Фото: МИА
„Студентски отпор“ – организаторот на вчерашниот протест пред Собранието, не е задоволен од договореното на средбата во Собранието меѓу студенти – претставници на универзитетски собранија со пратеници и министерот за образование и наука и повика на нов протест в четврток.
– Јавно соопштуваме дека не сме задоволни од крајниот исход и од одлуките кои се донесоа. Ние како студенти остануваме на нашите барања: Издвојување средства од буџетот за зголемување на износот на субвенционираниот студентски оброк од 120 денари на 150 денари дневно; Издвојување  средства од буџетот за израмнување на сумата на стипендиите согласно измените од последното покачување на стипендиите; Издвојување средства за реновирање и обезбедување нормални услови за престој во студентските домови, долгорочен план за формирање „студентски градови” и стоп за најавената приватизација на студентските домови и издвојување доволно средства за изземање на студентите од антикризните мерки на Владата за рационализација и штедење струја – објави синоќа „Студентски отпор“ најавувајќи нов протест за 17 ноември.
По вечерашната средба во Собранието помеѓу претставниците на студентските собранија, пратеници и министерот за образование и наука Јетон Шаќири, а на која присуствувал и премиерот Димитар Ковачевски, беше договорено субвенцијата за студентски оброк студентите да ја добиваат по старите услови, а до март работна група да најде системско решение за нов закон. Биле разгледани и други аспекти од студентскиот стандард, пред сè подобрување на условите во студентските домови.
 „Студентски отпор“ во реакцијата наведува дека единственото барање кое е прифатено на средбата е повлекување на измените на Предлог-законот за студентски субвенциониран оброк и дека, поради тоа, нема да отстапат „сѐ додека итно не се реализираат и останатите барања“.
– Ве повикуваме во четврток, на Меѓународниот ден на студентите, на масовен студентски марш од 17 часот. Маршот ќе почне од Министерството за образование и наука и заедно ќе се упатиме кон Собранието на Македонија. Ги повикуваме сите студентски организации, универзитетските и факултетските студентски собранија, професори, здруженија и невладини организации да се придружат во нашата борба – објави „Студентски отпор“.