Фото: Влада

Владеењето на правото, независноста на правосудството, доследната и неселективна борба против криминалот и корупцијата со широка и обврзувачка транспарентност – се меѓу стратешките програмски приоритети на Владата, а тие се поврзани и со другите приоритетни цели, како што е модеринизирана и поефикасна јавна администрација и дигитализација која обезбедува квалитетни и брзи услуги за граѓаните и деловните субјекти – истакна заменичката на претседателот на Владата на Македонија задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, во воведното обраќање на панел дискусијата „Искоренување на корупцијата преку политики за добро владеење и антикорупција“, која се одржа во рамки на Преспа форумот за дијалог 2023.

Грковска посочи дека не може да се зборува за справување со корупцијата доколку не се работи на транспарентноста, на отчетноста, на кохезивниот пристап во носењето на одлуки, бидејќи тоа се комплементарни принципи насочени кон една цел, да изградиме здраво општество и стабилен систем. Според неа, во какво општество ќе живееме зависи од сите нас, а најмногу од тоа каков пример даваат носителите на одлуките, но зависи и од секој граѓанин поединечно, бидејќи сите ние го сочинуваме тој мозаик кој на крајот ја дава големата слика.

– Најчесто се вели дека моќта ги корумпира луѓето, но би рекла дека подеднакво валидни се и спротивните тврдења, дека луѓето ја корумпираат моќта. Бидејќи, како и секој друг потенцијал, од луѓето зависи за каква цел ќе го користат. Дали за личен интерес или за општо добро. Дали со заобиколување на правилата или според закон. Дали за кочење на секоја шанса за длабински промени, затоа што некому му одговара да останеме во матните води во кои е научен вешто да плива и да профитира или за движење напред кон воспоставување целосно функционален систем во интерес на граѓаните и идните генерации – истакна таа.

Гостите министри од регионот се осврнаа на антикорупциските активности во нивните земји. Црногорскиот министер задолжен за антикорупциски политики, Зоран Милјаниќ, зборуваше за ендемската корупција и болните точки со кои се соочува неговата земја, но и за доброто искуство со специјалното државно обвинителство на Црна Гора, кое успешно процесира случаи против поранешни и актуелни функционери. Тој нагласи дека намалувањето на корупцијата значи создавање услови за подобар живот за сите граѓани.

Министерот за правда во Владата на Република Албанија, Улси Мања, се осврна на процесот на ветинг во неговата земја со кој биле опфатени 85% од правосудниот систем, а огромен дел од нив биле отстранети од системот, а незаконски стекнатиот имот бил конфискуван. Зборувајќи за првичните позитивни резултати и на телото наменето за справување со корупцијата во јавната администрација во Албанија, министерот Мања истакна дека патот на земјите од регионот води само кон ЕУ и единствен начин да се стигне до таа дестинација е справувањето со корупцијата.
На панелот, кој се одвиваше под модераторство на Дармендра Канани, се обрати и Филип Донкел, амбасадор на Луксембург во Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина и Србија , кој изјави дека мора да се менува светогледот на младите луѓе, а реформите во ЕУ мора да ја приоретизираат благосостојбата на граѓаните.

За значењето на регионалната соработка помеѓу владите, граѓанскиот сектор и другите чинители, зборуваше директорката на Регионалната антиокорупциска иницијатива, Десислава Гоцкова, која нагласи дека не е доволно само да се има политичка волја за борба против корупцијата, туку таа мора да се преведе во политики и мерки кои се имплементираат во пракса.

На панелот учествуваше и Александар Кржаловски од Македонскиот центар за меѓународна соработка, кој нагласи дека граѓаните ја гледаат корупцијата како најголем проблем и вршат притисок врз властите за активни и ефективни мерки за справување со овој проблем.

Заклучни видувања на панелот даде заменичката министерка за правда, Викторија Аврамовска Мадиќ, која посочи дека во меѓународните извештаи, меѓу кои и извештаите на Европската комисија за Северна Македонија е констатирано дека е поставена сеопфатна национална правна и институционалната рамка, во голема мерка усогласена со европските стандарди, но останува предизвикот за имплементација на легислативата од страна на институциите и тоа е нешто на кое треба да се насочиме во иднина.