Антифашистичко востание во Македонија во 1941 година

Подготовката и организирањето на антифашистичкото востание и Националноослободителна борба на македонскиот народ биле исклучително сложени и тешки задачи за реализација, пред сè, поради тоа што требало да се реализираат во услови на исклучително жестока големобугарска и големоалбанска пропаганда, проследени и со дејствување на силен репресивен државен апарат, кој на секој начин, со сите дозволени и недозволени средствa, бил насочен да го уништи македонското националноослободително движење, односно да ги уништи членовите на македонската комунистичка организација. Згора на тоа, сложеноста била дополнително нагласена со фактот што во почетниот период македонското националноослободително движење било малобројно и без искусен кадар, а требало да се изработат соодветна стратегија, тактика и организација за водење на оружените акции

Д-р Александар Литовски

Предисторијата на прокламирањето и почетокот на антифашистичкото и националноослободително востание на македонскиот народ се поврзани со почетокот и настаните од Втората светска војна, а најмногу со почетокот на спроведувањето на германскиот план „Барбароса“, од 22 јуни 1941 година, за уништување на „болшевизмот“ и на Советскиот Сојуз. Окупацијата на Македонија од фашистичките сили се случила во април 1941 година, а територијата на Вардарскиот дел на Македонија била поделена и окупирана од Италија и од Бугарија. Со воспоставувањето на воената, полициската и административната бугарска окупаторска власт, Македонците биле изложени на смислена и организирана бугаризација. Слична била и ситуацијата во Западна Македонија, окупирана од италијанските војски, кои воспоставиле еден фашистички режим што ги фаворизирал големоалбанските националисти за сметка на македонското население, кое било принудувано да ги напушта своите вековни огништа.

Раководството на македонското националноослободително движење, односно Покраинскиот комитет на Комунистичката партија на Југославија во Македонија, поаѓајќи од своите предвоени определби за борба против фашизмот, без двоумење го прифатило антифашизмот како идејна подлога на македонската националноослободителна борба. Меѓутоа, во тој почетен период не била прифатена оружената борба како основно средство за реализација на македонските национални интереси, иако уште на 15 април 1941 година, Централниот комитет на Комунистичката партија на Југославија упатил Проглас до народите на Југославија, а меѓу нив и до народот во Македонија, во кој се декларирало дека претстои „крвав империјалистички колеж“ и дека ќе се создаде „нов свет“ во кој ќе се отстрани „империјалистичкото војување и националното поробување“, односно дека и ќе се конституира „вистинска независност на сите народи на Југославија“ како „слободна братска заедница“.

Вака поставените основи на антифашистичка и антиокупаторска борба во Југославија биле особено значајни за македонскиот народ бидејќи отворале перспективи за извојување не само на социјалноекономска слобода туку и национална слобода и независност. Покрај тоа, значајно било што зад вака поволните декларативно поставени основи на борбата, уште тогаш, во пролетта 1941 година, стоела една политичка сила како Комунистичката партија на Југославија, која имала околу осум илјади члена и уште околу триесет илјади членство на југословенската комунистичка младинска организација (СКОЈ) и која дејствувајќи долги години во илегалност, веќе тогаш располагала со искусен и подготвен кадровски потенцијал за подготовка и изведба на оружен отпор против окупаторите. Дејствувањето на силите на македонското националноослободително движење во Вардарскиот дел на Македонија во овие рамки претставувало во тие моменти единствената реална можност за извојување на идеалите на македонскиот народ.

Поврзувањето на македонската партиска организација кон Бугарската комунистичка партија значело дополнително зацврстување на стратегијата и тактиката за непостоење услови за оружена борба, бидејќи и Бугарската комунистичка партија стоела на тие позиции. Всушност, поврзувањето на партиската организација на Македонија со Бугарската комунистичка партија од аспект на македонските национални интереси, најпроблематично е во оваа точка, оти со немањето став да се води оружена борба и изостанувањето од светската антифашистичка борба, за Македонците значело губење на сите перспективи за извојување државноправна слобода и национално самоопределување.

