Специјалните сили, „Волците“ и ЕБР попладнево изведоа алпинистичка вежба во демиркапискиот регион. Меѓу другите, присутни беа и министерот за одбрана Владо Мисајловски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, началникот на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски и директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев.
Министерот Мисајловски во изјава за медиуми рече дека ова е убава активност и му претставува чест што може да се видат како специјалните единици го покажуваат својот квалитет.
– Денеска имаме една убава активност. Заедно со министерот за внатрешни работи, со началникот на Генералштабот, со директорот на БЈБ и со повеќе старешени, имавме една прекрасна вежба, алпинистичка вежба, каде што можевте сите да бидете сведоци на една тимска работа, каде што нашите специјални сили, „Волците“ но и ЕБР заеднички со една посебна синергија ги покажуваат, квалитетите, нивната професионалност, но и она што најмногу мене ме радува е тимската работа, заенички се подобруваат, заеднички во секоја акција и секогаш први. Затоа навистина ми е чест денеска да ги видиме сите овие специјални единици, да го покажат квалитетот, но и да покажат дека се навистина гордост на Македонија – истакна Мисајловски.
Тој нагласи дека овие специјални единици треба секој еден во државата да ги почитува, бидејќи секогаш, каде и да се случи несреќа или што и да се случува во рамки на безбедноста на државата, секогаш се први и секогаш дејствуваат.
– Затоа сакам уште еднаш од тука да им се заблагодарам од мое лично име, но и од името на граѓаните што навистина, нивната работа е навистина тешка. Секој ден се соочуваат со различни несреќи, но и различни предивици. Денеска можевте да видите како оваа вежба покажува како се справуваат со повредени лица. Тука во Демир Капија на овој карпест предел, можевме сите да бидеме сведоци како брзо се справија со сите предивици, но и спасија ранети лица. Навистина, секоја чест, продолжуваме заеднички тимски за со МВР да правиме многу вежби и во иднина, за да покажеме дека нашите специјални сили, заеднички, зборувам и на Армијата, но и на МВР, се најдобрите специјални единици – додаде министерот.
Тој рече дека ќе вложуваат максимално колку што може во нивните буџети со нови вежби со нови буџети дополнително, бидејќи, подвлече, никогаш не треба да се штеди за овие вежби за овие специјални едниници.
Министерот Тошковски, исто така, се заблагодари на сите учесници во рамки на денешната акција.
– Овие луѓе кои денеска ги видовте се душата на Македонија. Така да, огромна благодарност до нив, огромна благодарност за сето она што го прават. Со ваква заедничка акција што е спроведена сега, ги имало и претходно – ќе ги има и во иднина, го зајакнуваме духот, ги зајакнуваме сите оние капацитети што треба да бидат зајакнати од аспект на физичка спремност, тактичка подготвеност и сето она што значи едно специјално делување на нашите најелитни единици – посочи Тошковски.
Одговарајќи на новинарско прашање, тој појасни дека дел од овие единици помагаат и при преземање на сите оние оперативни акции што се во насока на преземање дејствија кога е потребно да се стави во функција медикоптер или на каков било друг начин да се пристапи до ваков тип непристапни терени.