фотографии: Милко Живковиќ

Милко Живковиќ, наш известувач од Благоевград

Во присуство на стотина Македонци од Бугарија и од Македонија, под силно полициско обезбедување и покрај обидите за провокации, свечено беше отворен македонскиот културен клуб „Никола Вапцаров“ во Благоевград.

Пред просториите на клубот во знак на протест од локалното население беа поставени портрети од македонски револуционери со бугарски обележја, меѓу кои беа Гоце Делчев и Даме Груев, а истовремено беа пуштани и бугарски револуционерни песни од озвучување поставено во близина.

Свеченото отварање на клубот почна со поздрав кон присутните и осветување на просториите според христијанските обичаи, а предвидени се обраќања од официјалните гости. За крај е предвидено положување на цвеќе на спомениците на Димитар Благоев и Гоце Делчев, како и на спомен обележјето на Гоце Делчев во дворот на црквата.

Отворањето инаку помина во мирна атмосфера, а слично беше и низ улиците на Благоевград, откако од двете страни имаше апели за воздржаност од провокации и инциденти. Бугарската ВМРО-БНД претходно најави протест против отворањето на клубот во Благоевград, а се очекува навивачите на бугарски Пирин денес во Благоевград да прослават 100 години од основањето на фудбалскиот клуб.

Мал инцидент се случи кога еден од луѓето што протестираа, се обиде да ја попречи поворката и влезе во расправија со Димитар Апасиев, но тензичната ситуација се расчисти мирно.

Меѓу гостите беа повеќемина истакнати личности од различни области, меѓу кои се универзитетската професорка Виолета Ачкоска, универзитетската професорка Наде Проева, дипломатот од кариера Ристо Никовски, адвокатот Тони Менкиноски кој е правен застапник на Македонците од Бугарија пред судот за човекови права во Стразбур…

Настанот беше проследен и со големо внимание на бугарските медиуми кои испратија нивни екипи.

На отворањето на клубот нe присуствува ниту еден претставник на Владата, додека во Благоевград е испратен генералниот секретар на кабинетот на претседателот Стево Пендаровски, Миле Бошњаковски. Присутни беа и лидерите на опозициските партии ВМРО-ДПМНЕ и Левица Христијан Мицкоски, односно Димитар Апасиев, како и претставници од други македонски партии.

– Да го поддржиме отворањето на овој клуб, да ги поддржиме нашинците, Македонците од оваа страна на границата. И да испратиме јасна порака дека ние сме Македонци што зборуваат македонски јазик и доаѓаат од Македонија. И за тоа во 21 век веќе не треба никој ниту да има дилема, ниту треба воопшто да разговара. Треба да се почитува правото на самоопределување. А, нашето право да се самоопределиме како Македонци е неприкосновено и загарантирано со сите меѓународни акти. Затоа сме денеска тука да ги поддржиме нашите Македонци во Бугарија – изјави на отворањето лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Премиерот Димитар Ковачевски во пресрет на денешната церемонија истакна дека ќе биде испратено барање до Бугарија за одобрување на отворањето на клубот во Благоевград, по примерот на тој во Софија.

Градоначалникот на Благоевград Илко Стојанов за бугарскиот весник „24 часа“ изјави дека ниту издал дозвола, ниту забранил отворање на приватен македонски културен клуб. Овој настан, според Стојанов, немал никаква врска со општината ниту со него. Организацијата на Македонците од Бугарија, ОМО „Илинден“ – ПИРИН, претходно соопшти дека отворањето на македонскиот клуб официјално го дозволил градоначалникот на градот.

Цел на клубот е развивавање на македонската традиционална и модерна култура, да гради културен мост меѓу Македонија и Бугарија и да ги зајакне врските меѓу Македонците и Бугарите ширум светот. Од ОМО Илинден – Пирин, наведоа дека зад отворањето на клубот стои друштво за заштита на основни човекови права во Благоевград, кое повеќе пати ја истакнувало својата поддршка за евроинтеграцијата на Македонија и за добрососедството меѓу Македонија и Бугарија.

Во поканата за церемонијата на отворањето е наведено дека клубот е основан со финансиска помош на Македонците Глигор Цанев и Минчо Остас од Торонто и Македонското меѓународно здружение за човекови права во Канада, на чие чело е канадскиот државјанин со македонско потекло Бил Николов.