Без разлика на негативниот однос кон масовна оружена борба кај раководството, во рамките на македонското националноослободително движење непрестајно се работело на создавање антиокупаторска атмосфера среде македонскиот народ. Некои локални партиски организации, особено во Прилеп, Тетово, Куманово, Битола и во Велес, самоиницијативно презеле акција за собирање оружје. На 13 јули 1941 година, во Вардарскиот дел на Македонија паднала и првата жртва на бугарскиот фашистички окупатор. Имено, во селото Горни Дисан, Кавадаречко, при вршење партиска задача преку која се објаснувало дека бугарската власт е фашистичка, окупаторска и антимакедонска и се агитирало да се саботира реквизицијата земјоделски производи од државната Дирекцијата за храна, бил убиен од бугарската полиција Диме Поп Атанасов, член на Месниот комитет на југословенската комунистичка младинска организација (СКОЈ) во Кавадарци.

Во врска со празникот Илинден, на 1 и 2 август 1941 година се случиле низа манифестации, кои не само што биле антиокупаторски и прокомунистички туку биле јасен израз на постоењето на македонската национална свест. Вечерта на 1 август 1941 година, низ улиците на Битола биле растурени повици од комунистичките активисти, организирани од Стив Наумов, Христо Дума, Илија Топаловски и Петар Петрушевски. Во Скопје, во пресрет на Илинден, бугарската окупаторска власт започнала подготовки за свечено одбележување на празникот. Јавно биле горени книги на српски јазик и се подготвувало отворање споменик на Мара Бунева на местото на нејзиното загинување. Во текот на ноќта младинска партиска група на споменикот напишала: „Долу Бугарија, да живее КПЈ!“ На 2 август 1941 година, во Битола се случила таканаречената „Илинденска демонстрација“. Имено, бугарската власт во Битола ја испланирала и ја одржала главната прослава на Илинден во „новоослободените краеви“. По одржаната панихида и молитва, поворката составена од војници и фашизирани младинци, кои носеле портрети на цар Борис, Адолф Хитлер, Бенито Мусолини, Гоце Делчев, Даме Груев, Борис Сарафов, Тодор Александров, Владо Черноземски…, ги посетила гробовите на двајцата германски војници убиени во Битола во април 1941 година, но на битолскиот Ат-пазар биле пречекани од демонстранти организирани и предводени од Стив Наумов, кои развиле транспарент на кој било напишано: „Да живее слободна Македонија“, а извикувале разни комунистички и антибугарски пароли. Планираната бугарска манифестација не била одржана, а бугарската коњичка и моторизирана полиција со сила ги растерала демонстрантите и наредниот ден уапсила голем дел од нив. Во Прилеп уште утрото на 2 август 1941 година, прилепските комунисти се обиделе, неуспешно, да организираат манифестација против бугарската власт, а од полицијата биле уапсени комунистичките активисти што ги носеле подготвените плакати за демонстрацијата, од кои едниот бил платно со содржина: „Не сакаме војна со никого“, а другиот картон со насликан портрет на Гоце Делчев и со натпис: „Делчев умре за слободна Македонија“.

На 22 август 1941 година, од 13 борци, во месноста Чифлик во Скопје бил формиран првиот Скопски партизанските одред. Во одредот влегле македонски комунисти дотогаш вклучени во петте скопски диверзантски групи. Во неговиот борбен пат му се приклучиле вкупно 42 борци, со мешан национален состав – Македонци, Срби, Албанци, Турци, Црногорци, Хрвати и Чеси. Командант на одредот бил Чедомир Миленковиќ, а политички комесар Дане Крапчев-Стари.

Новиот ПК во состав: Лазар Колишевски, Бане Андреев, Мара Нацева, Борка Талески и Благој Јанков, формиран по интервенцијата на Коминтерната за враќање на партиската организација од Македонија во состав на Комунистичката партија на Југославија, решително застанал на позиции за водење оружена борба и почнал подготовки за формирање повеќе партизански одреди. Тоа претставува квалитативно нов момент во дејствувањето на македонското националноослободително движење, затоа што започнал процесот за организирање националноослободителна војна.
Поделени во три групи, 39-те борци на Прилепскиот партизански одред, истиот ден кога е формиран, според однапред подготвениот план, на 11 октомври 1941 година извршиле напад на поштенско-телеграфските врски во Прилеп, на бугарската полициска станица (участокот) и на затворот, при што „отвориле брза стрелба од пушки и пиштоли кон стражарот и прозорците на спалните…“, што како резултат довело стражарот пред затворот да биде „погоден со два куршуми во пределот на стомакот и едната нога“, а еден полицаец што „станувал од креветот да ја земе пушката, бил убиен“.

