Фото: ЦУК

По барање на градоначалникот на Општина Крушево до Центарот за управување со кризи, денеска, во потрага по исчезнатото лице Киро Пупоноски во крушевско се вклучуваат и сили на Армијата. Се вклучуваат со стотина армиски припадници и едно куче трагач, а и соодветни материјално-технички средства, информираат од ЦУК.

Потрагата трае од четвртокот, во континуитет од самото пријавување во МВР.

Фото: ЦУК

Во петокот во потрагата учествувале 14 полициски службеници од ОВР Крушево, три лица од единиците за брзи интервенции од ДЗС, една екипа со куче трагач и еден хеликоптер од МВР, ловно друштво „Елен“ со 15 ловџии, екипа од Шумска полиција и околу педесетина граѓани доброволци. Се пребарувале сите околни места, шумските појаси, низинските места и селските населени места. Потрагата во вечерните часови продолжила во градот, населените места, како и во колиби, напуштени куќи, штали. Полицискиот хеликоптерот што трагал бил повлечен во 16 часот.
Вчера, од 7 часот па до доцните вечерни часови, при потрагата биле опфатени реоните со дел од шумските појаси кон селото Бирино и манастирот Свети Спас и други места за коишто се претпоставувало дека е можно да биде најден исчезнатиот. Учествувале 30 полициски службеници од ОВР Крушево, 4 лица од единиците за брзи интервенции од ДЗС, една екипа од МВР со куче трагач и хеликоптерот од МВР, РЦУК Крушево со тројца вработени, а истовремено биле ангажирани уште едно куче трагач од страна на семејството, ловното друштво со околу 60 ловџии кои трагаат на терен на различни локации, двочлена екипа од Шумска полиција со едно возило и околу педесетина граѓани доброволци.
Регионалниот центар за управување со кризи РЦУК Крушево е во координација со сите екипи од институциите и редовно добива информации.

Како што информираа од семејството на исчезнатото лице, во апелот пренесен од медиумите во пошироката јавност, лицето боледувало од деменција, носело очила, а на денот на исчезнувањето било облечено во црна блуза и црни тренерки со бели линии. Сител објави фотографија и име од исчезнатото лице како помош во потрагата.

-Ако некој го видел лицето во некое населено место каде што би можело и случајно да стигне, во околните места и во околните градови, може да пријави едноставно на 112, бројот за итни случаи во ЦУК – апелираат оттаму.