Полицијата поднела пријави против сите лица што ја нарушиле безбедноста во Арачиново откога општинската администрација минатата недела извести дека нема да работи оти градоначалникот Ридван Ибраими добил закани по животот.
Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, денес апелира сите што имаат недоразбирања, лични или политички, да си ги разрешат и институциите да функционираат.
-Двапати имаме пријави во однос на вакви настани. Преземени се сите неопходни мерки за кои се поднесени сите соодветни пријави во однос на лицата што практично ја нарушуваат безбедноста. Апелирам овие недоразбирања што ги имаат од кои било причини, дали се лични и политички, ќе треба да се разрешат затоа што не смее граѓаните на Арачиново да бидат заложници на состојбите што ги има таму. Секако дека македонската полиција стои на располагање доколку има потреба да се осигури безбедност на кој било затоа што во државата не смее во ниту еден момент никој никого да го напаѓа ниту, пак, да претставува опасност за него, но ако има лични недоразбирања или какви било мотивации за таквите недоразбирања, да ги расчистуваат, а институциите да функционираат нормално во интерес на граѓаните – рече министерот Спасовски на промоцијата на пилот-проектот „Дигитален толкувачки сервис за глуви и наглуви“.
Тој објасни дека ова не е прв конфликт во oпштината, кој, според информациите на полицијата, се случил поради нерасчистени лични интереси.