Акциите на Прилепскиот партизански одред биле изведени врз основа на решение на Покраинскиот комитет на Комунистичката партија на Југославија за Македонија за подигање на оруженото антифашистичко востание на македонскиот народ, кое, пак, постепено прераснало во Националноослободителна војна и довело до формирање на првата македонска национална држава. Покраинскиот комитет на Комунистичката партија на Југославија за Македонија во почетокот на октомври 1941 година обнародил Проглас до македонскиот народ во кој го најавил почетокот на македонското антифашистичко востание.

Во него „работниците от Македонија“ се повикувале „во овија… најтешките сати кои ги проживуе македонскиот народ… храбро и одлучно ставите се на чело на својот напатен и поробен народ и поведите го во борба за слобода. Завземете достојно место до работниците од Србија, Бугарија, Хрватска, Црна Гора, Грчка и друзите земји на Балканот и во Европа, кои со златни слова је пишуат историата на ослободуенето на своте народи. Во бој другари. Влезујте во партизанските одреди (чети). Рушите и уништожавајте се што му служи на непријателот на вашиот народ и на непријателот на Сов [јетскиот] Сојуз – на крвавиот фашизам“. Пред „македонскиот народ, селаните, работниците и граѓаните во Македонија“ отворено се дефинирало дека се врши „забрана на македонското име и език; насилна бугаризација на македонскијот народ“ и се повикувало на оружена борба и влегување во партизанските одреди. Се објаснувало дека „партизанските чети се борат против фашизмот за национална слобода и поарен живот“ и дека македонските партизани се борат „заедно со другите братски народи на Балканот за плна слобода и равноправнос на сите Македонци, Бугари, Срби, Хрвати…“ Со тоа во Прогласот, фактички, македонскиот народ се одделувал како посебна нација на Балканот.

Од друга страна, македонските политички сили што дејствувале како соработници на окупаторот, односно граѓанските десноориентирани сили околу Спиро Китинчев, Данаил Крапчев, Димитар Чкатров, Димитар Ѓузелов, Стефан Стефанов, Кирил Дрангов и Ванчо Михајлов, во Прогласот биле оквалификувани како „шпиони, платени типови и народни предатели, како изроди на македонскиот народ, како што то и во српско бева секакви Алтипармаковци… и друзи“. Барањето за сопствена државност било во форма „да во својата куќа си бидеш свој господар и му туриш крај на честите ‘ослободуенја’ и вечито ропство“.

Антифашистичката и националноослободителна војна втемелена врз сопствени оружени сили претставувала единствен ефикасен начин за остварување на зацртаните македонски национални идеали и програмски определби. Востанието во Вардарскиот дел на Македонија започнато на 11 октомври 1941 година и четиригодишната Националноослободителната војна што се развила од него биле изведени, организирани и водени од Националноослободителното и комунистичко движење на македонскиот народ. Оваа антиокупаторска борба не само што имала класно-пролетерска содржина туку имала и македонска национална содржина, односно се водела за создавање македонска национална држава.

Оттаму, антифашистичкото македонско востание претставува најважниот меѓник во борбата за национална слобода и самобитност на македонскиот народ, во борбата за афирмација на одделниот македонски национален идентитет, во борбата за државноправно конституирање на Македонија. Покрај сето тоа, подигањето на антифашистичкото востание во тогашните актуелни моменти значело осојузување со силите од антифашистичката коалиција на светско ниво, а сосема јасно кажувало и дека Македонија не е „ослободена“, како што пропагирале окупаторите и нивните домашни соработници, туку дека претставува окупирана зона. И дека порано или подоцна ќе биде извојувана слободата. Впрочем, тоа навистина се случило во средината на ноември 1944 година, а новосоздадената македонска држава се вброила во редот на победниците во Втората светска војна!