Центарот за рангирање на светски универзитети (CWUR) ја објави листата на 2.000 најдобри универзитети во светот за 2024 година, на која државниот Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје е рангиран на 1.990 место.
УКИМ е на истата позиција од минатогодишното рангирање и сѐ уште е единствениот македонски универзитет кој се наоѓа на ова рангирање.
Според листата, петте најдобро рангирани универзитети во светот, се универзитетите Харвард, МИТ и Стенфорд од Соединетите Американски Држави, Кембриџ и Оксфорд од Велика Британија.
Од земјите од соседството, Србија има четири високообразовни институции меѓу најдобрите светски универзитети. Од нив, најдобро рангиран е Белградскиот универзитет, кој се најде на 376 место, што е пад од 14 позиции во однос на лани, а на листата се и универзитетите во Нови Сад, Крагуевац и Ниш.
Од Бугарија се рангирани два универзитета, додека пак Грција е на листата со 12 универзитети.
Од Хрватска на рангирањето се најдоа четири високообразовни институции. На листата и годинава немаше место за ниту еден универзитет од Албанија, Косово, Црна Гора и Босна и Херцеговина.