупредување, претставничка на бугарското малцинство во владиниот Комитет за национални малцинства во Албанија, Милена Селими, при нејзиниот престој во областа Голо Брдо населена со Македонци, на социјалната мрежа Фејсбук објави дека се сретнала „со претставници на бугарското малцинство во овој регион“.
– Во Големо Острени, областа Голо Брдо, со жителите на бугарското национално малцинство, кои ги наследуваат јазикот, традициите и идентитетот од колено на колено. Емоционална средба со Егла и Дениса, кои ви посакуваат добредојде на јазикот на предците. Се сретнавме со претставници на бугарското национално малцинство и разговаравме за нови активности за поддршка на заедницата. Сè поголемата соработка меѓу нашите две земји, Бугарија и Албанија, е сигурна гаранција за образовниот, економскиот и културниот развој на жителите на овие простори – наведува Селими.

Таа додава дека заедно со неа во Албанија биле директорката на Агенцијата за Бугарите во странство – Рајна Манхукова, амбасадорот на Република Бугарија во Албанија – Ивајло Киров, потоа Гезим Курти – претседател на „Здружението на Бугарите во Албанија“, администраторот на областа Острени – Луан Мјештри, како и претставници на Советот на Општина Булќиза.

Со своја реакција излегоа претставниците на Македонците во Република Албанија, а меѓу првите со став излезе македонскиот весник „Илинден“ од Албанија. Според споменатиот весник, посочените две лица, едната како претставник во Комитетот за малцинства и, вториот, како секретар во Општина Булќиза, за својата работа се платени од буџетот на албанската држава.
– Затоа нејасно е како државни службеници се впуштиле во скандалозно застапување за побрзо добивање бугарски пасоши, што претставува учество во криминална активност, потоа директно мешање во внатрешните работи на албанската држава, како и внесување етничка нетрпеливост среде населението во Голо Брдо. Имено, според реакциите на пофалбената објава на Милена Селими, видливо е дека многубројни се реакциите дека во Голо Брдо нема Бугари. Следствено, со својата скандалозна активност Селими и Бала настојуваат да внесат национална нетрпеливост среде населението и да предизвикаат тензии во областа Голо Брдо во Албанија, во која насилно сакаат да прикажат постоење бугарско малцинство. И сето тоа со непримерна и бескрупулозна трговија со бугарски пасоши – пишува весникот „Илинден“.


Нема бугарско малцинство во Албанија

Повеќе податоци покажуваат дека бројката на Бугари во Република Албанија е минимална, а ова е особено очигледно од информациите на официјалната страна на Централната изборна комисија во Бугарија, според која во Албанија на изборите имало пријавени 176 лица од кои шест во бугарската амбасада.
Од списоците што се достапни за секој град во Република Албанија се гледа дека има етнички Албанци пријавени за гласање на најновите бугарски избори. Според пишувањата на весникот „Илинден“ има Македонци што гласале од околината на Корча, вкупно 46 лица, но тие со децении се финансирани од бугарските власти и се обидуваат да ги убедат Македонците дека се Бугари. Меѓутоа меѓу Македонците од областите Голо Брдо и Гора немаше ниту еден пријавен за гласање, а истото тоа може да се забележи и во главниот град на Албанија.


Во Преспа живеат Македонци со македонски јазик и идентитет

Постоењето на Македонците во Република Албанија постојано се потврдува од албанските власти. Во овој дух беше и искажувањето на Нико Пелеши, албанскиот министер за одбрана, во селото Туминец. Според него, во Преспа живеат Македонци, со македонски јазик, идентитет, култура, традиции. Без разлика на некои странски влијанија за нас тука живеат Македонци. Тие се една заедница што е додадена вредност во мозаикот на културните, историските, етнографските и јазичните вредности на нашите простори – рече Пелеши.

Ова се потврдува и од Пале Колефски, градоначалникот на Општина Пустец, кој во врска со веста дека во Мала Преспа е споделено упатство за гласање за локалните избори на бугарски и на албански јазик, наместо на македонски и на албански јазик, укажа дека такво упатство за време на целата кампања на локалните избори во Мала Преспа немало.
– Вистината е дека во Мала Преспа живеат Македонци! Јас сум Македонец – рече Колефски.

Д.Ст.