Антиродовите движења, новиот предлог-закон за родова еднаквост и вистинската суштина на ова законско решение, расчистување на дилемите околу поимите пол, род и родов идентитет, беа во фокусот на гостувањето на министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска.
– Се она што беше лиферувано во јавноста беше невистина, манипулација и незнаење, но во никој случај не беше суштината на процесите на двата закона, особено за родова еднаквост. Се очекуваше да дојде и кај нас тоа антиродово движење – рече Тренчевска во емисијата „Студио 10“ на Телевизија 24, соопшти МТСП.
Министерката ги појасни поимите пол, род и родов идентитет.
– Полот е биологијата, она што нѐ прави различни мажите и жените, родот е социјалниот конструкт, она што општеството го наметнува како улога за девојчињата и момчињата, и тоа е менливо затоа што општеството се демократизира и се разликува од култура до култура – истакна Тренчевска.
Таа осврнувајќи се на анти-родовите движења посочи дека Србија успеала да ги премости проблемите, но Чешка и Полска имаат донесено штетни закони со кои се уназадува положбата на жената.
– Нашата држава и тоа не само во рамки на регионот, беше препознаена како земја лидер, која многу направи за родовата еднаквост, за еднаквоста меѓу мажите и жените и антидискриминацијата. Ние сме првите кои донесоа Закон за еднаквост на жените и мажите во регионот. Ние за еднаквост зборуваме од 1946 година, кога во време на Југославија, за прв пат се даде правото на глас на жената. Започнавме да зборуваме за родова еднаквост во 1995 година после првата конференција во Пекинг, односно четвртата женска конференција во Пекинг, кога тогашниот претседател Глигоров се обврза дека ќе се насочи државата да воспостави механизми за родова еднаквост. Еднаквите можности на мажите и жените се алатка. Нам ни е воспоставена таа еднаквост и треба да продолжиме да ја унапредуваме положбата на жените и мажите – рече Тренчевска.
Во врска со предлог-законот за родова еднаквост, министерката посочи дека, не се очекувала таква реакција во јавноста, со оглед дека претходно биле одржани 18 јавни расправи, и дека ова законско решение се работи од 2019 година. Притоа, ја потенцираше и јавната расправа одржана и за пратеничките од сите партии, од каде што не произлегла ниту една суштинска забелешка, сите дале целосна и безрезервна поддршка на законот, за подоцна дел од нив да излезат на протест кој го организираше МПЦ.
Таа посочи дека причината за ваквата реакција може да биде и непознавањето на концептот, бидејќи кога луѓето се неинформирани имаат најмногу предрасуди.
Тренчевска истакна дека во предлог-законот за родова еднаквост, ниту во еден сегмент, ниту одредба не регулира истополови бракови и промена на полот. Законот промовира еднаквост на жените и мажите, како и зајакнување на механизмите за родова еднаквост. Притоа ја вклучува и родовата перспектива, дава можности и алатки како да се вклучи родовата перспектива во политиките, и стратешките документи, како што беше направено во Законот за буџети со вклучување на родовата перспектива, во креирањето на буџети во државата, истакна Тренчевска.
Таа се осврна на серијата настани под наслов „Остави трага“, кои се организираат заедно со Институтот за добро владеење и евроатланстски перспективи и Советот на Европа, а во фокусот се младите.
– Тоа се позитивни настани, вклучена е музиката, сликањето, театарот и споделување на лични приказни од жени и мажи кои успеале во животот. Секој од нас има различна приказна свој пат, но на крајот имаме ист цел, како да ги реализираме нашите соништа. Целта е да допреме до младите, да ги прикажеме можностите кое ги нуди општеството. Зборуваме за активација на пазарот на труд , ментално здравје, да го слушнеме гласот на младите, да се насочиме со позитивни примери – порача Тренчевска, соопшти Министерство за труд и социјална политика.