Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, ноќеска добил фотографија од групата од осуммина македонски ученици и нивниот ментор кои во моментот на земјотресот во Турција беа во погоденото подрачје. Вели дека сите се здрави и веќе на пат кон Анкара, од каде што утре ќе тргнат за Македонија. Со нив се и учениците што побарале лекарска помош, од кои едниот е имобилизиран, а за другиот било утврдено дека нема повреди. Учениците се од Тетово, Гостивар и Маврово – Ростуше.
– Утринава во два часот по полноќ, нашиот дипломат ми испрати фотографија со учениците, сите се здрави, добро се и веќе се тргнати накај Анкара. Вечерва ќе останат таму, па ќе тргнат со автобус за Скопје. Повредениот, кој добил здравствена грижа, нема потреба од хируршка интервенција. Сите се на пат за Анкара, фотографијата покажува дека се добро. Траумата од преживеаното сигурно ќе ги следи, но добро се. Од двајцата, кои побарале лекарска помош, едниот има имобилизиација на екстремитет, се сметаше дека има тешка повреда, скршеница, но прегледот покажа дека нема повреда, туку само е имобилизиран, а другиот само бил прегледан – рече министерот Османи.
Учениците и нивниот ментор престојуваа во Турција преку програмата „Ерзамус плус“. Кога ќе стигнат во земјата, сите ќе си одат дома, министерот Османи рече дека за ниеден од нив не се договара лекарски преглед.
Османи најави дека договорената помош за Турција веднаш ќе биде испратена. Утрово било договорено да тргне екипа од Дирекцијата за заштита и спасување, Министерството за одбрана да ги испрати средствата, а исплатата веднаш да ја направи и Министерството за финансии.
Владата синоќа одлучи да испрати помош од 100.000 евра, медицински лица и опрема во Турција по вчерашните разурнувачки земјотреси.