Фото: Маја Јаневска-Илиева

Сакам повторно да нагласам дека како директор на Универзитетската Клиника за респираторни заболувања кај децата Козле веднаш формирав стручна комисија на клиниката која го разгледа целиот случај и не најде никаков лекарски стручен пропуст во третманот, следењето и лекувањето на пацентот. Веднаш потоа се состана во два наврати и стручниот колегиум кој се согласи со извештајот на комисијата на клиниката – истакнаа во соопштение директорката д-р Каролина Симоновска и стручниот колегиум на ЈЗУ Универзитетска клиника за респираторни заболувања кај децата, Козле, кои додаваат дека во прилог е доставен детален извештај од клиниката со бројна медицинска документација која сведочи за превземената лекарска грижа, истата е доставена уредно и до министерството за здравство и во лекарската комора.

– Уште еднаш би сакала да информирам дека пациентот во нашата клиника е веднаш прифатен, направени се бројни анализи, поставен на терапија според интерните протоколи на клиниката, постојано следен, мониториран и под кислородна подршка која е контролирана и мониторирана а поради невообичаеното рапидно и прогресивно влошување на состојбата на детето, истото беше препратено на КДБ по претходен договор и најава со дежурниот педијатар, со организиран транспорт на ИМП во придружба на лекар и медицинска сестра, во согласност со интерниот протокол за префрлување на болно дете во друга институција за продолжување на лекувањето – вели директорката д-р Каролина Симоновска во соопштението.

Стручната комисија како и едногласноста на колегиумот се мој императив дека во нашата клиника е превземено се во третманот на детето.

– Истовремено сакам да информирам дека како директор на оваа клиника во тек на само 2.5 месеци превземени се сериозни организациски чекори, план и првична програма за реорганизација на одделот за интензивна нега и терапија, според законските прописи дадени од АКЗУМ. Унапредување на одделот со детален план за доопремување со апаратура за неинвазивна и инвазивна респираторна подршка и веке е договорен тим на лекари специјалисти кои ќе бидат испратени на адекватна обука – додава Симоновска.

Клиниката за респираторни заболувања кај децата, Козле поседува интерни клинички протоколи според Медицината базирана на докази кои се спроведуваат децении наназад кај сите наши пациенти.